Од четвртиот вирутелен Самит на шефовите на држави или влади на ЕУ не треба да се очекуваат кој знае какви одлуки, предупредуваат европски дипломати во Брисел пред почетокот на денешната видео-конференција. Очигледно сакаат да ги држат очекувањата што е можно пониско
Фон дер Лајен зборуваше деновиве за „Маршалов план“ со околу 1.000 милијарди евра, кој би можел да биде финансиран од кредити во заедничкиот ЕУ-буџет Дали е тој можен и како ќе се дели? На крајот на минатата недела започна нова рунда во покерот на солидарност во ЕУ – шефовите на држави или влади на Самитот ќе расправаат за обнова по пандемијата. За сметката има расправии. Од четвртиот вирутелен Самит на шефовите на држави или влади на ЕУ не треба да се очекуваат кој знае какви одлуки, предупредуваат европски дипломати во Брисел пред почетокот на денешната видео-конференција. Очигледно сакаат да ги држат очекувањата што е можно пониско.
Најверојатно членките на Унијата ќе успеат само да дадат тешка задача за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа до крајот на месецот треба да поднесе план кој ќе покажува колку би требало да е „тежок“ фондот за обнова за економијата ослабната од корона-кризата и пред се’ како тој фонд да се финансира. Како што споменавме Фон дер Лајен зборуваше за „Маршалов план“ со околу 1.000 милијарди евра, кој би можел да биде финансиран од кредити во заедничкиот ЕУ-буџет.
Пред четири недели шефовите на држави или влади не постигнаа согласност за ништо од ова. Оттогаш ставовите речиси и не се променети, се вели во Брисел. Во понеделникот телефонски разговараа петте премиери на земјите кои се најважни во кавгата околу фондот за обнова. Но, германската канцеларка Меркел, францускиот претседател Макрон, италијанскиот премиер Конте, холандскиот премиер Руте и шпанскиот премиер Санчез не можеа да најдат заедничка компромисна линија, јави италијанската агенција „Анса“.
Џузепе Конте, чија земја има најголем број починати од коронавирусот по САД, инсистира на тоа ЕУ заеднички да ги преземе долговите и да ја финансира обновата. Во интервјуа и на прес-конференција во Рим, италијанскиот премиер силно се заложи за заеднички обврзници, т.н. корона или еврообврзници. Конте вети дека со заедничкиот инструмент нема да се финансираат старите државни долгови на Италија кои изнесуваат окоу 2.400 милијарди евра.
„Ќе се бориме за еврообврзниците. Нема да потпишам декларација на ЕУ која нема да содржи инструменти кои ни се потребни за да се бориме против кризата“, изјави Конте во телевизиското обраќање за Велигден.
Натпартискиот италијански премиер е под голем внатрешнополитички притисок, затоа што двете владејачки партии, популистичката „Пет ѕвезди“ и Социјалдемократите се залагаат за корона-обврзници кои во меѓувреме се нарекуваат и „обврзници за обнова“.
Министрите за финансии на земјите од монетарната унија пред две недели се договорија за пакет за помош на земјите во криза од 540 милијарди евра. Во тој кредит е предвидена и кредитна линија за Италија во висина од 37 милијарди евра од европскиот чадор за спас ЕСМ. Конте смета дека ваквата понуда е понижувачка и аргументира дека ЕСМ бил стигматизирачки и би диктирал тешки услови за своите кредити.
Конте знае дека со Франција и Шпанија е во добро друштво во своите барања за заеднички долгови за обнова. И овие две тешко погодени земји од пандемијата, заедно со уште шест други, аргументираат во полза на корона-обврзници.
На другата страна од европскиот јаз се Германија, Австрија, Холандија, Естонија, Летонија и Финска, кои отфрлаат заеднички долгови. Канцеларката Ангела Меркел во понеделникот во принцип се согласи за проширување на заедничкиот ЕУ-буџет, но не кажа како точно ќе се соберат 1.000 милијарди евра за планот за обнова. Таа само рече дека „Германија ќе учествува во солидарните одговори“
Покрај јазот меѓу северот и југот, во ЕУ се отвора уште еден јаз, велат ЕУ дипломати по седниците кои се одржаа како подготовка на Самитот. Источноевропските земји членки на Унијата, кои досега имаа најголема полза од европскиот буџет, стравуваат дека сега средствата ќе бидат пренасочени од исток кон југ. Полска, Унгарија, Романија, Бугарија и други земји инсистираат да не се крати ништо од субвенциите за земјоделците, ниту пак од структурната помош за послабо развиените региони.