Измените во ЗААВМУ се подготвуваат уште од времето на т.н. Пржински процес од 2015-2016 година, кога тогашните четири водечки парламентарни партии разговараа за овие измени, бидејќи полето на медиумите беше означено како критично за демократскиот развој на Македонија. Тоа беше потенцирано во Извештајот на Прибе и беше дел од Итните реформски приоритети. И второ, факт е дека во предлог-измените, кои се доставени во Собранието, учествуваше целата експертска и професионална јавност и најголем дел од нивните ставови се вградени во Законот
ТЕО БЛАЖЕВСКИ
Министерот Дамјан Манчевски даде изјава во врска со клучниот закон за медиуми, која ја оценуваме како вистина:
Изјава: Веќе четири месеци опозицијата, со бескрајни дебати по однос на поднесените амандмани, го кочи усвојувањето на ЗАВМУ. Се одржаа само 6 седници на Комисијата за транспорт и врски. Успеавме да поминеме само 7 амадмани, а ни остануваат уште 67. Со оваа динамика законот ќе биде усвоен за 2 и пол години…
…Еднаш и засекогаш политиката мора да ги тргне рацете од медиумите. Овој предлог закон ни ја дава таа шанса и мораме да ја искористиме.
[Извор: Веб сајт на Влада на РМ – Манчевски, изјава, датум: 13.06.2018]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Дамјан Манчевски, надлежен министер и во делот за медиумите во државата, вчера даде изјава во врска со процедурата на усвојувањето на Законот за аудио и аудио – визуелни медиумски услуги (ЗААВМУ), која ја оценуваме за вистина.
Станува збор за серија аргументи што ги изнесе Манчевски, а кои сите можат да бидат потврдени преку факти.
Првиот аргумент е дека во Собранието на РМ, законот кој е влезен во процедура пред три месеци, се соочува со повеќе десетици амандмни и тоа од ВМРО-ДПМНЕ. Најголемиот број од амандманите беа доставени од партијата пред комисиската расправа во второто читање на Законот. „Вистиномер“ имаше прилика да ги види тие амандмани и можеме да потврдиме дека најголемиот број од нив се од процедурален карактер, а дел од нив и го подобруваат текстот од јазички апсект и прецизност на членовите. Но, според собраниските извештаи на дел од медиумите, како тече расправата за законот, така ВМРО-ДПМНЕ упатува нови амандмани, од кои дел од нив се токму онакви какви што ги опиша Манчевски – на пример, да нема јавност при изборот на нови членови на Програмскиот совет на Македонската радио телевизија или на членови на Советот на Агенцијата за медиуми, единственото независно регулаторно тело исклучително значајно во делот на регулирањето на пазарот и начинот на работењето на радијата и телевизиите во државата. Како прилог на ова можеме само да ги повториме линковите од извештаите на дел од медиумите кои ревносно ја следат собраниската расправа – МЕТА, 24 Вести, Телма…
Впрочем „Вистиномер“ овие констатции на Манчевски уште пред неколку недели ги објави во една своја анализа.
Постои уште една најнова потврда дека ВМРО-ДПМНЕ го кочи донесувањето на овој закон, иако во овој случај тоа е индиректно кажано а не е посочен прстот директно на партијата. Од вчера против кочењето на законот се побунија и дел од приватните радиодифузери со национална концесија. Имено, на Канал 5 ТВ беше емитуван прилог во рамките на вестите во кој се изнесува оценката дека 5-те приватни телевизии со национална концесија сметат дека законот намерно се кочи и побараа од политичките партии јасно да ги достават своите амандмани на увид за да можат телевизиите да оценат зошто се кочи законот. Но, јасно беше кажано дека телевизиите „на средби со опозицијата бараат да го откочат носењето на законот“.
Уште неколку факти. Измените во ЗААВМУ се подготвуваат уште од времето на т.н.Пржински процес од 2015-2016 година, кога тогашните четири водечки парламентарни партии разговараа за овие измени, бидејќи полето на медиумите беше означено како критично за демократскиот развој на Македонија. Тоа беше потенцирано во Извештајот на Прибе и беше дел од Итните реформски приоритети. И второ, факт е дека во предлог-измените, кои се доставени во Собранието, учествуваше целата експертска и професионална јавност и најголем дел од нивните ставови се вградени во Законот.
Според тоа, не може генерално да се соопшти став каков што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, дека нивните амандамни биле резултат на исклучително лошо законско решение, чија цел била контрола на медиумите од страна на СДСМ. Таков став без аргументи е безвредна празна реторика, а резултат е кочењето на процесот на носење на законско решение со кое голем дел од клучните сегменти во законот треба да бидат подобрени.
Оттука изјавата на Манчевски ја оценува како вистина.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери. Опремата е на Глобус.