Илјадници лошо преведени книги од помпезно насловениот проект на владата на Груевски „1.050 книги“ скапуваат по влажни магацини. Деветнаесет милиони евра завршија во темните депоа во Скопје и Гостивар. „Порталб.мк“ влезе во мемливите депоа полни со лошо преведени и преплатени книги за кој никој сега не презема одговорност и нема идеја што да прави
ФАТБАРДА ЦУРИ
Дури 770 наслови се печатени во тираж од 1.000 примероци по книга и најмалку 19 милиони евра народни пари се потрошени преку десетгодишниот владин проект „Превод на 1.050 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети“ реализиран од Владата на Република Македонија во периодот 2008 – 2017 година, покажува истражувањето на „Порталб.мк“.
Иако целта на проектот беше литературата да ја користат студентите во Македонија, таа намерно или ненамерно е промашена – повеќето од книгите не се користат поради спорниот превод и бројните грешки.
Неколку десетици илјади примероци се наоѓаат во нечисти и неуреден магацин на Министерството за образование и наука во Гостивар и уште десетици илјади други во исти услови во магацините на Министерството за култура во Скопје.
За неколку стотици примероци нема ни трага ни глас, не се знае ни што се е објавено, затоа што нема соодветна евиденција. Исто така, постои сомнеж за бројни прекршувања на Законот за јавни набавки. На тендерите добивале фирми кои биле партиски донатори. „Порталб.мк“ открива дека првично била планирана само една фаза за превод на 500 наслови, но како минувале годините, бројот на наслови се зголемил.
Проектот, кој низ годините е преименуван во различни имиња поминал низ три фази:
Прва фаза: чини околу 323.167.240 денари (5.254.752 евра), бројката може да биде поголема бидејќи недостига тендерската документација за 280.000 книги;
Втора фаза: 678.411.405 денари (10.984.656 евра)
Трета фаза: 182.500.000 денари (2.954.991 евра)
Вкупно три фази: 1.184.078.640 денари или 19,172,284.89 евра.
ПРВА ФАЗА – Многу министерства, фали тендерската документација
Како што дознаваме, проектот започнал во 2008-та година, кога Секретаријатот за европски прашања на чело со Ивица Боцевски (сега амбасадор во Бразил,) се обврзал да го координира процесот. Според планот на Боцевски, морало да се спроведат тендерски процедури во 16 министерства, но иако побаравме од сите, документи од тендерите добивме само од 6 министерства.
Планот бил да се објават 500 наслови во 1.000 примероци, вкупно 500.000 книги, но досега, документи има за само 220.000 објавени примероци од книги од ова фаза.
Никој од Секретаријатот, Владата и министерствата, иако ги контактиравме повеќе пати, немаа информации што се случило со останатите планирани 280 наслови.
На нашите прашања зошто се објавени 220 а не 500 наслови, дали имало тендерска постапка, дали се потрошени пари, ни одговорија дека „немаат документи“ и „немаат евиденција“, а од Бирото за јавни набавки ни кажаа дека немат информации во нивниот систем за тендери направени за ова намена.
Преку Законот за пристап до информации од јавен карактер на кои позитивно одговорија овие 6 институции, „Порталб.мк“ дозна дека само за 220 наслови (од вкупно 500) се потрошени 323.167.240 денари или 5,254.752 евра. Најскапиот наслов е финансиран од МОН со 2.625.165 денари, а најевтиниот од Министерството за екологија (МЕ) со 495.705 денари.
ВТОРА И ТРЕТА фаза: Владата нарачател, МОН изведувач
Според документите кои што ги обезбедивме втората фаза на владиниот проект „Превод на 1.050 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети“ започнала во 2009 година и се реализирала само од МОН. Ова фаза опфаќа две тендерски постапки, едната во 2009 година, а втората во 2010.
Преведени и печатени се 500 наслови во 1.000 примероци, вкупно 500.000 книги.
За ова намена, МОН потрошил околу 700 милиони денари за двата тендери, поточно 673.905.398 денари. Иако со помал број на наслови во споредба со претходните фази, третата фаза чини 182.500.000 денари или околу 3 милиони евра (2.977.161 евра). Преведени и печатени се 50 наслови во 1.000 примероци, вкупно 50.000 книги.
Во ова фаза променет е и пристапот во однос на насловите кои требале да се преведат. Ако во првите фази се преведоа книги од Франција и Велика Британија, тендерот на последните 50 наслови предвидува: „Превод со откупени авторски права, стручно редактирање, лектура, компјутерска обработка, печатење и дистрибуција на 50 книги на кои се користат во 10 најдобри универзитети во светот според Шангајската листа за 2015 година“.
Од вкупната бројка на насловите од сите три фази 205 наслови се на албански јазик.
На 9 март оваа година го посетивме магацинот во Гостивар каде што се чуваат примероците од книгите на албански јазик. Магацинот е во многу лоша состојба, има влага и прашина, валкан е и пренатрупан со книги од 2009 до 2017 година за кои не се води никаква евиденција. Книгите се речиси ставени на земја и не се наредени по никаква основа, ниту алфабетска, а нема ни ознаки која книга на која фаза припаѓа. Обичниот граѓанин не може да знае дека во овој магазин се чува еден „капитален проект” и дека му припаѓа на една државна институција, која троши народни пари – нема табела со ознаки. Во него има околу 25.000 примероци од насловите кои не се распределени во ниедна институција. Од МОН кои ни ги отворија вратите на магацинот, немаат одговор зошто овие книги се неупотребливи и оставени на овој начин и за одговорноста што треба да се сноси за оваа штета. Тие не известија дека уште десетици илјади други книги во исти услови се наоѓаат во магацините на Министерството за култура во Скопје.
Неколку десетици книги биле испратени на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ), ни потврди портпаролот Селам Сулејмани, но не прецизираше колку точно наслови биле дадени од МОН. Книги од овој проект нема ниту Универзитетот „Мајка Тереза“, ниту Универзитетот на Југоисточна Европа, ниту на Балканскиот Универзитет, ни потврдија портпаролите од овие три универзитета.
За проект што траел 10 години, се направени само две ревизии, и тоа генерално за работата на Министерството за образование и наука, едната во 2010 година, а втората во 2016 година. Ревизијата наведува дека МОН ги прекршило законските одредби како што се: обезбедување конкуренција, еднаков третман на конкурентите, недискриминација, транспарентност, рационално и ефикасно користење на средствата, како и распределба на средствата според договорот за јавната набавка.
„За време на ревизијата беа забележани повреди на тендерските одредби од страна на издавачките куќи, особено во делот на доставување на објавените книги. Издавачките куќи не се третирани исто, на некои им е даден подолг временски период, а на некои пократок. Исто така, увидено е дека го се надминал двомесечниот рок за откупување на авторските права, иако МОН за тоа платило однапред. Согласно член 27 од Законот за јавни набавки, се гледа дека МОН го прекршил на законот бидејќи потпишал договор за јавна набавка со пониска вредност. Набавките беа направени и преку склучување договор со издавачките куќи без јавен конкурс во износ од 2.368.000 денари„ се вели меѓу другото во ревизорскиот извештај за работата на Министерството за образование во периодот 2008 – 2009.
Во ревизијата направена во 2016 година, кога на чело на Министерството за образование и наука беа Абдулаќим Адеми (2014 – 2016) и Пиштар Луфтиу (2016 – 2017), се вели дека препораките од ревизијата направена во 2010 година не биле земени предвид и дека МОН продолжил да ги крши законските одредби за јавни набавки.
„Не се води евиденција за примените и издадените книги/учебници од проектот 500 научни и професионални книги, нема склучено договор за примопредавање со државните институции, органи и установи на РМ на кои што истите им се издадени, не е обезбедена доверлива документација врз основа на која би се евидентирале трошоците на проектот, не е почитуван во целост Законот за јавни набавки при набавка на книги и услуги не бил целосно почитуван и за 2009 година не е дадена јасна слика за финансискиот извештај„ – се вели во ревизорскиот извештај.
Исто така, проблемот со неуредниот магацин во Гостивар е наведен и во извештајот на Државната ревизија за 2016-та година.
„Во магацинот каде што се доставуваат книгите/учебниците не се води целосна евиденција за примените и издадените наслов/учебници на државните институции, органи и установи на РМ, со што Министерството нема податок за вкупниот број на примени и издадени наслов/учебници“.
Сепак, и по две години од МОН нема никаков список на институциите кои добиле книги и од која издавачка куќа.
„Порталб.мк“ побара став од Министерството за образование и наука за наодите на ревизијата, оттаму поранешната министерка Рената Дескоска изјави кратко дека „Се прави внатрешна ревизија. Но, тоа е внатрешно. Ако откриеме нешто, тогаш ќе ја известиме јавноста„. (10.04.2018)
Во следното продожение: Се правело проверка дали книгите ги исполнувале техничките аспекти, не и квалитетот на преводот
(Истражувањето на Порталб.мк го реземаме врз основа на мѓусебен договор. Опремата делумно е на Глобус)