ДЕНКО МАЛЕСКИ
Има наша вина ама има и ваша вина, е експресната порака на македонски мајстори на изговори обединети на оваа тема преку жестоките партиски поделби – став искажан после говорот на холандскиот амбасадор
Истиот ден кога холандскиот амбасадор Коп упати беспоштедна критика на нашето поведение обвинувајќи не за отсуство на воља за промени и постојано барање изговори за неработење, најдовме нов изговор: вистината е некаде на средина. Има наша вина ама има и ваша вина, е експресната порака на македонски мајстори на изговори обединети на оваа тема преку жестоките партиски поделби. Вистина, традиционалната дипломатија не познава вакви тешки обвинувања кон земја-гостин од страна на акредитиран претставник на друга држава. Но, во традиционалната дипломатија дипломатскиот претставник има само една задача: да ги промовира интересите на својата држава па оттаму воздржаниот речник полн со етикеции. Во традиционалната дипломатија важи онаа англиската: Дипломат е чесен човек кој лаже за доброто на својата земја.
Ова сега се нови времиња на интеграција на Европа па и поведението меѓу државите е поинакво. Особено помеѓу идни партнери со кои Холандија ќе носи заеднички одлуки дури и за војна или мир.
Парадоксално но вистинито е дека Холандија треба многу да се грижи за судбината на народот и државата во која е акредитиран нејзиниот дипломат за да му даде одобрение за ваков настап. Згора на ова, не треба да се сомневаме дека настапот е усогласен со дипломатиите на ЕУ земјите членки и со САД. Заклучок: сојузниците од ЕУ и НАТО се грижат за иднината на оваа земја.
А сега на главното.
Амбасадорот рече дека отсуствува воља за промени во нашата држава. Вистина или лага?
Вистина.
Нема тука никаква средина.
Дека постојано бараме изговори за неработа. Вистина или лага? Вистина.
Дека залудно сме ги трошеле парите на нивните даночни обврзници. Вистина или лага? Вистина.
Нема тука ништо на средина.
Дека залудно сме го трошеле времето за реформи и сме ги оставиле нив да не чекаат нас. Вистина или лага? Вистина.
И која е средината во апсолутната вистина дека ги сакаме Западните пари како и нивните производи, а ја мразиме работната етика која ги создала?
Камо само вољата да е во прашање за излез од нашите маки, како што вели амбасадорот. Многу посериозно е. Кај нас, покрај отсуството на воља недостасува и морал и дисциплина кои, земени заедно во една целина, можат да го кренат општеството на нозе. Луѓето и вредностите што го носат во себе, се носители на променитеа. Се разбира критиката, пред се, се однесува на политичарите, на водството на државата, но и на општсеството во целина. Џабе сите бараат вина во „институциите“. Тоа се само згради со канцеларии, мебел и ходници. Вината е во нас.
Нашиот политички и правен систем е проекција на нас самите.
Кога ние ќе се смениме на подобро, ќе се смени нашето општсество и нашите политички и правосудни институции.