ДЕНКО МАЛЕСКИ
Но патот до взаемна почит не е лесен. Тежок е но не само за Македонија која треба да се откаже од својата идеологизирана интерпретација на историјата и да ја прилагоди на објективната научна вистина која почива врз факти а не митови, туку и за Бугарија. И бугарското општество го чека соочување со вистината за своето минато и осуда на сојузништвото со Хитлер, окупацијата на Македонија и активното учество во погромот на македонските Евреи
Создавањето на македонската нација и држава е, всушност, победа како на Македонија така и на Бугарија. И навистина, во услови на српска асимилаторска политика во кралството Југославија, која била реалната алтернатива? Оваа мисла ја искажа Николај Василев на онлајн конференција на македонски и бугарски интелектуалци која се одржа некни.
Тоа беше собир на поединци кои, како што рече Огњан Минчев од Институтот за регионални и меѓународни истражувања се против овековечувањето на непријателствата меѓу двете држави заради одбрана на лични позиции на власт и привилегии.
Научени, од двете страни, да гледаме на целиот процес на создавањето на нашата држава и нација како примарно антибугарски чин, разбираме дека, во својата најдлабока суштина се работи за промакедонски чин. Промакедонски чин на младата генерација „јужносрбијанци“ во Кралството Југославија, кој, во својот зародиш, е приказна на отпор кон српската асимилација во периодот помеѓу двете светски војни. Тој, веќе започнат процес на национална еманципација во посебна словенска македонскиа нација, во текот на Втората светска војна, прераснува и во отпор кон бугарската окупација. Одлуката да се свртат пушките против Бугарите, вели научниот историски наратив, не била лесна и била проследена со колебања и дилеми не само во населението, туку и во самата Комунистичка партија на Македонија. Но,македонските комунисти ја разрешуваат старата дилема дали постои македонска нација и заедно со другите југослоенски народи стануваат дел од антихитлеровската коалиција во Втората светска вијна. Не само на зборови туку и на дело. Малата, стоилјадна комунистичка партија на Југославија застанува на чело на народотното востание против окупаторските сили, положувајќи ги во таа борба животите на осумдесет проценти од своето членство.
Фактот дека Бугарија застанува на страната на Хитлерова Германија и влегува со свои војски на територијата на некогашна кралска Југославија, ги судира со партизанското движење. Меѓународните околности одат во прилог и на вооружено дистанцирање од бугарската нација со сите трауми кои ги остава војната зад себе. Непријателствата на границите на федрална Југославија продолжува и со судирот помеѓу Тито и Сталин, а „железната завеса“ се спушта и ги изолира македонскиот и бугарскиот народ еден од друг. Така замрзнуваат, па и се надградуваат, манифестациите на омраза и во наредните пет децении Студена војна. Како натаму?
На крајот на своето излагање на спомнатиот состанок на либерално мислечки луѓе од Македонија и Бугарија кажав дека. во времето на човекови права во кое живееме, најдобриот пат до помирување е оној на почит. Почит кон македонската нација и македонскиот јазик, од бугарска страна, и почит кон заедничката историја, од македонска. Признавање е малку, нагласив. Потребна е почит.
Но патот до взаемна почит не е лесен. Тежок е но не само за Македонија која треба да се откаже од својата идеологизирана интерпретација на историјата и да ја прилагоди на објективната научна вистина која почива врз факти а не митови, туку и за Бугарија. И бугарското општество го чека соочување со вистината за своето минато и осуда на сојузништвото со Хитлер, окупацијата на Македонија и активното учество во погромот на македонските Евреи . Ние, тоа треба јасно да го кажеме, како држава и нација стоиме на делото на македонските партизани меѓу кои имало и припадници на еврејската заедница. Треба јасно да кажеме и дека нашите претци биле на правата страна а бугарската држава на погрешната страна на историјата. Зашто, кога се работи за односот кон фашизмот и нацизмот, ревизија на историјата не смее да има и за тоа никој нема разбирање во демократска Европа денес. Најмалку во Германија, тој светилник на слободата и демократијата во Европа и во светот денес.