ПЕТАР БОГОЈЕСКИ
Последниве години се случи прелом. Се прекршија работите. Со договорите со Бугарија и Грција, падна „југословенскиот концепт“. Сосема заслужено. Дел од СДСМ ја напушти старата матрица и постепено се модернизира, прифаќајќи ги аргументите на македонската револуција. Елитата на ВМРО ДПМНЕ, поради низа причини, си остана промотор на „југословенскиот концепт“, во секој поглед
Прославивме 28 години државност! Независна држава! Македонија низ болка и мака… децении во борба… во борба… денес имаме држава. Историското ВМРО имало парола „Преку голгота, кон независна Македонија“! Честита државност Татковино! Ја имаме таа независност. Голготата дали помина? Секако не! Таа никогаш нема да помине. Борбата за Македонија нема крај. Токму во тоа е длабочината, тајната на таа парола на ВМРО.
Последниве денови се појавија низа информации за настаните од деведесеттите. Од историските моменти кога се промовираше независноста. Прочитавме се и сешто. Од тоа како претседателот на Собранието избегал од Скопје, со цел да не ја потпише декларацијата за независност, до тоа дека вечниот „херој над хероите“ бил на плоштад и сам на себе си кажал „денес правиме држава“. Тоа е крунски доказ дека и тој е заслужен за постоењето на македонската држава. Трети ја истакнаа историската улога на ВМРО ДПМНЕ и тогашниот лидер Љубчо Георгиевски. Четврти потсетија на отпорот кој го даваше СДСМ на прогласување на независноста… на интонирање на македонската химна… на инсистирањето да се зачува сликата на Јосип Броз Тито во собраниската сала… буквално се и сешто видовме и слушнавме.
Како и да е, расположението не го уништија политичарите во целост.
Лично мене, многу ме загрижија пораките на илјадници граѓани во социјалните мрежи за тоа како одбиваат да прославуваат независност на својата држава. Аргументите се дека сме станале зависни, наместо независни. Сме изгубиле достоинство. Јас целосно го разбирам и прифаќам тоа големо граѓанско незадоволство. Навистина има за што да се лути граѓаните. Но, народот на Македонија не смее да се остави така разочаран, до тој степен, да не сака да си ја чествува својата државност. Тоа е веќе сигнал за сериозна криза на државноста. Тоа веќе е проблем за самата држава.
Што е суштината на тие поделени ставови, по повод независноста. Тие и не се така далеку од вистината. Факт е дека тогашната генерација на политичари од СДСМ беа „воздржани“ во однос на процесите кои се случуваа. Тие ќе кажат тоа беше стратегија да не испровоцираат воена интервенција на ЈНА во Македонија. Факт е дека националното будење, националниот романтизам го оглави ВМРО ДПМНЕ, а со тоа и за многу краток период стана најголема политичка партија. Факт е дека Љубчо Георгиевски беше најхрабриот млад политичар на тоа време и дека беше предвесник на сите промени во општеството.
Но, матрицата на „двете алтернативни“ политички понуди, генерално беше иста. Зачувување на југословенскиот концепт на македонизмот, како единствено можен во иднина и во новата независна држава. СДСМ и ВМРО ДПМНЕ инсистираа на она „народи и народности“, малцинства кои претеруваат во барањата и треба да им го покажеме местото каде им е, како за време на Југославија… промоцијата на сонцето од Кутлеш за државен симбол, намерна провокација со цел да се направи конфликт со соседна Грција и да се скрши во старт македонската државност… што се покажа за погубно до ден денес… Чесни исклучоци на политичари од тоа време, од редовите на повеќето политички опции, највеќе од ВМРО ДПМНЕ, но по некој и од СКМ-ПДП или СДСМ, свесни за погрешниот начин на кој е засадена македонската независност, навреме предупредуваа. Беа пред своето време. Не ретко завршуваа прогласени за предавници, само поради тоа што беа визионери и чесно си ја сакаа Македонија. Кажуваа што е погрешно. Но, генерално, државноста наследена од АСНОМскиот период, продолжи да егзистира на темелите на „југословенскиот концепт“. Без да сака воопшто да погледне во историското наследство и да забелеши дека македонските преродбеници и дејци на револуцијата, веќе понудиле „македонски концепт“. Тој требаше да биде преземен уште во 1991 година, модернизиран и прилагоден за периодот на постАСНОМска Македонија, соочен со новата реалност на постоење на силно изградена современа македонска нација, европеизиран со новите реалности низ Европа… и тоа е тоа… денес ќе бевме одамна членки на НАТО, ЕУ… одамна ќе живеевме во благосостојба… немаше да имаме војна во 2001 година… немаше да го смениме името во Северна Македонија… но изборот беше наш!
Погрешивме! Да не грешиме во иднина. Токму затоа сега го возобновуваме и промовираме македонскиот концепт како визија за иднината на Македонија… за да не погрешиме повторно… за да не останеме повторно под конфликти кои сами ги создаваме… за да не ни се повторат блокадите од соседите… за да не живееме во митови, туку во објективна историја… за да се европеизираме преку соочување со реланоста во нашето општество… вистински, длабински да се европеизираме.
Последниве години се случи прелом. Се прекршија работите. Со договорите со Бугарија и Грција, падна „југословенскиот концепт“. Сосема заслужено. Дел од СДСМ ја напушти старата матрица и постепено се модернизира, прифаќајќи ги аргументите на македонската револуција. Елитата на ВМРО ДПМНЕ, поради низа причини, си остана промотор на „југословенскиот концепт“, во секој поглед… нација, држава, евроинтеграции… највеќе притисната од наследеното минато. Тие раководители на ВМРО ДПМНЕ си остана да живеат во филмот „Трето полувреме“. Но, за среќа ВМРО е живо. Секако и внатре во ВМРО ДПМНЕ, но и надвор од партијата. ВМРО е толку силно во секој од нас, што е просто неуштливо. Сега имаме два концепти, оној на врхушката на ВМРО ДПМНЕ, тоа е „хибридизиран југословенски концепт“, секако темелен на „Начертанието“, а од друга страна го имаме изворниот „Македонски концепт“, базиран на изворните вредности на Организацијата, надограден со неопходноста од просперитетна иднина на сите нас, вклучувајќи ги и оние кои сеуште живеат во минатото.
Со оглед на фактот што, полека но сигурно, се исполнуваат сите заложби на историското ВМРО… државност, модерна нација, слобода за сите во Македонија, интеграција со западниот свет, влез во НАТО… можам да заклучам дека ВМРО победи, изгубија старите елити на СДСМ и актуелните на ДПМНЕ. Изгуби минатото, победи иднината. Доаѓа на ред мобилизација на сите сили во општеството, да се определиме за прогресивната иднина или регресивната судбина. Да се определиме дали ќе бидеме со силите на интеграцијата или со силите на изолацијата. Дали на граѓаните ќе им обезбедиме благосостојба или сиромаштија. Дали ќе ги поапсиме мафијашите или тие ќе не владеат. Време е за одлука!