Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ВЛАДАТА РАЗМИСЛУВА ДАЛИ ДА ЈА УКИНЕ ЕВТИНАТА СТРУЈА ИЛИ ДА ГИ УКИНЕ ТАРИФНИТЕ БЛОКОВИ!

May 19, 2026 Filed Under: Македонија

Во јавноста екипата на Мицкоски пушта размислување во оваа беспарица во која ја доведе државата како да најде решение за излез. Определба тоа да се – граѓаните и нивниот џеб а највисока цена секако ќе платат најсиромашните граѓани. Струјата како извор му е примамлива на премиерот, тој и онака е најсилно врзан за неа, кога е личниот интерес во прашање

СТРУЕН УДАР Броилата на граѓаните треба да бидат извор за спас на истиштената економија за која одговара власта

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Дали тарифните блокови за сметките за струја ќе заминат во историја? Или тоа ќе се случи со евтината струја, онаа која се користи во одредени временски периоди во текот на деноќието и за време на неделите? Па со нејзиното укинување сметките на граѓаните по овој основ да станат прилиќно „дебели“? Зошто се оди кон оваа мерка? Определбата е за сегашната кратерска дупка во буџетот да се удри на се’ поширока основа. Кој би бил тој основ ако тоа не се граѓаните на оваа земја а при тоа, кога се стегнува каишот за стандардот на сите, најголем цех реално се – најсиромашните граѓани.

Струјата како извор му е примамлива на премиерот, тој и онака е најсилно врзан за неа, кога е интересот во прашање. Нели, да се сетиме дека тој беше сопственик,  ако не се лажам на четири мини-хидроцентрали во Малешевијата а како челник на ЕСМ успеа секако киловатите добиени од такви објекти да имаат највисока вредност при откупот од продавачите на киловати за граѓаните и стопанството.

Сметките за струја на граѓаните, да се потсетиме, сега се поделени во четири блокови за скапа струја, евтината не се дели во блокови. Тие што трошат повеќе скапа струја, плаќаат повеќе. Блоковите беа воведени за тие што трошат помалку да плаќаат поевтино… Претходникот кој беше на чело на РКЕ – Бислимовски, често велеше дека некои наши сограѓани користат електрична енергија за да ги загреваат своите базени!

Новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов најавува анализа на четирите тарифни блока во сметките за потрошена електрична енергија за корисниците на регулираниот пазар и порачува дека според него нелогично е да се плаќаат четири цени за ист берзански производ. Според него, тоа не значи автоматско укинување на блоковите, туку отворање анализа за можни измени на системот. Како што рече, можно е да се воведе „некој нов начин што ќе биде поправичен“.

„Ќе се разгледаат искуствата од примената на овој систем, па ќе видиме, ќе направиме анализа“, кажа нодамна првиот регулатор во државата..

За дел од експертите, напуштањето на тарифните блокови ќе се одрази најмногу на посиромашните семејства.

Да се потетиме дека владите на СДСМ во периодот на кризите во земјава на нјасиромашните семејства им даваа и помош во висина од 900 денари по броило, што во тие моменти беше од голема додатна помош за истите, иако и самите потрошувачи реагираа дека се јавија злоупотреби – семејствата се „делеа“ и поставуваа повеќе струјомери за да добиваат помош по секое броило и слично на тоа.

– Се плашам од тој еднотарифен систем, ова (до сега – н.з.) сепак беше најфер, барем за помалку имотните семејства. Ако трошат помалку, да платат поевтина струја, вели за „Локално“, универзитетскиот професор, Дејан Трајковски. Тој потсетува дека вака првата тарифа ќе биде покачена, така што веројатно граѓаните ќе го почувствуваат како сериозно зголемување на цените.

– Да ги видиме прво намерите, па ќе можеме да дискутираме, истакнува Трајковски во изјава.

Тој потсетува дека Македонија моментално многу е зависна од увоз – околу 70% од домашни извори, а од државни извори само 45-50%.

– Тоа што е државната струја, таа може да биде евтина тарифа, но, кога веќе увезуваме скапа тарифа, нема логика да ја купуваме скапо, а да ја продаваме евтино на граѓаните. Логично би било кој троши повеќе, и да плаќа повеќе поскапа струја, истакнува професорот.

Во Македонија за домаќинствата важи систем на четири блокови за електрична енергија, кој се применува само за потрошувачката во висока (скапа) тарифа. Беше воведен во 2022 година.

Прв блок до 210 kWh  4,707 ден/kWh

Втор блок  211 – 630 kWh 5,898 ден/kWh

Трет блок 631 – 1050 kWh  7,854 ден/kWh

Четврт блок над 1050 kWh  19,190 ден/kWh

Ниска тарифа 2,189 ден/kWh

Пазарите на енергенсите кои се под надлежност на Регулаторната комисија, функционираат стабилно, покажува последниот годишен извештај. Во него, се нотира дека во Македонија има градби и развој на нови енергетски објекти, коишто даваат стабилност на енергетскиот систем. Заклучно со 31-ви декември, минатата година, издадени се 1.350 активни лиценци за производство на електрична енергија, со вкупен капацитет од 3.163 мегавати, вели Ристов.

Извештајот покажува и стабилна испорака на нафтени деривати, во прв ред од Грција, чија сигурност дополнително се зајакнува со ставањето на функција на продуктоводот (во народот лаички наречен нафтовод од Солун – н.з.). Регистриран е и раст на продажбата на нафтени деривати, за речиси 5%, што укажува на раздвижување и развој на стопанството, вели Ристов. Додава дека пазарот на гас, од друга страна пак, не е доволно развиен и има мала потрошувачка и мал број на корисници, трговци и снабдувачи.

Во однос на водените ресурси, пак, Ристов вели дека бројките во делот на загубите на вода се алармантни и изнесуваат 63%. Регулаторната комисија постојано им укажува на сите инволвирани институции, посериозно да се заложат за овој ресурс, кој ќе стане доминантен во периодот пред нас, велат од таму.

Но, ова секако како сознанија од последниот прес на РКЕ не е толку релеватно како намерата на Владата да ја зголеми приходната страна на големиот загубар во земјава – ЕСМ. Таму втора година по ред (2024 и 2025 година) загубите поминаа 100 милиони евра, јави „Фактор“.

Кои се главните причини за тоа? Ги има повеќе ама главни се – недоволното производство на струја од домашни извори (што секако е израз на една видлива политика  на оваа Влада што повеќе да увезува струја!), но не се наведува долгот кој го имаат пред се правните лица кон дистрибуцијата а индиректно и кон ЕСМ. Имено, тие правни лица се главно јавни претпријатија кои своите загуби ги превалуваат кон ЕСМ како краен корисник на потенцијалната добика до продажбата на струја. Државата неколку пати од републичкиот буџет ги плаќа загубите на општините со огромни суми пари, па тие се навикнаа дека тоа одново и одново ќе се случи и не сакаат да плаќаат за потрошената струја. Ова секако ќе се повторува сега кога речиси сите општини се водени од владеачката партија а градоначалниците очекуваат дека дошле на некаква комотна позиција, каде само ќе се здобиваат со привилегии, па бројот на комуни со загуби се зголемува а каде постојано се вметнати неплатените сметки на струја!

И сега доаѓаме до големиот парадокс – граѓаните, особено оние за кои велиме дека „немаат вода во очите“ треба да го плаќаат од празниот домашен буџет дембелите кои седат во градоначалничките фотелји. За да се спасува ЕСМ за кого државата и онака во онаа беспарица нема никаков гумен појас за спасување ќе се цедати најсиромашните слоеви.

Патем, јасно е дека при ваква состојба Владата нема да има вонредни избори!

Filed Under: Македонија

ВЛАДАТА РАЗМИСЛУВА ДАЛИ ДА ЈА УКИНЕ ЕВТИНАТА СТРУЈА ИЛИ ДА ГИ УКИНЕ ТАРИФНИТЕ БЛОКОВИ!
ЛУКАРЕВСКА: РЕАЛНОСТА Е СИРОМАШТИЈАТА И СКАПИТЕ СМЕТКИ А НЕ „ТРЕТА ЕКОНОМИЈА ВО СВЕТОТ“
ФАЛСИФИКУВАНА СЛИКА НА МАРТИНОВСКИ НА ЛОНДОНСКА АУКЦИЈА
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (179): БИТКА ДО ПОСЛЕДНИОТ СЕВЕРНОКОРЕЈСКИ ВОЈНИК
ПОБЕДА, ПРИНЦИПИ И ВРЕДНОСТИ! А РЕАЛНОСТИ?

Најново

  • ВЛАДАТА РАЗМИСЛУВА ДАЛИ ДА ЈА УКИНЕ ЕВТИНАТА СТРУЈА ИЛИ ДА ГИ УКИНЕ ТАРИФНИТЕ БЛОКОВИ!
  • ЛУКАРЕВСКА: РЕАЛНОСТА Е СИРОМАШТИЈАТА И СКАПИТЕ СМЕТКИ А НЕ „ТРЕТА ЕКОНОМИЈА ВО СВЕТОТ“
  • ФАЛСИФИКУВАНА СЛИКА НА МАРТИНОВСКИ НА ЛОНДОНСКА АУКЦИЈА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet