Во случајот на радијацијата од Чернобил постои и втор чин – по создавањето на т.н. саркофаг, по несреќата во април 1986 година, бил откриен нов извор на можно озрачување на околината и тоа дури осум месеци подоцна, во декември таа година! Ако тоа не го видел никој, иако се работи за излевање на метална смеса од голем формат (т.н. „нога од слон“), ова значи дека и кога постои голема концентрација на погледи врз еден објект, не го гледате очевидното и големото! Во една метафорична смисла ниту „слонот“ не бил доволно голем и после толку непријатни искуства.
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
„Поентата на „Чернобил“ не е во тоа дека нуклеарната енергија е опасна, туку дека се опасни лагата, ароганцијата и отсуството на критика“, ќе истакне познатиот новинар Борис Дежуловиќ, коментирајќи ја телевизиската серија во шест продолженија која стана најгледана серија на каналот HBO. Серијата што можеа да ја следат и нашите гледачи возбуди многумина, особено помладите кои не ја преживеале оваа нуклеарна катастрофа, безмалку и на свој грб. Имено, радијацијата на Чернобил стигна и кај нас и таа и ден-денес сè уште дава зголемено присуство на некои елементи (цезиум, на пример).
Оваа серија секако отвора и низа прашања од областа на информирањето и на медиумите и нивната улога во вакви мегакатастрофични настани, поврзани со развојот на човековата технологија, кои, за некого го означуваат почетокот (случајот „Титаник“) и крајот (случајот „Чернобил“) на 20. век, што необично брзо помина.
ГОЛЕМИТЕ ОПАСНОСТИ БАРААТ ШИРОКО ОТВОРЕНИ ОЧИ
Серијата „Чернобил“ го прикажува целиот контекст на постоење на една идеолошка творба, како џиновска земја со јасна и речиси неподвижна бирократска структура, неспособна да носи брзи одлуки и да биде самокритична. Едноставно, велат критичарите на серијата – конформистичката атмосфера предизвикува ужасна катастрофа, покривана со папагалски изговорени лаги.
Факт е дека во околности во кои доаѓа до распад на нуклеарното јадро на четвртиот реактор на нуклеарката под име „Владимир Илич Ленин“, сосема добро би дошло постоењето на слободни медиуми што би реагирале веднаш и би спречиле ширење на дезинформации, би ги натерале надлежните да се зафатат со вистинските приоритети и веројатно би спасиле многу животи пред ширењето на радијацијата со илјадници километри наоколу, на три континенти: Европа, Азија и Северна Америка. Настанот започнал на 26 април 1986 година, а за него се дознава три дена потоа, благодарејќи на укажувањата од мерењата на шведските и британските научници, а потоа следеле и сателитски снимки кои го покажале пожарот на објектот. Извештајот подготвен од Меѓународната агенција за атомска енергија и Светската здравствена организација заклучува дека 56 лица загинале во самата несреќа, и проценува дека уште 9.000 други починале од рак директно предизвикан од радијацијата во рок од неколку недели. Бројот на починати од појавен канцер во месеците потоа се проценува на стотина илјади.
Медиумите обично бегаат од добро заштитените вести, како што е експлозијата во нуклеарката во Чернобил, бидејќи немаат ресурси, ниту доволно обучени и истрајни кадри за да се посветат на истражувања што содржат голем ризик и за новинарите, по многу основи, па и здравствени. Објектите каде би настанале инциденти се добро затворени а кружењето на информациите се одвива во затворен круг. Вистината за Чернобил ја откри најнапред светската научна јавност (најпрвин физичарите, а потоа лекарите), за да ги натера ситуацијата да ја признаат политичарите, а дури на крајот дојдоа медиумите да ја извршат својата функција!.
Но, новинарите мора да дејствуваат во корист на јавниот интерес, бидејќи се штитат и себеси и своите семејства! А и ден-денес многу факти за оваа несреќа не се познати, иако оттогаш минаа 33 години. Тоа јасно покажа дека новинарите едноставно во вакви случаи немаат широко отворени очи.
МЕДИУМИТЕ МОРА ДА СМЕТААТ ДЕКА ЌЕ СТАНАТ „ДРЖАВНИ НЕПРИЈАТЕЛИ“
Контактите со науката секако беа битни за новинарите во тој момент. Но, дури и тие не ја видоа „ногата од слонот“ („elephanаt’s foot“), а камо ли медиумите! Имено, оваа споредба доаѓа од фактот дека науката најпрвин не ја воочи, а потоа не ја дешифрира т.н. „нога од слон“, метализирана, растопена маса со многу слоеви, надворешно потсетувајќи на кора од дрво и стакло.
Масата е во голема мера хомогена, иако деполимеризираното силикатно стакло содржи повремени кристални зрна од циркон. Таа „нога“ излегла од под налиeниот бетон одозгора, врз реакторот, операција која требаше да создаде некаков саркофаг (причина за експресна смрт на наливачите на бетон од воздух, главно пилоти, потоа пожарникарите и рударите дојдени од Донбас). Радијацијата на „слонот“ , масата формирана за време на несреќата, била откриена дури осум месеци подоцна, при крајот на годината на катастрофата! Ако тоа не го видел никој, ова значи дека и кога постои голема концентрација на погледи врз еден објект, не го гледате очевидното и големото по формат! Во една метафорична смисла ниту „слонот“ не бил доволно голем и после толку непријатни искуства.
Клучниот човек од науката во случајот Чернобил – академикот Валериј Легасов, набргу после овој настан оставил изјава за вистината за настанот и се самоубил, знаејќи дека ќе нема сила самиот да ја обелодени содржината некогаш.
Дали од медиумите може да се очекува нешто друго?
Впрочем, да видиме што се случи не многу одамна, кога во Хрватска се откри сличен инцидент. Во неговото откривање свое место имаат токму весниците („Јутарњи лист“ од Загреб, „Слободна Далмација“ од Сплит), кои добро претресоа зошто дошло до голем инцидент во ТЕ Дубровник, кога загинаа тројца вработени, а целата околина беше изложена на екстремно висока температура (до 260 степени) и отровни гасови! Тие беа главата, а не опашката на истрагата и постојано бараа за казнување на виновниците. Медиумите имено ја следеа и поттикнува истрагата, која доведе до значајни откритија за пропусти во реставрирањето на објектот (јануари годинава) непосредно пред инцидентот и се’ заврши со првите апсења на виновниците.
КАКО ДА СЕ БИДЕ КОРИСЕН, А НЕ САМО НОСИТЕЛ НА ПАНИКА?
Медиумите во вакви катастрофи, објективно, се ставени меѓу чеканот и наковалната. Едно е да се кажува вистината, а друго – да не се прави со неа дополнителна штета. Што ако се предизвика масовна паника во некој дел на територијата на една земја или регија, при што секој на своја рака бара спас, место тоа да се прави организирано?! Дали со тоа не би се довело да има многу жртви, многу повеќе отколку што можат да се замислат?
Да се вратиме на случајот Чернобил. Што е тука важно? Најнапред дека советските медиуми секако беа познати под тоа што биле под стегите на власта и за она што се случувало, дури и кога се преселувани првите 50 илјади жители на гратчето Припјат, морале да молчат. Дури и надвор од тогашен СССР немало особено голема драматизација, бидејќи, тоа сè уште било време „без инстант вести“. Сознанието за опасноста од присутната радијација во тогашна Југославија стигна на Денот на трудот, 1 Мај, една недела откако сето тоа се случило, се сеќава во интервју за „Вечерњи новости“физичарката Снежана Павловиќ. Она што авторот на текстот може да потврди, е дека луѓето како Павловиќ, тогашниот „крем“ на физичарите и лекарите, создадоа тим кој постојано и единствено ја известуваше јавноста за сè што требаше да се знае во тоа време.
За таа цел тогашниот втор Канал на ЈРТ, направи редакција во загрепското студио каде беа еминентни имиња кои постојано (денес би се рекло 24/7) даваа корисни информации и насоки. Такви беа информациите на пример – колкава е во мигот радијацијата на одредено подрачје, која е дозволената доза и слично, во околности кога за огромен дел од народот тоа беше поле кое не се разбираше. Потоа, се добиваа корисни информации за тоа како треба преку облеката и начинот на живот граѓаните да се заштитат од радијацијата (женскиот пол носеше марами а машкиот шапки, сите високи чевли иако беше мај), што треба да јадат, а што да избегнуваат (конзервирана храна и тетрапак беше пожелен избор, свежите зеленчици, овошјето и млекото, на пример – не), кои простори да ги сметаат за „непријателски“ (тревни површини).
Медиумите во вакви околности се носители на своевидно „просветителство“. Притоа, тие мора да вршат постојан притисок овие третмани на користење на некои енергии, да речеме, да претрпат корекции, за да не се повторат такви настани.
Тука е важно да се каже дека случајот со нуклеарниот инцидент во САД од март 1979 година, покажува како едно општество на чело со медиумите може генерално да промени некои размислувања и ситуации. Инцидентот на островот Три милји во Пенсилванија настана кога нуклеарната централа (со истото име Остров три милји) имаше дефект во системот на ладење на јадрото на реакторот. Радијацијата која е предизвикана (од 5 до 7 единици од можни 10) во едно релативно кусо време го загрози малото гратче Мидлтаун, кое е три километри оддалечено од објектот. Медиумите подигнаа „прав“, а дека влијаеле на јавното мислење покажува тоа што поддршката на нуклеарните централи како извор на енергија од 70 отсто кај граѓаните, падна на 50 отсто.
Во САД биле во тек на изградба 129 нови нуклеарни централи, каде веднаш сопреле сите градежни активности. Подоцна работата е продолжена само кај 50-тина од нив. Лично претседателот Картер во април 1979 година дошол да ја посети централата, за да ги убеди сограѓаните дека ситуацијата е безбедна. (патем Картер е сè уште жив и активен, иако има 95 години), а за таква практика во слични ситуации во други земји со нуклеарен потенцијал не знаеме!
Чистењето на електраната започнало во август 1979 година. Од неа се отстранети речиси 100 тони радиоактивно гориво. Се очекува нуклеарната централа на Островот Три милји годинава да престане со работа! Ова само покажува дека некои весници и радиодифузери, сепак покажале смисла за долгорочно опсервирање на проблем од јавно значење.
Кај нас никој не се сеќава на ефектите на Чернобил, нема анализи за тоа какви биле последиците од тој настан тука меѓу нас, бидејќи радијацијата не е привремена опасност.
Да споменеме и тоа дека измерените количества на опасниот цезиум 137 во соседна Србија изнесуваат од 80 до 110 наносиверти по час. Дали е тоа опасно и каква е ситуацијата кај нас „по ова прашање“? Тие количества датираат од присуството на чернобилската радијација. Ете една тема за истражување.
(vsistinomer.mk)