Кој смее да продава „македонско“ вино? Клучна дилема на Саемот на виното во Диселдорф
КОСТАС СИМЕОНИДИС
Германските медиуми јавуваат дека на Саемот на виното во Диселдорф, избила кавга меѓу македонските и грчките трговци. Кој смее да продава „македонски вина“? Грците, Македонците или дури и Бугарите? Мислењата се спротивставени.
Договорот од Преспа кој од пред неколку недели стапи на сила, му стави крај на долгогодишниот спор со името меѓу двете соседни земји Грција и од сега – Северна Македонија. Но суштински прашања како на пример трговски теми се уште не се доволно или воопшто не се разјаснети. Во однос на користењето на трговски марки за жал во договорот стои само дека двете страни треба да се потрудат да дојдат до взаемно решение во рамките на „искрен дијалог”. Во тоа треба исто така треба да помогне и една меѓународна експертска група и во следните три години да испорача конкретни резултати.
САЕМСКИ ТЕНЗИИ Реално нови тензии се неизбежни. “Најава“ за тоа веќе имаше на меѓународниот саем на вино „Провајн“ во Диселдорф кој се одржа од 17 до 19 март. Учеството на саемот на „Асоцијацијата на вина од Македонија (ВОМ)”, невладина организација која ги претставува македонските производител на вино, наиде на отпор кај грчките излагачи. Тие уште пред почетокот на саемската манифестација се побунија кај организаторот на „Провајн“ и побараа излагачите да се држат до одредбите од Преспанскиот договор и она што е пропишано во него.
„Ние сакаме и вината кои доаѓаат од Северна Македонија да се викаат така, а нашите да си се викаат македонски вина, како што си се патентирани на ниво на ЕУ од пред 20 години,” појаснува Стелиос Бутарис. Тој е еден од најпознатите производители на вино во Грција, инаку син на основачот на „Бутарис вина” и градоначалник на Солун, Јанис Бутарис.
Всушност „македонско вино” е производ кој е регистриран во ЕУ како заштитена географска зона како на пример „тирингшкиот колбас”. Тоа значи дека само вина од регионот Македонија во Грција направени од сосем специфични сорти на грозје може да се нарекуваат така.
НОВА ЕТИКЕТА „Асоцијацијата на вина од Македонија” пак има друго толкување. „Ние со децении продаваме вина од Македонија и се надеваме дека тоа ќе може да го правиме и во наредните 10 или 20 години.” Претставник на ВОМ кој не сакаше да биде именуван вели дека терминот „вина од Македонија” треба да може да го користат сите, и Грците, и Македонците, па дури и вино-производители од Бугарија, каде исто така има дел од античка Македонија. Но како во овој случај купувачот ќе може да направи разлика помеѓу овие производи? Сосем едноставно: на етикетата секогаш стои земја на потекло, а во случајов ќе пишува производ од Република Северна Македонија или производ од Грција.
„За ова може да се земе примерот на Германците, Французите или Луксембург“, вели еден производител на вино од Северна Македонија. „Реката Мозел тече низ овие земји и сите три продаваат вина од Мозел”.
Ваквите и други аргументи сигурно ќе бидат тема на дебата кога наскоро ќе започнат преговорите меѓу двете земји, како што е предвидено со Преспанскиот договор. Но, тоа секако нема да биде лесно. Теоретски грчката страна има подобри карти. Тие може да се повикаат на фактот дека терминот „македонски вина” веќе две децени им е регистрирана и заштитена трговска марка. Понатаму, грчките производители може да се заканат со блокада на членството на Северна Македонија во ЕУ, ако оваа земја не попушти.
НИКОЈ НЕ СЕ ОТКАЖУВА Но малата балканска земја исто така нема лесно да се откаже. Навистина, таа нема соодветен правен аргумент, но може да се повика на чисто економски аргументи: во изминатите децении Северна Македонија се избори и си обезбеди силна позиција на пазарот. „Ако ги прашате Германците за ‘вино од Македонија’ тие најчесто ќе ви покажат на вина од Северна Македонија, а не од Грција”, признаваат и грчките вино-производители. Тоа е резултат на извозно -ориентираната стратегија, која Грците не ја следеа со ист елан.
И покрај различните позиции и очекуваните тензии, вино-производителите од двете земји се согласни во едно. Мора да се пронајде решение кое ќе им оди во прилог на двете страни, и на грчките и на македонските производители велат тие за ДВ.
Инаку на јубилејниот 25 саем „Провајн“ имаше 61.500 посетители од 142 земји што е многу повеќе од мината година. Повеќе од 6.900 излагачи на вина и алкохолни пијалоци дојдоа од 64 земји. Најголемиот дел од нив беа од Италија (1645) и Франција (1576), а потоа од Германија (978), Австрија (335), Шпанија (661) и Португалија (387).
Грчката влада ги повика трговците да учествуваат во разговорите со своите колеги од Северна Македонија со цел да се испеглаат потенцијалните недоразбирања во врска со користењето на името Македонија.
„Оптимист сум дека со ладни глави и дијалог меѓу професионалци може да се најде решение“, изјави грчкиот генерален секретар за трговија и заштита на потрошувачи, Димитрис Авлонитис.
Околу 4.000 производи во Грција го користат името „Македонија“ на своите етикети, особено оние од грчкиот регион Македонија.
Согласно Преспанскиот договор, Грција се согласи да не го спречува користењето на името „Македонија“ од страна на соседната земја, но тоа предизвика несигурност кај грчките трговци кои сакаат да го заштитат името под кое тргуваат.
„Имаме адекватни инструменти. Меѓународното право и Европските договори можат да им помогнат на бизнисмените да ги заштитат своите производи“, вели Авлонитис.
„Постоеше ризик од забуни дури и пред договорот“, додава тој.
МАКЕДОНСКО ВИНО ВО ГЕРМАНСКИ СУПЕРМАРКЕТ Веќе постојат 19 регистрирани грчки брендови и имиња на компании кои го носат името Македонија, вклучително и македонско вино и македонска алва. Во Северна Македонија, најпроминентно место на извозната листа зазема македонскиот ајвар.
Согласно договорот меѓу двете земји, треба да се одржат „искрени“ разговори на кои ќе се бара компромис за трговските марки и комерцијалните имиња. Во нив ќе учествуваат и меѓународни експерти. Комисија на експерти ќе биде основана годинава и таа мора да ја заврши својата работа до 2022 година, вели Авлонитис.
(DW.COM)