Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ВЕТЕРАНКАТА ОЛИВЕРА НИКОЛОВА ПО ВТОР ПАТ ЛАУРЕАТ НА РОМАНОТ НА ГОДИНАТА

March 17, 2020 Filed Under: Ревија

„Песот со тажен поглед“ на оваа писателка е избран за роман на 2019 година со тајно гласање и со мнозинство на гласовите, Николова (84) не присуствуваше на објавата – ги почитуваше мерките за мирување во време на корона вирусот

ОЛИВЕРА НИКОЛОВА Таа има 84 години и достоен опус зад неа

Романот „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова, со тајно гласање и со мнозинство гласови беше избран за „Роман на годината“ за 2019 година на конкурсот во организација на Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Тој беше распишан лани на 15 декември и траеше заклучно со 15 јануари 2020, а пристигнаа вкупно 38 романи.

Воедно Николова е прва од досегашните лауреати која оваа награда ја добива по втор пат, прв пат наградата „Роман на годината“ и е доделена за романот „Куклите на Росица“ објавен во 2004 година.

Песот со тажен поглед“ е роман кој својата приказна ја темели на историски податоци, а фикцијата деликатно се испреплетува со фактите. Директното, експлицитно посочување на изворникот (мемоаристичката книга „Мојот балкански дневник“ на Џ. Џонстон Абрахам, еден од докторите кои престојувале во Скопје за време на Првата светска војна) чиешто „ехо“ е романот, воопшто не ѝ пречи на приказната, туку напротив, овозможува увид во слоевитоста и комплексноста на наративните постапки.

Писмото на Николова е моќно, автентично и рафинирано. Таа и во овој роман го покажува истенченото чувство за детали, кои го збогатуваат наративниот мозаик, и кои суптилно исткајуваат мрежа од симболи. Смелата авторска идеја е успешно реализирана во творечки резултат со високи естетски вредности. Авторката умешно ја води приказната до самиот крај, одржувајќи ја компактноста на структурата, уверливоста на изградените ликови и книжевни ситуации, како и стилско-јазичната префинетост.

Оливера Николова (1936, Скопје) е писателка за деца и возрасни. Попознати дела за деца, од дваесетина издадени, и се: „Зоки Поки“, „Земја во која не се стигнува“, „Пријателите Бон и Бона“, „Девојките на Марко“ и други.

ПРВ ПАТ ПО ВТОР ПАТ Членовите на Фиондацијата објавуваат дека Николова по втор пат станала лауреат на Романот нa годината

Нејзини дела за возрасни се книгите раскази „Ден за летување“ и „Лева комора“, комедијата „Сребреното јаболко“, а некои од нејзините најпознати романи се: „Вежби за Ибн Пајко“, „Куклите на Росица“, „Белиот чад“, „Пешаци по црни полиња“ и други. Добитничка е на повеќе домашни и меѓународни признанија.

Во пристигнатите дела за наградата „Роман на годината“ се забележливи различни поетичко-стилски тенденции и струи – некои од романите ја рефлектираат целокупната општествено-политичка клима во земјава, други пак, гравитираат околу некои од најсуштинските интимни и егзистенцијални прашања, преиспитувајќи и книжевно обмислувајќи го односот со другоста, идентитетот, историјата (личната и колективната) итн.

За наградата одлучуваше жири-комисија составена од: Николина Андова Шопова (претседателка и минатогодишна лауреатка), писателот Милован Стефановски, универзитетската професорка Весна Мојсова–Чепишевска, писателот Славе Ѓорѓо Димовски и претставничката на Фондацијата „Славко Јаневски“ Катерина Богоева. Комисијата направи повеќе селекции, при што на првиот состанок беше направена селекција од дваесет романи, на вториот состанок беа селектирани десет романи, а на третиот беа одбрани петте финалисти: „Молчи со отворена уста“ – Снежана Младенова-Анѓелков (Или–Или), „Пагански времиња“ – Драги Михајловски (Просветно дело), „Песот со тажен поглед“ – Оливера Николова (Матица Македонска), „Последните денови на Ханс“ – Михајло Свидерски (Или-Или) и „Приказни за госпоѓица Сит“ – Билјана С. Црвенковска (Чудна шума).

ПРОГРАМА Во чест на наградата и Славко Јаневски во Кинетата беше предвидена програма ама истата се одложува, најверојатно за наесен

Filed Under: Ревија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet