Кривичната пријава ја поднесе обивнетата во аферата Диамед а очевидна беше асиистенцијата на техничкиот мионистер за внатрешни работи Чулев кој изјави дека за постапување во овој случај чека инструкции од Обвинителството
Шефицата на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во интервју за „360 степени“ зборуваше и за видео и аудиоматеријалите кои се појавија во јавноста за наводно поврзување на екс-директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев со случајот „Диамед“.
„Тоа е посебен предмет за кој сега ме прашувате. Нема отворено истрага, колку што ме информира колегата кој постапува по предметот, истиот е во предистражна постапка“, рече Русковска.
На прашањето дали во овој предмет има поврзаност со случајот со „Диамед“, таа одговори дека единствената поврзаност е тоа што сопственичката на „Диамед“ е подносителот на пријавата за Дончев.
На видеоснимката за која Дончев беше повикан и во полиција, кога технички министер беше Наќе Чулев, можеше да се забележи како тој зема пари во готовина и ги става во торба, но не може да се утврди од кој период потекнува, ниту каде е направена снимката.
Заедно со неа, на Јутјуб каналот наречен „Лепливи раце“ беа објавени уште три аудиоснимки, за кои се тврдеше дека се поврзани со случајот „Диамед“ за што Дончев беше обвинет од ВМРО-ДПМНЕ дека го менаџира обидот да се одврати шведската компанија „Диаверум“ од купување на оваа фирма, заедно со министерот Венко Филипче.
На 5 мај годинава тогаш актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, си поднесе неотповиклива оставка. Според образложението, функцијата ја напушта од здравствени и семејни причини.
Да се потсетиме дека Дончев стана директор во август 2017 година. Тој на парламентарните избори во 2016 г. беше носител на листата во првата изборна единица од коалицијата „ВМРО за Македонија“ и важи за близок до ексминистерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски.
Беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ кога Никола Груевски го презеде раководењето на партијата, но по несогласувањата со него ја напушти партијата и подоцна се приклучи и беше активен во Обединети за Македонија.
Во мандатот на Љубчо Георгиевски, Ден Дончев беше директор и на „Македонски телеком“.
Инаку, во текот на раководењето со Фондот за здравство, опозицијата го споменуваше како активен учесник во аферата која ја нарече „Рекет 2“.
Станува збор за случајот „Диамед“. Според ВМРО-ДПМНЕ и поранешната сопственичка на „Диамед“, Дончев заедно со министерот за здравство Венко Филипче се обидел да ја попречи продажбата на оваа компанија на странскиот инвеститор „Диаверум“ од Шведска, со што сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување според член 353 од Кривичниот законик.
Ниту Фондот за здравство ниту Министерството не пробале да ја спречат продажбата на домашната фирма Диамед која има концесија за вршење дијализа, на странски инвеститор. Првиот човек на фондот Ден Дончев ги демантираше тврдењата на бизнисменката Вера Иванова која ги гони него и министерот Венко Филипче за злоупотреба на службената положба, бидејќи со лажни информации се обиделе да ја спречат продажбата.
Дончев вели тие само го информирале инвеститорот дека во постапката во доделување на концесијата имаат основани сомнежи за криминал и дека ќе следува истрага.
„Немаше никаков обид од државата да се блокира влезот на Диаверум – Шведска во Диамед. Централниот регистар уредно го префрли уделот од Вера Иванова и Смарт Холдинг Дубаи на Диаверум, а таа компанија веќе десет месеци стопанисува со Диамед Македонија. Тврдењата на Вера Иванова дека е нанесена каква било штета кон државата или буџетот е небулоза. Единствени вистински добитници од оваа трансакција се Вера Иванова на чија сметка легнаа 2.5 милиони евр,а тука и 9-те милиони евра во Монако“ – вели Дончев.
Обвини и за сомнителни трансакции на уделите на сопственост на фирмата и дека зад името на Иванова се кријат функционери од претходната власт.
„Имавме информација дека на Ристо Новачевски, кум на некогашниот Премиер Никола Груевски и воедно брат на неговата лична секретарка, Диамед Македонија во периодот 2014 до 2017, му исплаќа вкупни износи од: плата од преку 10 милиони денари. Исплата на надоместоци околу 17 милиони денари, разни готовински исплати од речиси 9 милиони денари. Преку картичка на Диамед Македонија, лицето подига 12 милиони денари, кеш пари од банкомат.“ – вели директорот на фондот за здравство.
Според адвокатот на Иванова пак, Дончев ја замајува јавноста во обид да ја затскрие својата одговорност.
„Дека некои од луѓето од бившата власт стојат зад сопственоста нема докази бидејќи се извршени неколку сериозни ревизии од наши и од странски ревизорски куќи кои ја потврдиле сопственоста и успешноста на фирмата. А дека концесијата е незаконита и криминална e смешно, а ниту Дончев, ако со сомневал во тоа, до ден денес не поднел кривична пријава за такво нешто“ – вели адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.
Директорот на фондот за здравство не прецизираше што ќе биде со договорите за концесија кои ги оцени како штетни за државните интереси. Освен на Диамед државата има доделено концесија со исти услови и на Систина во времетраење од 20 години.
(Р.Г.)