Виетнам беше најсиромашната земја во светот, а просечниот годишен приход беше дури и помал од оној на Сомалија. Денес, економијата на земјата расте како речиси ниедна друга во светот. Како Виетнам постигна овој огромен напредок? Огромен поттик дојде во 2018 година со казнените тарифи што ги наметна првата администрација на Трамп за кинеските производи

ФОЛКЕР ХИРТ
На 23 јануари 1973 година, американскиот претседател Ричард Никсон во обраќање до своите сонародници го објави крајот на Виетнамската војна. Но, во тој момент, стануваше збор само за повлекување на американските трупи – мирот дојде две години подоцна, а земјата беше поделена и уништена.
Следеа години на огромна сиромаштија, кои траеја до 1990-тите, изјави историчарот Рајнер Цителман за германскиот јавен радиодифузен сервис ARD. „Во 1990 година, Виетнам беше најсиромашната земја во светот – посиромашна од сите африкански земји. БДП по глава на жител беше само 98 долари – помалку отколку во Сомалија или Сиера Леоне.“
КОГА ЗАПОЧНА ПРОМЕНАТА Денес, 35 години подоцна, просечниот годишен приход е околу 5.000 долари. Ова е сè уште мало, но претставува огромно подобрување во споредба со вредностите од 1990 година, истакнуваат германските медиуми.
Промената започна во 1986 година. Во контекст на катастрофалната економска состојба, владата беше принудена да преземе мерки – со таканаречената политика на отворање и обнова, според која земјата се отвори за странски компании.
Петер Бурстеде, инвестициски консултант за германски компании во Виетнам, забележува за ARD дека вистинскиот пробив се случил многу подоцна. „Големиот прилив на странски инвестиции започна дури со пристапувањето кон Светската трговска организација во 2007 година. А последниот огромен поттик дојде во 2018 година со казнените тарифи што ги наметна првата администрација на Трамп за кинеските производи.“

СТРУЈА СЕ ДОБИВА ОД ЈАГЛЕН Дали сега можеме да очекуваме нов поттик, со оглед на тоа што Виетнам повторно има корист од трговскиот конфликт меѓу Кина и САД? Плановите се амбициозни, објаснува ARD – до 2045 година земјата сака да биде меѓу индустриските нации. И тоа не е сè, вели Бирстеде: „До 2050 година, Виетнам сака да постигне климатска неутралност – како и многу други земји во светот. Но, економијата на Виетнам сè уште има долг пат пред себе, бидејќи, половина од неговите потреби за електрична енергија сè уште се покриваат со јаглен“. Се чини дека Виетнам сака да се потруди, коментира понатаму германскиот медиум. До 2050 година, земјата сака да стане и еден од главните глобални играчи во производството на чипови. Дитмар Шванк од Австриската стопанска комора во Ханој за ARD изјави дека има одредени сомнежи во врска со ова. „Повеќе од 40 странски компании за полупроводници веќе инвестирале во Виетнам, но на земјата ѝ се потребни околу 50.000 инженери за полупроводници до 2030 година за да може да се справи со плановите“.
НИСКИ ПЛАТИ, ВИСОК РАСТ Најголемиот германски производител на полупроводници „Инфинеон“ исто така има присуство во Виетнам. Генерално, Германија е добро претставена во земјата, вели Бирстеде. „Секоја година се додаваат пет до десет фабрики, развојот е релативно константен, но германската посветеност не може да се спореди со онаа на Јапонците, Кинезите, Тајванците или Корејците, кои се најголемите инвеститори тука.“
Засега, Виетнам останува земја со ниски плати – нивното ниво е половина од она на Кина. Земјата привлекува со големи индустриски зони, добра инфраструктура и стабилен раст. Во текот на изминатите десет години, тој во просек изнесуваше 6%. А тоа значи дека Виетнам може да се смета за една од најбрзо растечките економии во светот.
(авторот е новинар на АРД)