БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
Секако, зошто не би го послушале добриот човек Заев и не би аплаудирале задоволно, што воопшто некој, како Франција, ни направил чест да ни го спомене името на Самитот на европските лидери. Нашето сираче од име, ве молам, некој воопшто и го проговорил, име, чие менување беше со години клучниот услов за некаков сериозен напредок во европските интеграции.
Се разбира дека ќе го послушаме културниот апел на премиерот Заев- да не го критикуваме францускиот амбасадор во земјава, Тимоние, кој студено ни соопшти дека никој никогаш и не ни кажал дека требало да очекуваме преговори со ЕУ.
Секако, зошто не би го послушале добриот човек Заев и не би аплаудирале задоволно, што воопшто некој, како Франција, ни направил чест да ни го спомене името на Самитот на европските лидери.
Нашето сираче од име, ве молам, некој воопшто и го проговорил, име, чие менување беше со години клучниот услов за некаков сериозен напредок во европските интеграции.
Не, навистина нема никаква логика да сме огорчени, бесни, лути, шокирани, што ни беше тресната во лицето некаква политичка порака од Франција- дека всушност и никој, апсолутно ништо и никогаш не ни ветил.
О, да, зарем не сме дознале до сега дека сите ние, сме паднале во национална кома овој мај, оваа година, дека сме сонувале блажено и сме фантазирале во несвесна состојба, сме си замислувале нерационално и ни се привидувале некакви логично распоредени букви и со некаков разумен смисол, составени реченици.
Некаков Извештај на Европската комисија- добога сме мислеле дека читаме- во кој јасно и читко пишува дека сме добиле препорака за почеток на преговори, сме читале ли воопшто или е ова само некаков привид, кратка илузија, пусти занес наш?
Ние не сме знаеле, не сме ни претпоставувале дека сме умислувале дека гледаме пред нас кредибилен политички документ, кутрите ние неопитни и затуцани политички аматери. Не сме имале воопшто ни најмала претстава дека станувало збор за безвреден лист хартија, мртви букви кои свиснале и овенале, неразбирливи шкртаници, утопски, бесмислени фантазии на некаков самопрогласен европски клуб.
Ве молам, од каде да знаеме, ние изгубените балкански души низ европските лавиринти, празноглави и шупливи, политички аналфабети, дека станува збор за фиктивна Комисија, непостоечка, измислена во нечии евтини романтични романи, треснати на некоја прашлива тезга низ балканските бакалници, испечатена во некој многумилионски примерок, слаткоречива, безвредна поезија читана пред маалските гранапчиња, додека капе млакото пиво врз нашите комунистички боросанки.
Кој да ни каже дека сето она досега што сме го гледале низ сликите и сведоштвата од Брисел, сите овие децении наназад, кој да ни соопшти нам, залутаните во непостоечкото, дека тоа немало никаква политичка вредност, ниту сериозна тежина.
Дека некој воопшто ја препознавал како релевантна и кредибилна таа бриселска трома бирократија, освен шоферите на двоспратните туристички автобуси кои кружат околу Берлемо зградата, кај улицата со име-Rue de la Loi. Улица на Законот. Веројатно тоа е патот и до Правдата.
Тие, бриселските мајстори, ќе се смилуваат да ве провозат наоколу, ако со очаен глас ги замолите да ве одведат до овој политички Дизниленд, панаѓурско место за амбициозни туристи со жар во очите, кое ги руши кулисите откако ќе зајде сонцето и чуварите со строг и неумолив глас ќе ве протераат.
Во ред, претходно ќе ви биде дозволено да уживате за миг во оваа холивудска филијала на Сансет Булеварот, да се сликате панично пред европски знамиња пред да се погрижи перфидното бриселско Биро за Коперфилдски трикови да ги снема доколку посака. Кој да знае дека тие горди национални знамиња биле посадени сосила, тупнати таму заради чисто освежувачки мотиви, живописен декор, да зјапате хипнотизирачки во нив, како да се вкотвила Марина Абрамовиќ со нејзиниот лукав уметнички перформанс.
Целиот свет да знаел, а само ние не, дека тоа била само празна, измислена институција, заради политички баланс во светот, утописка слика на замислено идеално општество, каде Роберт Шуман и Жан Моне се само фиктивни идејни татковци, творци на визијата за ширење на демократските вредности, особено кај малите, кревки земји, излезени едвај од тегобните челусти на комунизмот.
Европската комисија да била, кој да претпостави, практично непостоечка групација, некаква млитава, бескорисна невладина организација, подгрупација на занесени лелујави Јеховини сведоци, маргинално волонтерско друштво, здодевен до смрт пензионерски клуб, каде се плетат чорапи во национални шари и везат со свилена срма старомодни гоблени од средниот век, кој да знае, ех, кој да претпостави.
Ние, Македонија, сме биле тука само заради наплаќање на масни билети во тој политички Дизниленд- да не вртат до несвестица низ тобоганите и вртелешките, да не покажуваат со злобна насмевка во Куќата на стравот, да внесеме дополнителна забава во зачараната палата на Снежана, да очекуваат од нас да ги засмејуваме, глумејќи ги плачковците и смешковците на нејзините џуџиња.
Доколку одбиеме да бидеме сето ова, Заев љубезно ќе не замоли да не го критикуваме Тимоние, ниту Макрон, ниту пак официјалната политика на европските лидери, кои еднакво ја изгубија визијата на Шуман и Моне, како што и ние низ деценииве лутаме низ демократските процеси, за кои треба време, многу време. Но, ние одамна ги немаме на располагање тие нивни поминати векови, оние на европските зрели демократии, тие векови низ кои ги граделе судството, медиумите, администрацијата, образованието, слободите, правата, столбовите во општеството.
Затоа ни се потребни тие, конечно, затоа и сме им потребни ние- опасноста од нас, од балканскиот котел тие добро ја знааат, но којзнае како, тие европски прваци станаа само обична сенка од великаните-визионери за обединета Европа.