Иванов може да го блокира евентуалниот договор со Грција, на што одамна требаше да се алармира. Лидерот на опозицијата Мицковски дури пред странците може да игра „аминџиска улога“ во однос на евентуалниот договор по ова прашање а всушност да чека на ветото на Иванов, па да излезе она „што се може“
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
При едно неодамнешно гостување на тркалезна маса во телевизијата 24 Вести, во делот од дискусијата која се однесуваше на позицијата на претседателот Иванов во нашиот систем, истакнав дека шефот на државата од Вилата во Водно го демне процесот на грчко – македонските преговори за името. Или поточно, дека тој до крај на надатот и со проширувања на своите овластувања ќе биде против оваа влада и нејзините потези и кога таа ќе има поддршка на јавноста и парламентарно мнозинство!
Оваа тема некако се ишкаше од пред очи се додека Иванов не „го подигна носот“ кога Заев го предочи предлог името од преговорите меѓу министрите за надворешни работи на Грција и Македонија во Клубот на пратениците, кога побара детали. Кога тие детали ги доби во една подоцнежна изјава на премиерот Заев (во средата), тој веднаш го отвори ковертот и го прочита од порано напишаниот став (рече дека тоа е одлука во духот на неговите претходници!) дека не се согласува со име кои би било ерга омнес. Ова, сега се сетивме, значи дека тој нема да потпишува соодветни акти на парламентарниот состав!
Според изјавата на министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој во четвртокот го информираше шефот на државата Ѓорге Иванов за последните детали од преговорите со Грција, Иванов го повторил тој став по што некои уставните експерти посочуваат дека шефот на државата има правни механизми да го спречи спроведувањето на евентуалниот договор.
На прашање на другите учесници од дебатата што ја споменавм во воведот на текстот, што тоа не би потпишал Иванов, јас споменав дека тоа би бил најпрвин документот кој би произлегол од првото изјаснување на нашиот Парламент, некаква, да речеме, Декларација за добрососедство со Грција, како онаа со Бугарија.
И во некои медиуми стоеше сознанието, добиено по средбата на лидерот на опозицијата со главни уредници на неколку гласила, дека ВМРО ДПМНЕ како дел од одбраната на својата позиција ја има и во вид на опструкцијата на Иванов, како веројатно договорен дил, при што Мицковски „би попуштал“ а Иванов би ја ставил браната на ефектите од договорот.
Уставните експерти сега потврдуваат дека тој може да не го потпише Указот за ратификација на евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција кој како што најави и премиерот Зоран Заев би се гласал во Собранието со мнозинство од најмалку 61 пратеник. Со додавка дека се надева дека за тој акт би гласала и опозицијата.
Претседателот би можел да постапи слично како и во случајот со Указот за законот за употреба на јазиците, кој одби да го потпише откако Собранието дури два пати гласаше за него, велат уставните експерти.
„Иако целата ситуацијата упатува на тоа дека не би требало претседателот да не го потпише Указот за евентуалниот договор со Грција, ако за него гласале мнозинството пратеници, тој може тоа да го стори без разлика колку е издржано или оправдано” вели поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски за Радио Слободна Европа.
Овој извор укажува и на фактот дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија веќе ја имал чуден превез од страна на шефот на државата. Него го потпишаа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов по што беше ратификуван во Собранието. Указот за прогласување на Законот за ратификација на тој договор, откако пратениците го изгласаа, е објавен во Службен весник на 18 јануари, под него стои името и презимето на претседателот Ѓорге Иванов до кое пишува ја става кратенката „своерачно”. Указот е со датум 15 јануари
Во однос, пак, на други проблематични точки кои би можеле да се јават меѓу претседателот и Владата за евентуалниот договор за името, упатените велат дека во оваа фаза нема многу што да се спори.
Според членот 119 од Уставот, меѓународните договори во името на Македонија ги склучува претседателот, а може да ги склучува и Владата кога тоа е определено со закон.
Со законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, донесен во 1998 година доста широки ингеренции и се даваат на владата. Со него се предвидува таа да може да склучува меѓународни договори во многу области освен како што пишува за прашања во врска со границата на Република Македонија, стапување во сојузи или заедници со други држави или за истапување од такви сојузи и заедници и други меѓународни договори кои, според меѓународното право, ги склучуваат шефови на држави”.
Уставните експерти посочуваат дека овој член претседателот би можел да го активира дури при приемот на Македонија во НАТО, но земајќи го предвид времето од врачувањето на поканата за членство, до официјалниот прием, тоа би се случило по редовните претседателски избори кои треба да се одржат во април идната година.
Инаку една од првите фази ако дојде до договор за името е ратификацијата во Собранието која би следела откако премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас би го потпишале договорот. Потоа како што рече и премиерот Грција ќе испрати писмо до НАТО за земјава да ја добие поканата за членство, а наесен би се организирал референдум за името. По него, како што објавија медиумите, а Заев ги потврди наводите, ќе бидат потребни уставни измени кои ги бара Грција поради нивната позиција за ерга омнес име. По нив договорот би бил ратификуван и во грчкиот парламент со што Македонија би станала членка на НАТО и би се откочиле преговорите за влегување во Европската унија.
По осамостојувањето се одело кон тоа ретседаелот Глигоров да има моќ да ги „скротува“ далеку помладите политичари – јуноши со ѓто добивме некаков полупретседателски систем, во кој Иванов си креираше можност да има дури и право на двојно или некои го нарекоа – џебно вето. И така да ја блокира првата власт во земјата – Парламентот а индиректно и Владата.