Можноста од брзи избори создава потреба да се мисли како ќе се реши проблемот со ребалансот на буџетот, за што е неопходно и време и Парламент кој работи. Добра посета на меѓународните финансиери од страна на двоецот Тевдовски – Аневска Бежовска
Владата на Република Македонија, на 94-та вонредна седница, што ја одржа во саботта навечер, го разгледа и усвои Предлогот за изменување и дополнување на буџетот на Република Македонија за 2018 година. Постапката за измени и дополнувања на Буџетот за 2018 година, Владата на РМ ја иницираше во овој период за да се запазат роковите, согласно законската регулатива за негово усвојување во Собранието на РМ до 15 ноември, во случај доколку не се донесе одлука за одржување на предвремени избори.
Оваа одлука Владата на РМ ја донесе врз основа на фискалните движења кои ја создадоа потреба од минимално прилагодување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, како на приходната, така и на расходната страна на Буџетот.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2018 година се планирани на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 210,5 милијарди денари. Во овие рамки на планирани приходи и расходи, дефицитот е незначително понизок (18,1 наспроти иницијално планираните 18,2 милијарди денари). Притоа, во однос на БДП, буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7 отсто од БДП.
Со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2018 година што ги предлага Владата на РМ да бидат усвоени од страна на Собранието на РМ, извршено е ревидирање на приходната страна на Буџетот на Република Македонија за 2018 година за незначителни 0,5 отсто надолу, односно за 1 милијарда денари.
На оваа седница Владата на РМ констатираше дека, во услови на непроменети приходи на основниот буџет, ревидирањето на иницијално планираните проекции кај приходната страна на Буџетот на Република Македонија е резултат на:
– Намалување на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки.
– Согласно остварувањето во деветте месеци од годината, благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од околу 1,5 отсто, односно истите се ревидирани на ниво од 56,2 милијарди денари.
Имајќи го тоа предвид, Владата на РМ на седницата за ребаланс на буџетот го усвои предлогот на Министерството за финансии, расходната страна на Буџетот на Република Македонија за 2018 година да се коригира надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто, при што извршени се следните позначајни измени:
– Реалокација на средства помеѓу буџетските корисници;
– Намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, воглавно кај проекти финансирани со кредити;
– Намалување на каматните расходи за 897 милиони денари;
– Зајакнување на фискалниот капацитет на општините;
– Алоцирање на дополнителни средства во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедување на дополнителни средства во Фондот за здравствено осигурување со цел
непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни средства за Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот по основ на невработеност, соопштува Владата.
Не е јасно како би се усвоил ребалансот, со оглед на можното брзо распишување на избори?!
Инаку, Светска банка ќе и стави на располагање околу 400 милиони евра на Македонија за проекти во следните четири години. Ова беше истакнато на Годишните средби на ММФ и Светска банка на кои учествува македонска делегација предводена од министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерот на НБРМ Анита Ангеловска Бежоска.
За пакет проектите и новата стратегија за соработка со Светска банка, беше зборувано на состанокот на македонската делегација со потпретседателот на Светска банка Сирил Мулер и директорот за Западен Балкан, Европа и Централна Азија Линда Ван Гелдер . Со овие средства ќе се поддржи подобрувањето на конкурентноста на приватниот сектор, развојот на вештини и создавањето на повеќе можности за најранливите категории како и подобрена институционална и фискална оддржливост.
-Со новата стратегија 2019-2023 ќе се вложат значајни средства во подобрување на конкурентноста на македонската економија и постигнување на инклузивен и одржлив раст. Тоа може да се постигне преку подобрување на конкурентноста на приватниот сектор, заштита на најранливите категории и отворање на нови можности за нив, како и зајакнување на институциите и одржливоста на јавните финансии. Станува збор за околу 35 проекти од областа на поддршка на бизнисот, транспорт и врски, здравство, социјална заштита, труд и социјала, информатичко општество и администрација, образование и наука, животна средина, финансии и земјоделие – рече министерот за финансии Драган Тевдовски.
Во рамки на овие 35 проекти планирани се и инфраструктурни проекти за рехабилитација на национални, регионални и локални патишта во периодот од 2019 до 2021 година.
Планирани се и проекти за поддршка на приватниот сектор преку микрофинансирање, советодавни услуги, поддршка за технолошка модернизација и поддршка за иновации. Ќе се поддржат и инвестиции во обновливи извори на енергија.