Климатски промени во Македонија: Колку земјоделците се приспособуваат на новите околности?
Извештајот што во август 2021 г. го објави Меѓувладиниот панел за климатски промени на Обединетите нации беше црвен сигнал за човештвото и за катастрофалните последици кон кои се движиме како цивилизација ако најитно не се преземат радикални мерки. Северна Македонија, иако малку придонесува во емисијата на стакленички гасови, сепак, има свои обврски во глобалната борба, како на пример, да го напушти производството на струја од јаглен во РЕК Битола.
Пред земјава е и друг, многу поголем предизвик – како аграрно ориентирана, да го адаптира производството на храна на променетите околности. Како е на терен и на теренот на политиките?
Кумановското поле, со својата распукана згорнина, со векови и векови зјаело кон небото, кон облаците, очекувајќи дожд за да ги напои и врати во живот полумртвите растенија што беспомошно се потпирале и исушувале на неговите грапави пазуви.
На Липковската Река во близина на Куманово одамна започна првата етапа на работите во која се изгради Липковската брана висока 37 метри. Во втората етапа беше подигната уште една брана наречена Глажња, со висина од 71 метар. Вака Кумановско во 1959 година првпат доби наводнување.
Шеесет и две години подоцна системот постои и работи. Но, двете акумулации изгледаат „жедни“ за вода. На Глажња, со голо око се гледа дека водостојот и е многу понизок од проектираниот капацитет. Малку подолу, Липковското Езеро на места наликува на река. На места каде што би требало да има риби сега има траги од други животни кои не припаѓаат на водниот свет
Во селата под браните се повеќе ниви се запуштени и на нив не се одгледуваат никакви култури. Оние упорните се жалат дека многу работи не се како порано.
„Жетвата 50%, јас велам 70%, но 50% е помалку отколку во претходните години. климата се промени кај нас и гравот веќе нема род. Претходно во оваа моја нива тука, која има 2 000 метри, собирав и по 500 кила, сега “ вели Рамиз.
150 километри на југ од кумановско е центарот на градинарските култури во земјата, Струмичкото поле. Но, и таму земјоделците се соочени со промената на климатските услови.
„Со усвојувањето на овие два клучни стратешки документи го трасираме патот за намалување на емисии на стакленички гасови во 5 сектори и предлагаме 63 политики и мерки, во едниот документ до 2030 година, а во долгорочната стратегија до 2050 година“ вели Грнчаровска.
Проценките се дека транзицијата на земјава кон ниско јаглеродно општество ќе чини меѓу 19 и 35 милијарди евра.Најголемиот енергетски капацитет во земјава, вели Грнчаровска, за 6 години нема да работи на јаглен. „Високите температури значат намалување на цветот и паѓа приносот. Од оваа година не сме задоволни, затоа што е многу суша“ вели Нацев.
Годинава можеби е исклучително сушна, но вакви години ќе има се почесто. Причината се климатските промени, за кои е запознаен и професорот во средното земјоделско училиште во Струмица, Томе Тимов.
„Од година на година значи климатските промени влијаат директно врз приносот и квалитетот на производите каде процентот може да биде 10 до 30% намалување на приносите и покрај приносите може да влијаат врз квалитетот на производството, каде кај пиперките имаме опекотини, кај доматите може да се случи абортус на цветовите, кај краставиците, исто така, намалени приноси“ рече Тимов.
Зголемувањето на температурите на светско ниво директно ќе ја погодат и земјава, вели и универзитетскиот професор Душко Мукаетов. Се посилното сонце и се помалку вода влијае токму на културите што се одгледуваат во земјава.
„Култури што најмногу ќе страдаат се оние кои се одгледуваат на отворено, а најголем дел од нив се одгледуваат на отворено. Ако немаме доволно вода да ги наводнуваме, многу ќе се одрази, пред сѐ, на овоштарството, градинарството, градинарските култури ќе бидат најмногу, нормално, погодени од климатските промени“ вели Мукаетов.
Ниту една влада во светот, вклучувајќи ја и македонската, не може да донесе повеќе врнежи или пониски температури. Но, сите можат да придонесат за да се намалат емисиите на гасовите кои го предизвикуваат глобалното затоплување и со тоа да се ублажат последиците.
Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска од Министерството за животна средина вели дека Северна Македонија не придонесува многу во емисијата на стакленички гасови. Но, по усвојувањето на Парискиот договор и Стратегијата за климатска акција, веќе се знае што треба да се прави.
Тоа е стратешки правец дефиниран во неколку стратешки документи.Сите тие документи се конзистентни помеѓу себе, исти цели делат и ситевелат дека јагленот во Битола ќе се напушти но на праведен начин. Тоа е она што го побаруваме и Европска Унија го побарува, таканаречена праведна транзиција, да не се случи губење на работни места на сметка на трансформација на горивото“
рече Грнчаровска.
Ако успее намалувањето на стакленичките гасови и тоа во цел свет, загревањето на планетата ќе се забави или ќе запре. Климата нема да се врати како што била, па земјоделците, секако, ќе мора да се приспособат.
Експертите велат дека постојат мерки што веќе мора да се спроведат за да се задржи производството
„Најпрвин треба, и во таа смисла се направи еден напор, еден проект, да се изврши зонирање во државата во однос на тоа кои култури се најпогодени за одредени региони во државата за да бидат одгледувани, тоа е прв чекор. Потоа, изборот на културите и сортите, да се избираат сорти кои се поотпорни во однос на суша, во однос на повисоки температури итн. Е, кога тоа ќе се задоволи, има друга група на мерки којашто се однесува на директна заштита од климатските промени како што е, веќе реков, сончевиот пригор, тука се користат т.н. УВ мрежи со кои може да се спречи тоа, потоа тие УВ мрежи штитат и од град што може да ги оштети интензивните насади. Потоа, има сет на мерки за конзервација на влагата во почвата, значи покривање со природен и вештачки мулч“ рече Мукаетов.
„Да се постават одредени дата логери или тензиометри каде можеме да влијаеме и да го следиме капацитетот на водата, значи на влажноста на почвата, во кој временски период треба да наводнуваме и со која количина“ рече Тимов.
Ване Нацев, кој 40 години го обработува истото парче земја, веќе применил дел од т.н. мерки за приспособување. Поставил вар над пластениците за да ја ублажи температурата каде што се посевите.
Мора да ги засениме, инаку сѐ ќе изгори.
– Одамна ги користите овие методи?
-Одамна, одамна“ вели Нацев.
А сѐ повеќе ја штеди и водата. „Имаме систем капка по капка и заштедуваме многу вода, инаку така да пуштиме – многу вода бега“ рече Нацев.
Назад, 150 километри на север, во кумановско се гледаат и други мерки на приспособување. Шукри Кадрија нашол решение за променетите климатски услови. Наместо традиционални култури, засадил дрва од видот Пауловнија, брзорастечко растение од Кина на кое не му сметаат повисоки температури.
Доколку светот, вклучувајќи ја и Северна Македонија, успее да ги оствари целите за намалување на стакленичките гасови, тогаш просечните температури на земјата ќе се зголемат за 1,5 Целзиусов степени до 2040 година. Ако не се дејствува брзо, растот на температурата ќе се случи уште порано. Од глобалната реакција, пак, ќе зависат и локалните мерки за приспособување, се додека тоа е можно.