Држава со изразита должина крај морето, со младо и трудољубиво население и со огромни наслаги во утробата: Виетнам од 100 милиони луѓе доживува ви
стински бум. Не само поради вештото балансирање помеѓу сосема различни партнери и интереси
КРИСТИЈАНА ЈУСТУС
Само минатата година Ханој го посетија двајца од највлијателните политичари во светот – претседателите на САД и Кина. Интересно е да се види како на Виетнам му се додворуваат најголемите, пишува германскиот јавен медиум АРД во опширната публикација за земјата од 100 милиони жители, која моментално доживува вистински бум.
Со САД, Виетнам го одржува т.н сеопфатно стратешко партнерство, кое е највисоко ниво на дипломатски односи. И потпишан е договор со Кина за изградба на „заедничка иднина“. Дополнително, склучува сојузи со други важни партнери, на пример со Јапонија, исто така посочува германското издание.
ВИЕТНАМСКАТА „БАМБУС ДИПЛОМАТИЈА“ „Виетнам не сака да се стави во ситуација да избира меѓу одделни сили, туку се обидува да биде пријател со сите, користејќи го ривалството меѓу нив во своја полза“, рече Хуон Ле Ту од невладината организација International Crisis Group. Не случајно надворешната политика на Ханој се нарекува „бамбус дипломатија“: таа е флексибилна во сите правци, но, како бамбусовиот стап, не се крши лесно.
Во последниве години, политичките набљудувачи забележаа опипливо засилување кај Виетнам: земјата се обложува на повеќестрана надворешна политика која се состои од изградба на мрежа од различни партнери за да ја држи Кина под контрола.
Од една страна, Кина и Виетнам следат заедничка идеологија: двете земји се комунистички режими, авторитарни еднопартиски системи. Од друга страна, односите меѓу нив се затегнати поради територијалните претензии во Јужното Кинеско Море и се поагресивното однесување на Кина во регионот, потсетува АРД. Затоа, Вашингтон е исклучително важен партнер од безбедносна гледна точка. Така, САД, кои пред само неколку децении војуваа со Виетнам, денес се меѓу нивните важни пријатели.
Социјалистичката народна република е долга копнена лента долж западниот брег на Јужното Кинеско Море. На север е главниот град Ханој, а на југ е економската метропола Хо Ши Мин Сити, поранешен Сајгон.
ТАКТИКА „КИНА ПЛУС ЕДЕН“ Во Виетнам живеат околу 100 милиони луѓе. Населението е претежно младо, а најголемата група се луѓе на возраст меѓу 30 и 34 години. Виетнамците се добро образовани и вредни, а неодамна нивната земја се развива со брзо темпо. Минатата година, Виетнам постигна раст од 5% и се смета за една од најдинамичните економии во Југоисточна Азија – уште една причина зошто му се додворуваат сите, вклучително и Европа. Виетнам пред три години потпиша договор за слободна трговија со ЕУ, а има голем број билатерални трговски договори со други земји.
Во моментов, земјата има корист и од стратегијата за диверзификација на западните компании. „Кина плус еден“ се нарекува оваа стратегија за намалување на зависноста од производството во Кина. Оваа нова политика работи во корист на Виетнам, каде што многу западни компании инвестираат во градење производствени бази за извоз.
Покрај тоа, Виетнам има огромни наоѓалишта на ретки метали, кои се користат, на пример, во производството на микрочипови. Богатството на суровини, исто така, ја прави земјата привлечна за меѓународните инвеститори кои сакаат да ја намалат зависноста на нивните синџири на снабдување од Кина.
ДРУГАТА СТРАНА НА МЕДАЛОТ Сепак, растечката геополитичка важност на Виетнам во борбата за превласт меѓу Кина и САД има свои негативни страни. „Западните партнери сега вршат помал притисок за да ја подобрат ситуацијата со човековите права во Виетнам“, рече Нгујен Џанг, виетнамски експерт во тинк-тенк ISEAS со седиште во Сингапур.
Еден пример: суровите постапки на властите против активистите и еколозите. Во извештајот на Амнести интернешнал се зборува за „малтретирање, следење, произволно притворање и политички мотивирано гонење“ на активисти, како и за „алармантни случаи на тортура и други форми на малтретирање“.