А за ова што велите дека моето разрешување е една од ретките работи за кои партиите постигнале консензус, тоа е веројатно затоа што без разлика кој и на која политичка партија припаѓа, кога имало доволно докази, се процесуирале обвиненија – вели поранешната шефица на ОЈО ГОКК во интервју за „360 степени“ на МРТ 1
Постапките што ги отворивме додека бев шефица на Основото јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се причината за моето разрешување – вели Вилма Русковска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. На новинарска констатација дека „ако човек биде саркастичен, ќе рече – за многу малку работи СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ имаат исти ставови или постигнуваат консензус, а нејзиното разрешување од функцијата јавен обвинител личи на една таква работа“, Русковски коментираше дека политиката никогаш немала влијание врз нејзината работа.
„А за ова што велите дека моето разрешување е една од ретките работи за кои партиите постигнале консензус, тоа е веројатно затоа што без разлика кој и на која политичка партија припаѓа, кога имало доволно докази, се процесуирале обвиненија“,
рече таа.
За реакцијата на опозициската ВМРО- ДПМНЕ во која се вели дека „сосема е можно ова (разрешувањето, н.з.) да е резултат на ‘мафијашка пресметка’ во правосудството, но како факт останува дека Русковска доби заслужена максимална деградација од Советот на јавни обвинители“ и дека како обвинител за кој реагирале дека е „инструмент на власта во прогонот кон неистомислениците и патриотите, Вилма Русковска допрва ќе има прилики да зборува и да ги признае сите злодела кои ги извршила, како и тоа по чија наредба“, таа вели дека никогаш не била инструмент на која било партија.
„Со самото тоа што беа обвинети двајца генерални секретари на актуелнава власт, мислам дека тоа доволно зборува. А што се однесува до членови или приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, веројатно мислат на предметот за 27 април, за кој треба да се знае дека беше рефериран пред сите заменик-обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија, беа присутни колеги од Вишото обвинителство и одлуката беше едногласна – предметот да се процесуира со таа правна квалификација за ‘терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност’“, вели Русковска.
Формално, дисциплинската постапка за Русковска беше отворена по случајот со претресот во Управата за финансиска полиција. Но, прашана што реално ѝ пресуди, таа наведе неколку постапки.
„Се отворија повеќе постапки. Како што кажав, двајца генерални секретари на Владата, потоа за станицата за технички преглед ‘Виа комерц’, се отворија и постапки по пријава на државното правобранителство во предистрага и за неправилната денационализација на фабриката ‘Треска’. Се отвори предистрага и за земјиштето во Општина Карпош на ‘Пуцко петрол’, исто по пријава на државното правобранителство“, одговори таа.
Инаку, членовите на Советот на јавни обвинители во четвртокот едногласно ја разрешија поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, од функцијата јавен обвинител.
За да се избегне политичко влијание врз републичкиот јавен обвинител, треба да се смени начинот на кој се прави неговиот избор – смета поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, која во четвртокот беше разрешена од функцијата јавен обвинител по дисциплинската постапка што ја иницира токму државниот обвинител Љубомир Јовески
За да се избегне политичко влијание врз републичкиот јавен обвинител, треба да се смени начинот на кој се прави неговиот избор, вели поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска. Таа додава дека споделува ист став со министерот за правда Кренар Лога дека наместо со просто, Собранието треба да го избира државниот обвинител со двотретинско мнозинство.
„Имав прилика во месец јули, на еден настан, да се сретнам со министерот Лога и да разговараме токму на таа тема. И негово мислење и став, со кој апсолутно се сложувам, е да се избира (државниот обвнитител, н.з.) не со обично мнозинство, туку со двотретинско во Собранието. И тогаш ниту една партија не може да каже – еве, покоен Зврлевски, партиски војник на ВМРО – така го етикетираа. Или Љубомир Јовески – партиски војник на СДСМ. Јас не верувам дека ниту едниот ниту другиот биле до толку партиски војници. Но, кога Владата го предлага, нормално, се претпоставува дека тој или таа е близок со таа партија“, вели Русковска во интервју за „360 степени“.
Според неа, двотретинското мнозинство ќе обезбеди поширока дискусија меѓу парламентарците и со тоа ќе мора да најдат консензус за најдобриот кандидат, а не како сегашната процедура кога Владата го предлага, а Собранието го гласа со обично мнозинство.
Русковска беше прашана и каде „пукна тиквата“ во нејзините односи со државниот обвинител Љубомир Јовески, кој ја иницира дисциплинската постапка за неа и за нејзините колешки Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска.
„Имавме одлична релација, одлична комуникација. Се сеќавам, бев на годишен одмор кога ми се јави обвинителот. Си разговаравме и следниот ден, навистина бев изненадена кога излезе соопштението за медиуми од Јавното обвинителство на Република Македонија против мене. Навистина бев изненадена, претходниот ден ние разговаравме на телефон. Што било причината, навистина не знам“, изјави Русковска.
Иако вели дека никогаш не прифатила политички притисок врз нејзината работа, Русковска смета дека за да се промени негативната перцепција, „политичарите треба да ги тргнат рацете од судството“.
„Еве и јас ќе цитирам од меѓународните извештаи дека ‘политичарите треба да ги тргнат рацете од судството’ воопшто. Тоа мислам дека амбасадорот на Кралството Холандија во едно обраќање го има кажано, а стои и во Извештајот од Европската комисија. Јас не сум прифаќала никаков притисок и затоа дошло до мое разрешување“, вели Русковска.