„Шпигел“: ЕУ го прекрши ветувањето, политичките последици можат да бидат сериозни. Ќе биде интересно да се видат првите анкети на јавното мислење по Макроновото „Не“ – констатира Франфуртер Алгемајне Цајтинг
ЕУ цврсто им вети на Северна Македонија и на Албанија дека ќе ги отворат пристапните преговори – и го прекрши тоа ветување. Политичарите на тие земји се засрамени. Тоа што сега доаѓа не е добро, пишува германскиот весник „Шпигел“ на своето онлајн издание.
Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан беше потврдено во Солунската агенда од 2003 година, тогаш Унијата им вети интеграција на овие земји, но неофицијално ова ветување во последно време е под знак прашалник поради заморот од проширување во ЕУ, потсетува весникот.
Меѓутоа, сега ЕУ првпат не го испочитува дадениот збор и поради ветото на Франција, двете земји Албанија и Македонија нема да ги почнат преговорите, кои веќе им беа ветени од Унијата. Одлуката на Советот на ЕУ од петокот предизвика горчина низ цел регион на Западен Балкан. Политичките последици од одбивањето можат да бидат сериозни и многу европски лидери го оценија потегот како „историска грешка“, наведува „Шпигел“.
Според весникот, особено голема горчина предизвика не започнувањето преговори со Северна Македонија, па одлуката на Брисел предизвика политичка криза во земјата – лидерот на социјалдемократите Зоран Заев кажа дека тоа е „голема историска неправда“ и најави предвремени избори за април идната година и негова оставка во јануари.
Во јануари годинава Македонија го смени името во „Северна Македонија“ по речиси три децении спор со Грција. Не само што ваков случај е прв во историјата, туку е и понижувачки за мнозинството Македонци. Сепак, Северна Македонија во моментов е единствена земја во регионот која прави сериозни демократски реформи и реформи во владеење на правото. Земјата, по Шарената револуција во 2016, е позитивен пример во регионот, оценува весникот.
Шпигел коментира дека доколку националистите повторно дојдат на власт, по предвремените избори на пролет, патот на земјата ќе стане непредвидлив. Едно е сигурно, поранешниот премиер Никола Груевски кој избега во Унгарија во 2018 година, немаше скрупули за време на неговото владеење да ја доведе земјата и до граѓанска војна доколку е потребно, само за да остане на власт, пишува „Шпигел“.
Германскиот весник ФАЦ ги анализира можните последици од промената на власта во Скопје по изборите на 12 април и заклучува дека во таков случај најголем проблем ќе биде спроведувањето на Преспанскиот договор. „Макрон кажа „не“, а на Балканот една влада веќе се паѓа: Ако на Европа и требаше доказ дека се уште има политичко влијание во светот, во моментов може да го најде во Скопје“, помалку иронично коментира на почетокот на анализата германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг.
„Откако францускиот претседател Емануел Макрон на самитот на Европската унија минатата недела го спречи почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ со Северна Македонија и Албанија, беа потребни само 48 часа за владата во С. Македонија да го најави својот брз крај.“
Авторот на анализата во најголем дел се занимава со иднината, и судбината, на Преспанскиот договор. Објаснувајќи дека етничките Македонци се уште со одбивност гледаат кон промената на името, ФАЦ пишува дека резултатите од предвремените избори можат да влијаат врз Договорот и односите со Грција.
„Во најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која лавира меѓу национализам, популизам и патриотизам нема да најдете политичар кој отворено ја доведува во прашање ЕУ како крајна цел. (…) Партијата е остро против промената на името, но и натаму тврди дека се залага за членство во ЕУ. До денес нема недвосмислена изјава за нешто поинакво од шефот на ВМРО, Христијан Мицкоски. Но доколку се погледне подетално, работите изгледаат поинаку“, забележува ФАЦ.
„Држава наречена Северна Македонија не постои во политичката реторика на ВМРО – или ако постои, тогаш само како навредлив збор. Мицкоски и неговите сопартијци зборуваат само за Македонија. Дури и постерите или транспарентите на партијата го познаваат само старото државно име. Антонио Милошоски, водечки политичар на ВМРО и македонски министер за надворешни работи од 2006 до 2011 година, го сумира ставот на неговата партија: ‘Нашите граѓани ја нарекуваат својата земја Македонија и ќе продолжат да ја нарекуваат така како што историски се навикнати и во согласност со нивното право на слобода на изразување. Наметнати решенија нема да ја променат волјата на народот’“, пишува ФАЦ.
„Доколку ВМРО успее да ја преземе власта по изборите во април, овој став би бил гаранција за влошување на односите со Грција“, наведува весникот, објаснувајќи дека Преспанскиот договор, иако потпишан, се уште не е целосно спроведен. Како пример за тоа, авторот на ФАЦ ги наведува и трговските марки кои треба да се прилагодат кон новата терминологија. Конкретно, македонското вино, за кое и грчките и македонските винари инсистираат дека имаат право да го продаваат како „македонско”.
„Од една влада предводена од ВМРО тешко може да се очекува дека ќе се залага за спроведување на вакви и други детали од договорот, кој и онака го отфрла. Тоа пак, од друга страна, ќе предизвика реакција кај грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис… кој веќе се изјасни дека не би го потпишал Преспанскиот договор, но ќе го почитува. (…) Во секој случај еден премиер во Скопје кој консеквентно би го користел старото државно име, во Атина ќе предизвика реакции“, забележува ФАЦ.
Проблем за ВМРО-ДПМНЕ, пишува натаму германскиот весник, ќе биде да најде и коалициски партнер.
„Сепак, далеку е од сигурно дека ќе има промена на власта во Северна Македонија. Затоа што дури и ако ВМРО пак стане најсилна партија, останува прашањето каде ќе најде коалициски партнер. Ќе биде интересно да се видат првите анкети на јавното мислење по Макроновото „Не“. Актуелниот премиер Заев се претставува како оптимист. Тој верува дека граѓаните на 12 април ќе донесат ’мудра одлука’“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.