Откако не успеа да направи народна буна против „продавање на името“, нашата „најнародна партија“ се обидува да ги исползува своите парламентарни математики за да внесе хаос и дефетизам … па потоа да се менува со амнестија за Груевски и неговите. А и судиите започнаа да ни се разболуваат – чекаат ситуацијата да се расчисти до есен, за да се одлучат во предметите на СЈО
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Двете најголеми партии од македонскиот полититички блок, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не ги намалија своите конфронтации во однос на нашата покана за членство во НАТО и ЕУ и откако јасно се виде – urbi et orbi- од страна на западните сојузи дека тие не само што го признаваат големиот напредок на Македонија во приближувањето кон Брисел, туку и дека ја сметаат за „ѕвезда во програмата“ која требаше да ги оправда сите политики на евроатланските функционери последните години кон Западниот Балкан.
ИЗОЛАЦИОНИЗАМ ВМРО ДПМНЕ, како стожерен претставник на македонскиот изолационизам деновиве мина во вториот одбранбен шанец. Идејата да се напаѓа Преспанскиот договор – како основ за апликацијата во ЕУ и НАТО на земјава – врз база на наводна непотребна жртва на националната гордост, за нешто што нема разменска вредност, особено кога на планетава има и „други решенија“ (Русија, Кина, неврзаните) не е веќе дневен вординг. Проценката секако беше дека партиските пропагандисти ги порекнуваат дури и сите значајни документи на црвено-црните (или портокаловите!) во кои тие се заложуваат за влез во НАТО и ЕУ! Потоа, на овој начин на давање отпор на Договорот си ги рушат мостовите кон своите последни сојузници на Западот, каков што е примерот со познатиот Курц, австрискиот лидер на народњаците, кој доаѓаше и на најмизерните по бројност партиски митинзи на Груевски. Но секако дека во една таква антизападна хистерија на Мицковски и дружината тој нема што да бара во Скопје кај старите пријатели. За него тие се веќе минато. Останува само унгарскиот самодржец Орбан, ама тоа не е никаква утеха. Изолационизмот дома раѓа изолационизам кон ДПМНЕ надвор – тоа добро се виде и од случајот со претседателот Иванов кого никој нема да го дружи (Софија, Анкара).
Јасно, врвот на ДПМНЕ нема партиски амбиент во кој за овие тези и теми би се дискутирало како во секоја партија. Таму внатрешната демократија е одамна убиена а наводната внатрешна опозиција наречена ФРОДЕМ го пропушти возот во клучниот момент. Барем најгласниот член (Јове Кекеновски) станува јаничар на политиката на изолационизам, секако без било каков квалитетен одговор на настанитите дилеми. Во мигот се е оставено во рацете на Мицковски (ако се изземат надворешните влијанија), кој на сите скокотливи прашања како што е ставот на референдумот, вели дека партијата се уште не се одлучила! Јасно, не изгледа така во неговите снимени филипики или митинзите кои ги организира.
ПРОМЕНИ Секако дека сега има промени – ДПМНЕ одлучи да ги олабави своите врски со претставниците од околната дружба, како што е Србија и Русија, бидејќи процени дека тоа ги компромитира преку мерка и така свесно или несвесно ги активира помалите трабанти, кои сега неа ја буцкаат и се сметаат за предадени (русофилската Единство, на пример). Рака на срце ДПМНЕ ја напушти и бусијата пред Собрание (нелогично беше и да се појавува таму, бидејќи како партија е внатре, таа е парламентарна партија) ама присуството на дел од манифестациите на Комитите деновиве, по повод убиството на еден нивни член, ја покажува врската која ја знаевме. Се’ се сведе, кога станува збор за народниот бунт, на крајот на две остарени баби кои се избркани од дома и кои го сопираат сообраќајот со своите народни танци со денови, трошејќи му на народот илјадници литри гориво за возилата кои кружат или стојат во место.
Без тој пензионерски багаж и привремено без истрошениот претседател Иванов, кој засега оди во шпајзот на стратегиските алатки, ДПМНЕ се решава во мигот да ја зајакне својата институционална позиција и настојува да уценува во буквална смисла, бидејќи влезот во НАТО и ЕУ тешко минува, нели, без нивната потпора (формирање на ДИК, креирање на референдумското прашање, организирање и спроведување на референдумот, вклучувајќи го обезбедувањето на елементарната излезност од 900 илјади гласачи, што во мигот е доста далеку како цел). Ова значи дека далечинскиот управувач, во рацете на Мијалков и Фамилијата, притиснато од времето и невозможноста да се измислуваат нови финти во одолговлекување на процесите против нив во Кривичен, бараат пакет за размена. Нивната аболиција или нешто слично во замена за подадената рака на Мицковски кон Заев?!
ВИРУСИ Видовме дека после честите разболување кај клиентите на судот дојде до епидемија и кај судиите од Кривичен кои ги одлагаат процесите, бидејќи, добиле температура среде лето. Здрави се само оние судии како онаа сваровска делителка на правдата која го осуди потенцијалниот атентатор врз ексминистерот за здравство, иако основниот предмет за тој случај (афера Тамара) е далеку од почнување, со што ја добиваме целата диспропорција во делењето на правда кај нас. Јасно, нашата јавност не е наивна, како и светската, која бара најнапред кај нас реформи и тоа токму во областа на правосудството. И тука, во зградата на Кривичниот суд, е вистинското поле каде се прекршуваат далекусежните интереси на овој народ, неговата перспектива и како држава, со потребите на група обвинети за врвен криминал.
Оваа фаза во политичките проценки на луѓето од штабот во Шампитата би ја нарекле фаталистичка. Таа се базира на одбивање на изјаснување „што тие, како опозиција нудат во замена за Договорот“ а се менува со оценката извадена од ракав која гласи „и онака не би не примиле (о НАТО и ЕУ)“. Јасно, не постои реченица во нивните говори која може да издржи полемика, но она што се говореше во минатото се остава на членството кое како мантра околу „предавството“ го повторува во бројните „контактни“ емисии на етерот, сметајќи дека нема да биде прозрена нивната енергија внесена токму во тој намерно созадаван хаос, пумпан со дефетизам. Крајната цел е секако создавање на атмосфера на бришење на совеста кај граѓаните во однос на нашето незачленување во наведените сојузи! Утре ќе биде исто и ако референдумнот не успее, тоа е клучната точка во таа пропагандна тактика.
РАЗМЕНСКА ОПЦИЈА При тоа, далечинскиот управувач ја тера практиката на ДПМНЕ да ја турка разменската опција сега, кога е време и додека судиите ќе биат на годишен одмор (колективно се оди на 15 јули), со цел тие да ја добијат слободата ако народот треба да има своја иднина?!
Еве и ситуацијата со саботните музичките приредби покажува дека пуштањето на хаосот од страна на оваа партија, преку притисоците врз естрадата, при што ги користи сите свои „резервни гуми“, сосе протестот закажан за недела (15 јули) во Кавадарци.
Партиите од албанскиот камп во меѓувреме засега се главно во лер – нема некаква воодушевеност, на ситуацијата во Парламентот се гледа како на интермакедонски судир, иако неуспехот во организацијата и спроведувањето на референдумот е дел од процес кој секако е еднакво судбински за сите.
„Иако целиот процес беше со многу перипетии и пожртвуваност, денес сето тоа беше валоризирано. Денес стана реалност изгубената можност од 2008 година“, велат од БЕСА, една од реткие опозициони партии кои се изјаснува во мигот.
За политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, еден од ретките албански интелектуалци кој се појавува како гостин во тв студијата, ситуацијата е јасна: ако Македонија ги спроведе сите обврски од договорот со Грција, ќе може да смета дека е членка на НАТО.
„Европската унија ги наведе во одлуката на Советот на Европа сите работи кои Македонија треба да ги исполни до јуни следната година, додека кај НАТО мислам дека ситуацијата е поконкретна, појасна и дека целиот процес е поконцизен. Македонија треба да го спроведе договорот со Грција и сите обврски од договорот и секако треба да се подготви за полоправна членка на НАТО, нешто што релативно добро е сработено“, вели Муслиу.
Ахмети засега освен една многу формална честитка за поканата за влез во НАТО (и се чини еден тв настап) не излегува во јавност и веројатно смета дека тој нема опоненти кај албанскиот електорат на референдумот во однос на апликацијата за НАТО и ЕУ.
Засега сепак борбата за вториот шанец на ВМРО ДПМНЕ се остава на СДСМ-овските јуришници. Отпорот, независно од моќта на Мицковски засега силно се диригира од падините на Водно. Секако, не е Иванов во прашање. Тој е само обична алатка.