Глигоров беше под влијание и со менталитет на Белград, а на албанските партии влијаеја Приштина и Тирана – кажува историчарот во интервјуто со Борјан Jовановски
Нова ТВ: Имено доколку во првиот дел од разговорот заклучивме дека македонската државотворна супстанца била дежавуирана во периодот од 1945 година до 1991 година, логично се наметна прашањето зошто Македонија како независна држава во 1991 година не успеа да се врати на тој заборавен пат и да го вратиме прекинатиот континуитет на основите на македонската држава?
Поповски: Овој неуспех за кој што прашувате има своја генеза. Имено антиалбанскиот курс започна уште во 1979 година, кога на Тито му е соопштено дека Западот, ценејќи дека Југославија ќе остане без Тито, ќе се обиде да ја декомпонира Федерацијата, бидејќи ако остане цела по смртта на Тито, СФРЈ ќе биде поврзана посилно со тогашната СССР. На таа основа, проценувајќи ги Албанците во СФРЈ, како безбедносна закана, Тито носи одлука за воспоставување на воена управа на Косово по што сите ју-републики распоредуваат воени и полициски сили на Косово. Факт е дека таа воена управа направи ‘ршум низ Косово со апсења на сите кои се обидоа да бараат права и да реагираат против таа воена управа. Понатаму тоа се разви како што е познато. Во врска со оваа одлука на Тито, лани беа објавени и стенограми кои до неодамна беа класифицирани. Од нив може јасно да се види каде и како започнува тој курс против Албанците. Во 1989 година, под влијание на политиката на Милошевиќ, тој курс зема силен замав во Македонија. Тогашното македонско раководство на пример го укинува албанскиот јазик во образованието и посебните паралелки. Министер за образование тогаш беше мојот колега Саво Климовски кој што Албанците по примерот на Белград јавно ги нарекуваше Шиптари. Укинувањето на паралелките и тие стекнати права предизвика бунт кај професорите Албанци. Тогаш почнаа апсења на Албанците и во Македонија. Ваквите политики во реалноста се одразија на овој начин – од индекс 100 завршени албански деца во средно училиште до 1991 година, но за жал и до 2001 година се запишуваа само 6 отсто. Другите остануваа со осмолетка или се иселуваа. Со осмолетка се знае како може да сте интегрирани во општеството, па од тие причини започнаа масовно да емигрираат. Тој тренд се задржа до 2001 година, затоа што по осамостојувањето во државните институции остана голем дел од оној југословенски кадар кој ја практикуваше политиката за која говорам.
Нова ТВ: Зошто тогашниот претседател Киро Глигоров кој направи многу за осамостојувањето на Македонија не успеа да ја прекине таа политика и да воведе нов правец кој е адекватен на духот на македонизмот востановен од акедонската лига за што говоревме на почетокот од овој разговор?
Поповски: Јас напишав еден текст по повод смртта на претседателот Трајковски со наслов Паралели во кој правам споредба на Трајковски со Глигоров. Глигоров беше респектиран и искусен претседател кој направи многу за осамостојувањето на Македонија. Сепак тој задржа некакви обврски кон Белград. За тоа долго време се шпекулираше, а сега е и запишано во мемоарите на Стојан Андов дека Глигоров презел некакви обврски спрема Милошевиќ. Наводно, го цитирам сега Андов, на една средба Милошевиќ му рекол на Андов „видете вие таму во Македонија, Глигоров знае што треба да прави, па ориентирајте се во таа смисла“. Глигоров, исто така, за жал носеше еден менталитет на југословенското раководство. За жал, Уставот го донесовме без согласност на Албанците. Разговорите со нив пропаднаа и сите нивни предлози, дел од нив ниту јас не оправдував. Како и да e, Уставот се носеше на еден бран на национализам. Одредена група на научници и политичари извршија силен притисок, како врз Глигоров, така и врз мене и Фрчковски како пишувачи на предлог Уставот во смисла на тоа дека државата не треба да се дефинира како држава на сите туку како национална држава. Како реакција, Албанците не го гласаа Уставот и упатија демарш да не се признава државата. Во таа смисла на реакција беа и нивните предлози за бинационална држава, па поделба на кантони, федерализација.
Нова ТВ: Од овие причини за кои зборувате во ЕУ имаше проценка дека се потценети извесни права, па ЕУ испрати мисија која во средината на 90-тите ја предводеше искусниот германски дипломат Герд Аренс. Вие лично бевте вклучени во тие разговори. Зошто тој обид на ЕУ да не врати на заборавениот па потценет пат како што велите заврши неуспешно?
Поповски: Герт Аренс беше првата европска мисија во Македонија за постигнување на некаков договор без ситуацијата да ескалира во војна. Тој тогаш водеше преговори со владини претставници, односно со СДСМ и ПДП каде секретар беше Митха Емини, како и еден професор по француски јазик. кој потоа стана дел од АНА и не попушташе. Аренс прво дојде тука, сондираше и нè повика во Брисел. Потоа почна неговата мисија во Македонија и почнаа разговори во Охрид, во Скопје, поединечни разговори со партиите и заедно со партиите и мене ме определија да бидам водач на македонската група во Охрид. Во Охрид ние дискутиравме заедно со претседателот на ПДП и другите како е можно да се создаваат заеднички некои пропорции или заедничко учество и ефект во државните институции на Македонците, Албанците и другите немнозински заедници. Имаше разни предлози во таа смисла. Албанците држеа до тој т.н. функционален нетериторијален федерализам, понекогаш ќе уфрлеа и некои граници, но Герт Аренс кажуваше дека граници нема да се стават бидејќи населението нема проблем да живее заеднички. Нему му беше јасно дека политичките партии форсираат едно или друго, но изворите на тие партии се раководат од различни центри. На пример, она што ви го реков за заедничко движење и консултации во Приштина, Тирана, итн., и тоа беше раководено и координирано во секој случај. Што значи дека имаше и такви предлози. Јас останав сам како послободоумен, во смисла недетерминиран, но резонирам нешто што ми се чини прифатливо. На пример да се поделат функции, еве претседател на Влада да биде Албанец во еден мандат, па два мандата да биде Македонец, а претседател на Репшубликата, бидејќи се бира на непосредни избори, ќе си биде тој што ќе биде избран. Може да се размислува за потпретседател, но не треба да се остварат две композиции во Македонија – Албанците и Македонците да се затворат сами во себе и да тој начин да се наруши таа меѓусебност, соживотот. Кога заврши состанокот, јас реферирав кај Глигоров. Глигоров ги свика Фрчкоски и Црвенковски и веднаш се приговараше дека не може така – „како Владо си дозволил да предложиш такви работи“. Тој врв, сепак, сметаше по принципот мнозинство – малцинство. Албанското политичко раководство беше под влијание на надворешни центри, но, исто така, и државниот врв. На пример, токму кога почнаа тие разговори со Аренс, претседателот Глиговор, Фрчкоски и Црвенковски, врз база на некои документи на КОС за кои се испостави дека се лажни за тоа дека во Радолишта имало натрупано оружје и формации за борба и рушење на системот, одлучија да има силна полициска акција. Тргна полицијата таму со разни притисоци, со рушење на делови на куќа со оклопни транспортери, најде две пушки или три М-48 од Втората светска војна и не најде никакво оружје. Меѓутоа тој инцидент стана голем и тој инцидент остави големи траги.
Нова ТВ: Дали имаше нови шанси да се вратиме на заборавениот пат?
Поповски: Претседателот Кир Глигоров, во тој контекст во кој објаснив за врски со Белград и таков менталитет, многу лесно посегнуваше по примена на административни мерки на сила против демонстрациите на Албанците. И од тие причини Арбен Џафери имаше кажано „ние од денеска не го признаваме Киро Глигоров за претседател на Република Македонија и за наш претседател, тој за нас е граѓанинот Киро Глигоров“. Станува збор за решението за употреба на сила во Радолишта и тој инцидент остави големи траги. Тоа беше првата реакција за која зборував и претходно.Втората реакција беше на барање на Универзитет. Дефиницијата кај претседателот беше дека на нив не им е важен универзитет, туку дека тоа е само пермутиран облик на сепарација дека тие сакаат да се сепарираат, исто така примена на сила и тоа не по наредба претпоставувам, туку на митингот во Тетово, припадник на безбедносните служби од појас во масата пука со пиштол и убива една странка и тоа е вториот инцидент.
Третиот инцидент е за употреба на знамињата во Гостивар каде што имаше две-три жртви и каде што премиерот ја пофали полицијата за добро завршена задача. Сите три интервенции на македонската полиција се договараа неформално во кабинетот на претседателот Глигоров, ако јас се најдев случајно во тој кабинет, не се разговараше пред мене на ниеден начин, туку се повлекуваа зад некоја посебна врата и од таму на пример јас кога ќе закажев средба со претседателот Глигоров ќе ми речеа „чекај ќе дојде“ и јас чекав во празен кабинет и кога оттаму ќе излезат Глигоров, Бранко Црвенковски и Фрчкоски, и јас после тоа ќе знаев дека некаде ќе има тепање. Они се договараа за таква примена. Што значи не се промени односот на Република Македонија од 1991 година во однос на претходниот период. Второ не се направија реално измени во преминот од осмолетка во средно образвание, во 2001 година од 1991 – 6,5 до 7 отсто Албанци одеа во средно образование, 62,5 – 63 отсто останаа со осмолетка во Македонија. Во структурите не се говореше за рамноправна и правична застапеност и за некаква инклузивност и дојде работата до таму дека во Македонија може да пукне граѓанска војна и дека не е подготвена. Во државната администрација застапеноста беше два отсто, во јавните претпријатија пет или шест отсто, во армијата – 1,5 отсто. Имаше генерали, имаше генерал во Генералштабот, но сите тие во политиката како што беше Хисен Рамадани во Извршен Комитет, тие беа репрезенти, но не беа израз на правична застапеност. И во 2001 година, со почетокот на војните во Косово, се јави прелевање на војната во Македонија.