ДЕНКО МАЛЕСКИ
Да се исчека времето кога Русија ќе стане демократска држава оти краток пат до демократија нема. Го знаеме тоа и од нашето искуство со демократијата во Македонија. Значи, има само краток пат до нуклеарна катастрофа на целата планета Земја
Библиското предание за убиството на Каин на сопствениот брат Авел е древна илустрација за човековата моќ да уништи. Способноста за деструкција добива на својата силина кога човекот се здружува со други луѓе, формирајќи различни заедници на човековиот род. Кулминација на ваквата разурнувачка човекова моќ претставува заедницата наречена современа држава. Овие политички ентитети кои, по дефиниција, не признаваат власт повисока од сопствената и се сметаат себеси за единствениот арбитер на сопствeното поведение, катадневно се исправени пред една судбинска дилема – војна или мир. И додека внатре во државите поединците како рационални суштества, успеваат да се договорат да го предадат оружјето на суверенот и така да ја надминат „состојбата на природата“, таа состојба човекот не успева да ја надмине во односите меѓу државите. Опишувајќи ги меѓународните односи Томас Хобс, во седумнаесеттиот век, ќе забележи: „Во сите времиња, кралевите и лицата со суверен авторитет, заради тоа што се независни, се наоѓаат во постојана љубомора и во став на гладијатори, насочувајќи ги своите оружја и фиксирајќи ги своите погледи еден кон друг… Нивните тврдини, гарнизони и топови се распоредени на границите на нивните кралства и постојано ги шпионираат своите соседи…“.
Маршот на четворицата јавачи на апокалипсата: црвениот (војната), белиот (болеста), црниот (гладот) и синиот (смртта) го следи човечкиот род низ вековите. Како да им се застане на патот, е дилемата која си ја поставуваат истакнати умови во потрага по „вечен мир“. Повикувајќи ги владетелите да потпишат мировен план, французинот Сент Пјер, во осумнаесеттиот век, ветува траен мир кој ќе произлезе од новата организација која тој ја нарекува „Голем сојуз“ или „Европска унија“. Вечен мир меѓу човечки суштества, му одговориле критичарите иронично, има само на гробишта. Жан Жак Русо, кој длабоко го почитувал Сент Пјер ќе напише за него: „Тој ќе беше многу мудар човек, да не беше толку апсурдно разумен“. Разумот, имено, е само една од компонентите на политиката со која често управуваат емоциите, инересите и моќта. Оттаму, кога, во обид да ја оправдаме нашата неспособност да најдеме решение за некој спор, ќе кажеме денес дека тој е „ирационален“ не сме кажале ништо ново. Лесно би било кога рационалноста би била критериумот. Секогаш низ историјата било тешко да се рабере ирационалниот елемент на политиката, домашната и меѓународната.
Во епохата во која живееме се раѓа една од највлијателните идеји во мислата за меѓународната политика. Имено, дека демократските држави не војуваат меѓусебно, дека демократијата е важна причина за мир, па што поголем број на демократии во меѓународниот систем на држави, тоа помали се шансите за војна. Идејата за демократијата како важен извор на мирот потекнува од Кант кој запишал дека вечниот мир ќе се случи само кога државите ќе станат уставни републики. Вудро Вилсон, американскиот претседател, влезе во Првата светска војна со слоганот „Да го направиме светот безбеден за демократијата“. На еден состанок во текот на Втората светска војна Черчил и Рузвелт доаѓаат до заклучокот дека причина за војната е диктатурата на Хитлер во Германија, па следствено, во повоениот свет, битката за демократија е битка за мир. На таа линија на размислување, новиот американски претседател Џозеф Бајден ја најави новата ера на конфронтација меѓу демократиите и автократиите.
Но, во која форма е можна конфронтација во нуклеарната ера меѓу соперници кои можат да стават крај на животот на нашата планета. Кризата околу Украина покажува дека, во ерата на нуклеарно и ракетно вооружување, битката помеѓу демократиите и автократиите ја исклучува меѓусебната војна . Кризата покажа и дека треба да се разбере дека демократизацијата на една земја не е чин на прогласување туку историски процес. Конечно, низ таков процес се развивале и западните демократии. Со други зборови, треба, така да кажам, да се исчека времето кога Русија ќе стане демократска држава оти краток пат до демократија нема. Го знаеме тоа и од нашето искуство со демократијата во Македонија. Значи, има само краток пат до нуклеарна катастрофа на целата планета Земја. Затоа, што и да се превземе против него, треба да се внимава Путин да не биде втеран во ќош од каде нема да има друг излез освен натамошна ескалација кон Трета светска војна.