Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ВМРО БИ ТРЕБАЛО ДА СЕ КОНЦЕНТРИРА

October 6, 2020 Filed Under: Колумни

БИЉАНА СЕКУЛОВСКА

На кој начин светската пандемија ќе исчезнела во Македонија, господа од ВМРО, ако целата Планета ја исчекува иднината во ужасен страв и ги одбројува деновите кои следат?

Каде ни отиде паметот низ годиниве? Просто не можам да поверувам дека портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, навистина има изјавено дека – нема да сме имале пандемија и проблеми со корона кризата – економски и здравствени, ако биле искористени вонредните состојби. А парадоксот да биде поголем, Арсовки дополнува – за тоа што не завршила пандемијата во Македонија, виновна била СДСМ. Дополнитело, Пендаровски бил соучесник на мафијата на Заев, а оваа мафија функционирала подобро и од Коза Ностра. Ете, затоа прашањето на паметот е високо на агендата во оваа држава.

Навистина, никој нема против да биде критикувана СДСМ, Заев и Пендаровски. Задоволството е преголемо за да не се искористи, дури и кога имате скоро идеално општество, демкратија во полн цут, во најдобрите, најславните денови. Уживањето и навивањето секогаш е на страна на критиката, политичарите се боксерски вреќи со крокодилски солзи, тоа барем историјата со посебна сласт ни го сервира низ вековите.

Конечно и за тоа служат политичарите – честа е преголема за да не се искористи и да се пука вербално во сите правци, но, за жал, тие се неуништливи. Ох, кутрите тие, слушнете ги само што се можат да ви кажат, доколку имате трпение кога ве влечат по кошулите и ламентираат. Морале секогаш да газат на јајца за да не ја повредат и најмалата трепавица која надвиснала и се заканува да тресне и да предизвика земјотрес и кај најмалите ешалони, но, тоа е жртвата, и тие, взаемно да признаеме, и покрај се, уживаат. Вечни гадови, но демократијата сама по себе ги носи и најперфидните гниди, колку и да се истресувате, тие, пијавиците, со памук ја цицаат и исплукуваат нашата згрутчена крв. Политичарите се сето тоа, или барем најголемиот дел од нив.

Но, апсурдите на опозицијата, на ВМРО-ДПМНЕ се преголеми за да се замолчи засекогаш, па власта да биде таа што не би можела да ги изброи стаповите кои заканувачки ја опкружиле.

Внимавајте, тие констатации на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ се неверојатни, дека  пандемијата ќе исчезнела ако биле донесени мудри и соодветни мерки, но не, таа трае во оваа држава затоа што СДСМ се неспособни, некадарни и што веќе уште не. Зарем не е прегорка оваа корона реалност, смртта со која е светот опкружен, пандемијата која, според црните предвидувања и сценарија ќе нападне опасно во следните зимски месеци, па дури и есенски. На кој начин светската пандемија ќе исчезнела во Македонија, господа од ВМРО, ако целата Планета ја исчекува иднината во ужасен страв и ги одбројува деновите кои следат? Оваа земја е изолиран остров можеби, но во вашите предвидувања одеднаш станавме сами, испустени и ќе ја истребиме и последната корона, можеби како Северна Кореја, каде не постои од самиот почеток.

И како да се сфати сериозно ваква партија, добога, која говори за економска и здравствена криза во време на пандемија, после повеќе од 10 години опустошување на истата таа економија и здравство? Станува здодевно и затупувачки воопшто да се говори за кризи, кои надвиснуваат предолго за да се заборави воопшто некој миг кој е зад нас, но, да бидеме сериозни, барем еднаш. ВМРО мора да се концентрира, да одбере ден, кога ќе се прогласи почеток на мислење и размислување- каде одат и зошто воопшто тоа го прават.

 

Filed Under: Колумни

ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ: ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОДБИ ДА ГОНИ 40 ЛИЦА ЗА НАПАДОТ ВРЗ АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ВО 1999 ГОДИНА
МАТНИ ЗДЕЛКИ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА
И РЕПУБЛИКАНЦИТЕ ГО КРИТИКУВААТ ТРАМП
СЕРГЕЈ ЛОЗНИЦА: ПУТИН И СТАЛИН СЕ РАЗЛИЧНИ, АМА ИМААТ ИСТА МОЌ И СИСТЕМ ЗА ВЛАДЕЕЊЕ
СКОПЈЕ, ТАГАТА ЌЕ СЕ ВИКА СО ТВОЕТО ИМЕ (1)

Најново

  • ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ: ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОДБИ ДА ГОНИ 40 ЛИЦА ЗА НАПАДОТ ВРЗ АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ВО 1999 ГОДИНА
  • МАТНИ ЗДЕЛКИ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА
  • И РЕПУБЛИКАНЦИТЕ ГО КРИТИКУВААТ ТРАМП

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet