Француските производители на шампањ изгубиле околу 1,7 милијарди евра годинава, бидејќи продажбата опаднала за една третина. Вишоците се пренаменуваат во алхохол за дезинфекција на рацете
Шампањот ja губи својaта клиентела. Со месеци, мерките воведени поради пандемијата оневозможуваат организирање на свадби, јадење во ресторани, забави и меѓународни патувања – сите клучни компоненти за продажба на француското луксузно вино што со децении се служи како ексклузивно пенливо возбудување на секоја прослава.
Производителите во источниот француски регион Шампањ, седиште на оваа глобална индустрија, велат дека изгубиле околу 1,7 милијарди евра (2 милијарди американски долари) оваа година, бидејќи продажбата на шампањ опаднала за една третина – што е неспоредливо повеќе и полошо од времето на Големата депресија.
Тие очекуваат околу 100 милиони шишиња да останат во нивните визби непродадени до крајот на годината.
„Се соочуваме со криза што е уште полоша од Големата депресија“ од 1929 година“, рече Тибаут Мејлукс од комитетот Шампањ, претставник на околу 16.000 производители на вино.
Препознавајќи ја итноста на проблемот, комитетот предвиде мерки за да се намалат штетите. Комитетот го регулира обемот на производство за да се избегнат вишоци кои би предизвикале паѓање на цените на виното. Треба да се одржи состанок на кој се очекува да наметне лимит кој ќе биде толку строг што рекордни количини на грозје ќе бидат уништени или продадени на дестилерии по намалена цена.
Помалите производители се особено загрижени поради актуелните состојби, бидејќи тие се поранливи од големите винарии.
Анселме Селос, од Жак Селос Шампањ, рече дека е „навреда за природата“ познатото грозје за шампањ да биде наменето за произведство на алкохол за дезинфекција за раце, како што се случува во другите вински региони.
„Ние треба да уништиме (грозје) и да платиме да биде уништено“, рече тој, осврнувајќи се на индустријата како целина. „Тоа е катастрофа“.
„Шампањот никогаш досега не бил во ваква криза, дури и за време на светските војни“, додаде Селос. „Никогаш не сме искусиле … ненадеен пад на една третина од продажбата. Не се продадени над сто милиони шишиња “.
Големите производители како Вранкен-Помери предвидуваат дека кризата би можела да трае со години.
„Не треба да се заборави дека (шампањот) преживеа низ секоја војна“, рече Пол-Франсоа Вранкен, основач на Вранкен-Помери Монопол. „Но, при другите кризи, имаше излез. Засега нема излез – освен ако не најдеме вакцина “.
Вранкен рече дека самата суштина на маркетингот со шампањот – како пијалок за забави и свадби – треба да се преиспита за да ја одрази новата нормална состојба која значи помалку свечености и празнични групни настани.
Новата стратегија за брендирање ќе се обиде да го истакне статусот на виното како природен, а често и органски произведен квалитетен пијалок од историскиот француски регион.
Најновите студии покажуваат дека пиењето шампањско е добро за нашата меморија. Само три чаши неделно можат да ја подобрат способноста за памтење или меморирање на нештата. Научниците веруваат дека овој пијалок може да помогне во превенција против разни заболувања кои се поврзани со мозокот, како што е деменцијата и Алцхајмеровата болест. Познавачите на шампањското како пијалак уживаат кога дискутираат за неговата корист, а писателот Џон Мортимер тврдел дека многу долг период од својот живот пиел чаша шампањско секое утро и дека тоа е тајната на неговата долговечност. Починал на 85 години.
Но, прв пат за здравствените придобивки од шампањското биле потврдени од Универзитетот Рединг од Велика Британија. Состојките кои ни помагаат да не забораваме се пронајдени и во црното грозје Пино ноар и Пино менуер, кои се користат за правење на шампањско. „Ова грозје се користи за правење на црвено вино и досега се направени многу истражувања за влијанието на црвеното вино врз здравјето на луѓето, но мене ме интересираше какви здравствени адути се кријат во шампањското“ – изјавил биохемичарот Џереми Спенсер кој бил координатор на студијата.
Фенолната киселина која се наоѓа во шампањското е таа која го подобрува памтењето. Спенсер препорачува сите кои имаат повеќе од 40 години да пијат 2-3 чаши шампањско неделно. „Деменцијата веројатно започнува во 40-тите и се зголемува прогресивно се до 80-тите години. Постарите луѓе во главно не сакаат да признаат и затоа треба да се преземаат мерки уште во пораните години.“ – смета Спенсер.
Има ли здравствена корист во чаша шампањско? Експериментот со шампањското е правен на глувци, но Спенсер тврди дека истиот ефект би бил и кај луѓето. Шампањското било составен дел од храната и им било давано на глувците секој ден. Секој глушец бил пуштан да бара храна, а вежбата била повторувана по 5 минути, за да се провери дали глувците запамтиле на кое место ја нашле храната. Глувците кои консумирале шампањско имале 70% успех, за разлика од глувците кои не консумирале и имале успех помалку од 50%. „Резултатите беа драматични. Глувците кои редовно консумирале шампањско, пред вежбите имале 200% зголемен број на протеини кои се поврзани со памтењето. Тоа се случило по 3 недели, а мислиме дека за истиот ефект кај луѓето би биле потребни 3 години.“ – заклучил Спенсер. Наредно е планирано истражување кое опфаќа луѓе постари од 65 години кај кои природно доаѓа до опаѓање на капацитетот на меморијата.