Досега во Северна Македонија има 59 лиценци за оваа дејност и Владата е во комуникација со претставниците на компаниите со цел оваа гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи
ЕКИПА НА ГЛОБУС
Во миговите кога кај нас се славеше победата на фудбалерите на нашата репрезентација над своите германски колеги (1:2) првиот тенисер во светот – Новак Ѓоковиќ напиша на Фејсбук дека тој успех се должи на марихуаната! Веројатно на шега, но рече дека „откако Македонците ја легализираа тревата, нивните фудбалери играат као Бразилци!“. Ова е само еден сегмент од мозаикот со кој се претставуваме во светот а кој значи дека сме еден вид лидери во тој процес на легализација на „лекиовитата трева“ на многу полиња. Оние доктори и фармацевти кои легално прават лекови „за она и ова“ не се симнуваат од малите екрани. Јасно е дека се работи гклавно за пропагандни пораки, иако токму она „пропагандни“ не се многу на дофат на камерите. Всушност, не е се најјасно во панорамскиот поглед кон дозволената, односно забранетата зона во сферата на марихуаната кај нас.
Премиерот Заев вели пред микрофоните на новинарите дека не е во ред да се оди во затвор за половина грам марихуана, образложувајќи ја идејата за декриминализација на канабисот. Што е на ред за либерализација во овој сегмент од медицината односно казненото право?
Откако ќе се дозволи извоз на цвет од канабис за медицински цели со измени на Законот за контрола на опојни дроги, во земјата треба да почне широка дебата за целосна легализација на канабисот. До јуни 2021, значи сега, се очекува да биде отворена дебатата, по што процесот ќе оди во Собрание, рече премиерот Зоран Заев, кој очекува да се отвори дебата за декриминализација и за целосна легализација на канабисот.
Мора да се признае дека оваа тема кај нас има голема брзина – пред некоја година во Хрватска,на пример, се водеше дебата за тоа дали има легализаицја или не. Глобус пренесе мислења на хрватските лекари кои кон ова прашање имаа „пата-пата“ резултат. Половината беа за а поливната беа против легализацијата.
Заев рече уште пред Нова година дека може да се очекуваат над 250 милиони евра приходи од производство на канабис за медицински цели. Тоа ќе стимулира отворање на нови високо платени работни места. „Во 2021 планираме и да ја прошириме листата на дијагнози за кои е дозволено лечење со медицински канабис и да обезбедиме декриминализација и депенализација на канабисот за мали количества за лична употреба“, смета премиерот. Искуствата на државите како Канада, Чешка, Холандија покажуваат дека заработуваат 55 милијарди долари годишно од оваа дејност. Досега во Северна Македонија има 59 лиценци за оваа дејност и Владата е во комуникација со претставниците на компаниите, со цел оваа гранка да се развива согласно светските текови и европските регулативи.
На европскиот пазар има стотици исклучително важни лекови кои се решение за здравјето на многу граѓани. Маслата од канабис и други продукти влијаат позитивно на многу болести. „Тоа отвора огромни потенцијали и пазари и верувам дека парламентот е подготвен да ги усвои предложените законски измени за кои имавме одредено блокирање во изминатиот период. Со Законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели, што ќе поттикне нови инвестиции и работни места“, рече во таа прилика македонскиот премиер.
Не е само Новак Ѓоковиќ тој што коментираше за нашата владина кампања за легализација на марихуаната. „Македонија е на добар пат да стане првата балканска земја што дозволила рекреативна употреба на марихуаната“ – се кажа на програмата на српска Нова. Во веста се наведе дека нашата влада размислува да дозволи рекреативна употреба на марихуаната во кафулињата и на неколку јавни места во Скопје, како и во туристичките центри како што е Охрид, при што сде цитираше премиерот Зоран Заев. „Идејата е да се дозволи консумирање марихуана во кафулињата, постојните и новите, и во туристичките места, вклучително и Скопје, под услов да се почитуваат стандардите кога станува збор за вентилацијата, потеклото на марихуана и така натаму“, рече Заев и додаде дека во законското регулирање на ова прашање владата ќе се угледа на Амстердам.
Македонскиот премиер исто така посочи дека легализацијата на марихуаната е дел од пакетот економски мерки што треба да бидат донесени како помош за економијата, која е сериозно погодена од пандемијата на коронавирусот.
Всушност продажбата на медицинска марихуана кај нас е дозволена од 2016 година и таа се продава во аптеките. Оттогаш, производството на медицински канабис е легално во земјата, и покрај критиките од некои невладини организации дека законите се напишани на таков начин што спречуваат малите производители да влезат во пазарната конкуренција.
Сепак, земјата не ја декриминализира целосно употребата на канабисот и министерот за правда Бојан Маричиќ повика на поширока јавна расправа за ова прашање.
„Регулативите во оваа област може да бидат корисни за државата преку регулирање на трговијата со марихуана, намалување на стапката на криминал, но исто така и економски, кога станува збор за секторот за туризам и угостителство“, рече тој.
Во почетокот на минатата недела Македонија повторно беше во центарот на вниманието на јавноста кога во главниот град беше отворена огромна плантажа на канабис пханцан, од каде што секоја година ќе излегуваат околу 15.500 килограми канабис, во форма на масло или во „билна форма“ (пупки).
Фабриката е финансирана преку полската компанија „Фармакан“ и е втора фабрика за производство на канабис во земјата, а марихуаната што се одгледува таму е наменета за европскиот пазар, како и за сите други заинтересирани, На отворањето на фабриката, во рамките на која работи и лабораторија за тестирање и истражување, директорот на Златко Кесковски, рече дека очекува Европа да стане најголемиот пазар за „фармацевтски производи од канабис“ во следните пет години.
Дека Македонија има „голем потенцијал“ во областа на одгледувањето марихуана оцени и Мајк Страуметис, мултимилионер и претприемач во таа област, кој пред неколку години објави фотографија со Заев со коментар „Северна Македонија има голем потенцијал“. Страуметис, познат како „Дон на марихуаната“, тогаш предвиде дека Македонија ќе стане „една од првите европски канабис-суперсили“.