Предизборната кампања и политичкиот живот после неа во Македонија, се две работи сосема спротивни една со друга. Граѓаните колку и да се трудат да разберат и да се надеваат на промени, се чини дека после изборите остануват збунети. Еве два коментарти на тема.
ВМРО-ДПМНЕ со 58 освоени мандати на последните избори, целата своја кампања ја изгради на два наративи: нема договор со ДУИ и против договор под диктат со Бугарија.
Партијата со повеќе од 460 илјади гласови која пред изборите најавуваше дека ќе ја реорганизира Државната управа, а за тоа се потребни 80 пратеници постојано бараше 61 пратеник, за да не бидат условувани, а лидерот на партијата Христијан Мицкоски дури по изборите ја објави „радосната вест“ дека консолидирале 61 пратеник, без да прецизира кои се тие пратеници што ќе го направат двотретинското мнозинство.
Кој попушти, ВМРО-ДПМНЕ или ДУИ?
Законот за реорганизација на министерствата беше донесен во 2 часот и 30 минути наутро со гласовите на ДУИ, а не на Европскиот Фронт, односно без оние на Алијансата на Зиадин Села. Од изјавите дека Албанците се дефакторизираат со овој закон, Европскиот фронт стигна до тоа да го гласаат законот, а за возврат добија ад-хок комисија. Во однос на гласањето на овој закон од страна на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ го оквалификува како градење на консензус, без никакви услови.
Албанската опозиција поддршката на овој закон ја гледа како интерес за влез во владата. Во меѓувреме, Изет Меџити од ВЛЕН го нарекува очајничко, образложението на ДУИ за формирање привремена парламентарна комисија за следење на правична етничка застапеност во органите на извршната власт.
„Формирањето на ад хок телото за правична застапеност, очајнички за оние кои 20 години имаа можност да постигнат правично претставување, но не го направија, говори дека ДУИ е подготвена да прифати се’, дури и милостина од ВМРО, само за да остане на власт“, напиша на Фacebook Изет Меџити
Премолчено или не, но ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се во коалиција – ќе констатира новинарот на „Неависен“ Љупчо Поповски. Најважното работа од првата седница на Собранието по конститутивната е што клучната поддршка за Мицкоски за спроведување на неговите планови дојде од ДУИ. Двете структури изградија мост за приближување. Прашање е која е цената за испорачаната поддршка на ДУИ за реорганизацијата на Владата – пишува Поповски.
Уште првата седница на Собранието по конститутивната покажа дека прилично неочекувани работи ќе се случуваат во политиката. Ривалствата и тешките мачни зборови се запретани, а прагматичноста и трговијата добија примат пред идеолошките и политичките ставови.
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ повторно се заедно. Партијата на Али Ахмети ја обезбеди клучната логистика за постигнување на двотретинското мнозинство и изгласување на реорганизацијата на Владата.
Неколку недели наназад имаше разни шпекулации за тоа од кој базен гласови би можело да дојдат неопходните неколку пратеници за новата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ да стигне до двотретинско мнозинство. Мандатарот Христијан Мицкоски неколку пати тврдеше дека „имаме консолидирано 61 пратеник“, но тоа се испостави дека не е точно. Потоа се велеше дека двајца пратеници од „Европскиот фронт“ од турските партии ќе се наклонеле кон новото мнозинство. И тоа се покажа како погрешна информација. Потоа дека двата помали партнери од коалицијата на СДСМ ќе заминеле со новата власт. И тоа беше погрешно.
Она на што малкумина се обложуваа – дека ДУИ (после толку тешките зборови изречени против нив во кампањата и цела година претходно) ќе му ја даде клучната поддршка на Мицкоски за неговите планови, рано изутринава во 2,30 минути се покажа како добитна комбинација. Наводно лутите непријатели, кои како и многу пати досега се натпреваруваа во интензитетот на национализмот, уште пред формирањето на владата најдоа јазик со кој ќе го продолжат старото разбирање.
Работите станаа јасни кога некаде пред 23 часот нпред денот на одлуката ВМРО-ДПМНЕ испрати соопштение дека во еден неочекуван расплет лутите предизборни ривали нашле разбирање. И дека ВМРО-ДПМНЕ и „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ склучиле договор албанската опозиција да ги поддржи законските измени за реорганизација на Владата.
ДУИ така најде начин да му пристапи на ВМРО-ДПМНЕ и да ги возобноват старите контакти. А и ВМРО-ДПМНЕ да се обрати кон „пријателот“ со кого беа во совршена дружба девет години. За оваа поддршка од ВМРО-ДПМНЕ се обврзале во „догледно време“ да се формира ад-хок комисија за следење на правичната застапеност на етничките заедници во државната управа.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ имало консултации со партнерите во новата влада, „Вреди“ и ЗНАМ. Дали тие задоволно климнале со главата што нивните архи-непријатели од ДУИ на задна врата влегуваат во мнозинската коалиција во Собранието не знаеме.(По реакцијата од погоре на функционерот на „Вреди“ не би се рекло дека има задоволство.
За реорганизацијата на Владата гласаа 88 пратеници, а 22 беа против. Додека го пишуваме ова листингот за тоа кој како гласал уште не е излезен на веб-страницата на Собранието, но од графичкиот приказ на Собранискиот канал при изјаснувањето во 2,30 часот се гледаше дека меѓу тие 88 пратеници има 11 гласови од „Европскиот фронт“. Пратеничкта група на „Фронтот“ брои 18 члена, лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, претходно изјави дека тие нема да гласаат за законските измени. Очигледно е дека групата на ДУИ во „Европскиот фронт“ се приклонила кон плановите на ВМРО-ДПМНЕ. Дали тоа ќе има последици за кохезијата на „Европскиот фронт“ ќе видиме дополнително.
Исто така, за размерите на трговијата би требало да се дознае подоцна. Би требало. Во наводната жестока пресметка со корупцијата. Уште порано беше јасно дека дека Али Ахмети со поставувањето на луѓето од времето на вмровската дружба на пратеничките листи, а не на помладите и способни министри од последниве две влади, се обиде да направи мост кон она што се гледаше дека доаѓа (победата на ВМРО-ДПМНЕ) и да го намали бранот на отцепување од партијата кое го водеше групацијата на Изет Меџити. Сега координатор на пратеничката група е поранешниот министер за правда и до пред некој ден градоначалник на Сарај, Блерим Беџети. Се сеќаваме на него од живописните снимки од прислушуваните разговори. Тој изгледа ќе биде клучното лице за контакт со структурите со кои некогаш седеше заедно во владата.
И на комисиската расправа и на пленарната седница ноќеска пратениците на ВМРО-ДПМНЕ молчеа, освен кога дофрлаа од место на излагања на некои од нивните колеги. Но кога Славјанка Петровска од СДСМ го читаше соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за договорот со „Европскиот фронт“ (всушност со ДУИ), во салата имаше апсолутен молк. Никој од централната редица и од онаа од десната страна не сакаше да го слуша овој постизборфен пресврт – ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од „Вреди“ ниту од ЗНАМ. На крајот на гласањето имаше аплауз. Не пресилен, но аплауз, и извици на олеснување. Сега можеби ќе се нудат објаснувања дека ДУИ ја почитувал силината на изборното изјаснување и разбрал дека за Македонија да оди напред треба да се поддржат плановите на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Од кои тој по никоја цена не сака да се откаже, па макар се здружил со ДУИ.
Неколку работи остануваат како прашања по ноќешното гласање: Прво, дали ДУИ е неформалниот четврти партнер во идната владина коалиција; второ, дали на оние што веќе прифатија да бидат дел од новото мнозинство („Вреди“ и ЗНАМ) ваквото приближување меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не им пречи или пак им се лоши од него; трето, која е цената за испорачаната поддршка на ДУИ за реорганизацијата на Владата (создавањето на ад-хок тело за следење на правичната застапеност на етничките заедници во државната управа е бесмислено евтина приказна); четврто, дали ДУИ ќе ја испорача ваквата поддршка кога треба да се одлучува за распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители и кога ќе треба да се носат други одлуки за кои е потребно двотретинско мнозинство; дали се согласуваат со реториката на влошување на односите со соседите, особено со Грција; и петто, можеби најважно – дали тие се, всушност, премолчен владин партнер на Мицкоски а не опозиција во Собранието.