Започна како иновативен ТВ режисер, па ја режираше „Подморница“, а потоа направи кариера во Холивуд со филмовите „Смртоносен вирус“ или „Троја“. На 81 година почина познатиот германски филмски режисер Волфганг Петерс
ЈОХАНКИРТЕН
Се започна со телевизијата, таму го научи занаетот. Пред тоа, тој беше еден од првите кои дипломираа на Германската филмска и телевизиска академија во Берлин. Потоа вредно снимал солидна забава за телевизија, некои епизоди за тогаш новата криминална серија „Таторт“, но и филмови на општествено релевантни теми како „Смог“ (1972-73) за заштита на животната средина и „Последица“ (1977) за хомосексуалноста.
„ПОДМРНИЦА“ КАКО ПРЕСВРТНИЦА Во одреден момент, продуцентите, а пред се Гинтер Рорбах, забележале дека во овој симпатичен режисер има повеќе од солиден мајстор. Рорбах го прашал Петерсен дали би сакал да сними филм според воениот роман на Лотар-Гинтер Бухајм „Подморницата“. Останатото е историја: „Подморница“ (Das Boot) постигна огромен успех во кината, како кратка ТВ серија и конечно во странство. Тој беше номиниран за шест Оскари.
Стана јасно дека Петерсен може да прави големи работи, на пример – холивудски филмови. Прво, во 1984 година, тој го сними најскапиот германски филм до тоа време, сагата „Приказна без крај“. Една година подоцна, во студијата во Минхен, го сними научно-фантастичниот филм „Непријателски рудник“ за американски продуценти. Иако филмот не доживеа голем комерцијален успех, стана јасно дека Петерсен сега ќе си ја проба среќата во Холивуд.
КАРИЕРА ВО ХОЛИВУД Работите во САД, сепак, не одеа баш како што се очекуваше, дури ни за вредниот Германец. Неколку проекти пропаднаа и беа потребни четири години пред Петерсен да го претстави својот прв вистински холивудски филм, трилерот „Смрт во огледалото“. Иако филмот помина добро, се сметаше дека режисерот, како и многу други, ќе се врати дома по неговите ужасни искуства во САД.
Меѓутоа, три години подоцна (1993) се појави „На линијата на огнот“, филм за агент на тајната служба во криза. Главната улога и ја довери на американската ѕвезда Клинт Иствуд, во која тој блесна. Ова ги наведе другите врвни американски ѕвезди да им веруваат на режисерските упатства на Германецот, кој имаше добра репутација во филмската индустрија како доверлив работник и исклучително добар колега.
Во 1995 година, Петерсен го сними „Смртоносен вирус“ со Кевин Спејси, Дастин Хофман и Морган Фримен, во 2000 година „Совршена бура“ со Џорџ Клуни, во 2004 година „Троја“ со Бред Пит и Орландо Блум…
Сепак, филмот за бродската катастрофа „Посејдон“ во 2006 година му донесе катастрофа на режисерот, кој својата меѓународна кариера ја започна со филм за подморница. Потоа повеќе не снимаше за Холивуд.
Петерсен се врати во Германија за прв пат како режисер во 2016 година со комедијата за крадците „Четворица против банката“. Таа приказна веќе ја снимал пред 40 години за германската телевизија, а пред неколку години за ДВ изјави дека неговата сопруга му дала идеја да направи филмски римејк.
САД – „ПОДОБАР СВЕТ“ Волфганг Петерсен никогаш не го криел својот ентузијазам за САД и го припишувал на ослободувањето од сојузниците во 1945 година. Тој еднаш рече: „Нашите родители беа прилично деморализирани по целиот тој хитлеризам, па Американците, нахранети и насмеани, стоејќи така на своите бродови делуваа како спасители“.
За Петерсен, Американците тогаш беа „претставници на поубав свет – богати, моќни и пријателски настроени. Тоа ми остави длабок впечаток“. Децении подоцна, оваа негова благодарност стана јасно видлива во американскиот патриотски филм „Air Force One“ (1997) со Харисон Форд и Глен Клоуз.
Петерсен до неодамна работеше на љубовна приказна заснована на вистински настани од раните шеесетти: за агент на КГБ и една млада девојка од Источна Германија, непосредно пред да се подигне ѕидот. Сепак, тој не успеа да го заврши овој филм.
Волфганг Петерсен е роден во Емден на 14 март 1941 година во Германија. Тој почина во петокот, на 12 август, на 81-годишна возраст од рак, во кругот на своето семејство, дома во Брентвуд, Лос Анџелес.