АНА БУНТЕСКА
Не е првпат да ме испровоцира неговата нетактичност кон жените воопшто, а особено кон разведените и самохраните мајки. И додека некои се обидуваа да му најдат оправдување, појаснувајќи што сакал да каже или да ги толкуваат неговите изјави, убедена сум дека точно знае што зборува секој пат кога ќе отвори уста
Да, да, да…се јави експертот за мажачка/женачка/феминизам/родова еднаквост и тоа баш на Велигден за да не’ насочи (нас, жените) кон вистинските вредности (се разбира, според неговата проценка за тоа кои се и какви се). Не е првпат да ме испровоцира неговата нетактичност кон жените воопшто, а особено кон разведените и самохраните мајки. И додека некои се обидуваа да му најдат оправдување, појаснувајќи што сакал да каже или да ги толкуваат неговите изјави, убедена сум дека точно знае што зборува секој пат кога ќе отвори уста.
„На нашето општество молскавично му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост! Оваа идеологија, односно манипулативна терминологија е богохулна, противприродна, изопачена; Господ ги создаде машко и женско, и сè друго изменето, поинакво и поразлично од Божјото создание е ненормално, а со тоа и неприфатливо“
„Во минатите векови, до феминизмост и еманципацијата на жената, таа била сопруга, мајка, домаќинка, а денес таа е високоеманципирана со забележителни позиции во општеството, но често и разведена и самохрана мајка. Кога некој бара повеќе или поголеми права, треба да е свесен, подготвен и способен да извршува повеќе должности“
На сите апашлуци кои се случуваа/т во државава, родовата еднаквост и феминизмот се главните работи кои ќе го уништат општеството? Па добро бе луѓе, дали ви текнува барем еднаш во сите овие децении наназад црквата или поединци-нејзини претставници, да биле вака речити и експлицитни кога се случуваа тешки криминали? Паметите ли кога (и дали воопшто) се повикувало на богобојазност и скромност кога имало афери од неколку милиони евра и кога се воделе судски процеси во кои станувало збор за големи проневери или злодела? Дали е до мене или нешто овде не е во ред?! За да ја напишам колумнава, имав отворено едно чудо табови за да се присетам на најважните и најголемите киксови на Владиката низ годиниве. Од се’ што можев да прочитам и видам, само ми се потврди зошто не ги сакам мантиите и зошто не верувам во инсистирање на побожност со сеење страв од Божји казни, пекол и анатемисувања.
Така, налетав на негова изјава која датира од 2013 година, а во која вели дека голем дел од браковите се разведувале заради горделивост и заради тоа што секој сакал да командува, иако се знае дека мажот е глава на куќата а жената е подвластена на мажот (после вели оти не и’ биле одземени правата, демек таа имала поголеми права со самото тоа што ги воспитувала децата-првпат слушам дека само мајката има улога во воспитување на децата).
Во 2016 година осамнуваат наслови по порталите во кои се говори за скандал кога во црква во Австралија, владиката со турканици и викање избркал верник. Истата година (2016) се појавува и наслов во кој се споменува конфликт меѓу владиката Петар, владиката Наум и игуменот Гаврил кои (според Петар) се главните виновници за ширење невистини за неговото апсење во Австралија (ова со конфликтиве и расправииве ептен црковно и ептен христијански). Во 2017 година во едно интервју на прашањето колку му се примањата, владиката Петар вели дека истите се „во рамките на повисоките плати што се обично во администрацијата, но не е повеќе од 1.000 евра”! 2018 година е годината во која ги искара младите оти не стапуваат во брак, па им понуди опција или/или, односно брак или манастир на што не останав имуна.
Потоа, во ек на пандемија владиката се надмудруваше со лекарите, застапувајќи теорија дека „ако заразата се ширеше преку причестувањето, тогаш сите свештеници, ѓакони и владици ќе беа мртви, оти ние се причестуваме по секоја литургија, секоја недела”. Пред било кој да отвори уста за да ми раскажува приказни околу причестувањето и короната, само да ве потсетам дека во услови на дивеење на вирусот Руската православна црква воведе правило со кое, по секое причестување лажичето задолжително се дезинфицираше во алкохол, а Српската православна црква имаше правилосвештениците да ја истураат причеста директно во устата на верниците. Потоа, истиот тој владика се лекуваше од ковид во приватна болница (знаете и сами какви износи се спомнуваа за лечење на ковидот во приватните болници, исто како што знаете и колку се промовира скромноста по црквите која не се практикува од оние кои зборуваат за неа). Последно е дека од 1-ви мај ќе започне со работа ТВ „Преобразба“ на владиката Петар која доби дозвола за општ, претежно забавен формат, каков што имаат најголемиот дел од телевизиските станици во државава (извор: Фактор).
Па, еве како поборничка на феминизмот и еманципацијата на жената, а притоа и како разведена жена ја користам оваа пригода да кажам и јас нешто за ригидните и закоравени ставови на владиката.
Прво, големината на нечиј ум па и авторитет се мери по тоа што низ годините човек учи да биде широк во сфаќањата и да не осудува, ниту да врши притисок или заплашување користејќи ја моќта која ја има во општеството. Не се повикувајте на Бог секојпат кога лично не се согласувате со нешто. Ако е Бог голем и е во секој од нас, ако е Бог тој кој велеше „Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен!”, тогаш кој сте Вие да фрлате со камења по се’ што не одобрувате?!
Второ, феминизмот и еманципацијата на жените се најголемите придобивки за жената која од памтивек била вреднувана помалку од мажот (за што постојат статистики кои ги имам спомнувано во колумните и на кои сега нема да арчам простор). Феминизмот и еманципацијата на жените се страшни и неприфатливи за оние кои се свесни дека имале позиција и моќ само заради фактот што се мажи.
Трето, инсистирањето на брак по секоја цена е многу опасна игра, дури и за црквата. Од страв (што од осуда, што од отфрлање) жените ширум светот се соочуваат со фемицид или од очај посегнуваат по својот живот. Внимателно со играње Бог, сепак на земјава сме само луѓе…и сите сме грешни.
Четврто, разведена жена е жена која одлучила да продолжи сама од различни причини кои може да варираат од немање слога и љубов до насилство во бракот, притоа знаејќи што ја чека. А во “што ја чека” спаѓа следново: осуда од задрти мажи и жени кои (во најмала рака) ќе и’ го загорчат животот со озборување и покажување со прст, избегнување како да сме лепрозни и како да е разводот заразна болест, соочување со појава на мислење дека “распуштеница е, си го бара сама” итн.
Петто, да се става во уста самохрана мајка е богохулење. Зошто? Па вака некако, оти мојава логика оди во тој правец. Во новиот завет, во Евангелието според Матеј се вели вака:
- А раѓањето на Исуса Христа стана вака: по свршувачката на мајка Му Марија за Јосифа, уште пред да се состанат, се виде дека е тешка од Светиот Дух.
19. А Јосиф, нејзиниот маж, бидејќи праведен, не сакаше да ја посрами и намисли тајно да ја отпушти.
20. Но, штом помисли така, ангел Господов му се јави насон и рече: „Јосифе, син Давидов, не бој се да ја примиш Марија, жената своја, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух;
21. Таа ќе роди Син и ќе Му ставиш име Исус, зашто Он ќе го спаси народот Свој од неговите гревови.”
22. А сето тоа стана за да се исполни кажаното од Господа преку пророкот, кој вели: - И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!
24. Штом се разбуди Јосиф од сонот, направи така како што му беше заповедал ангелот Господов и ја прими жената своја.
25. И не се доближи до неа, додека таа не Го роди својот првороден Син и Го нарече Исус.
Се чини дека да не бил ангелот Господов (20) мајката на Исус ќе била самохрана мајка, зарем не?
Капа да им симнете на самохраните мајки (и воопшто на самохраните родители, иако Вашиот фокус е секогаш кон жената и нејзиното одбивање да се потчини на мажот), оти никој нема ниту приближно осет со што се соочуваат и какви битки бијат секојдневно. Ако веќе не сте кадарен да им помогнете, не им одмагајте оти имате следбеници кои секогаш мешаат баби и жаби. И за да Ве потсетам колкава Ви е одговорноста кога ќе изустите нешто, еве само еден минијатурен дел од Вашите „верници”. Можеби Ве оправдуваат до срж, ама дека барем еден од овие е Божјо чедо, чисто се сомневам (да, патем речено сите овие скриншотови се од мажи).
Да сте жив и здрав. А ние феминистките, еманципираните, разведените и самохраните мајки (на кои им се поклонувам) ќе продолжиме и без Вашиот благослов или разбирање. Попатно и ќе Ви простиме, не дека така вели религијата не дека така вели религијата, туку само затоа што сме доволно големи луѓе.
(zenskimagazin.mk)