На минатонеделниот состанок во Берлин, организиран од германското МНР, македонските и бугарските претставници постигнале договор за надминување на најавената блокада во ЕУ. Подоцна Софија се повлекла од договорот.
На состанокот во Берлин бил усогласен Нон-пејпер со кој требало да се надмине историскиот спор меѓу Бугарија и Северна Македонија и да и се отвори патот на земјата за почеток на преговори со ЕУ. Главниот компромис е направен во однос на македонскиот јазик, со тоа што на Бугарија и се нуди можноста преку декларација, како анекс на Преговарачката рамка, да соопшти дека под „македонски јазик го подразбира јазикот согласно Уставот на Република Северна Македонија“. Но за остатокот од ЕУ, јазикот останува македонски.
Состанокот го организираа шефот на германската дипломатија Хајко Мас и министерот за Европа Михаел Рот, а на него присуствуваа шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева и нејзиниот заменик Петко Дојков, како и македонскиот МНР Бујар Османи и вицепремиерот Никола Димитров.
По враќањето во Софија, бугарската страна се повлекла од договореното, тврди австрискиот новинар и дописник на националната ТВ ОРФ за Балканот, Кристијан Вершуц, кој го објави Нон-Пејперот на својата Фејсбук страница во понеделникот попладне.
Документот, кој се смета за необврзувачки, џентлменски договор, меѓу двете страни во спорот се состои од девет точки во кои се адресираат актуелните спорни точки меѓу Софија и Скопје.
Во првата точка се потврдува посветеноста на Бугарија, Северна Македонија и Германија на ЕУ перспективата на Западниот Балкан и на зајакната регионална соработка.
Во втората точка, Бугарија се согласува да дозволи одржување на Меѓувладината конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ во декември 2020.
Во третата точка, С. Македонија се согласува да им соопшти на земјите – енки на ЕУ дека кусото државно име- Северна Македонија „се однесува единствено на политичкиот ентитет „Република Северна Македонија“.
Четвртата точка и го дава на Бугарија правото, со унилатерална изјава како додаток на преговарачката рамка, да соопшти дека „под македонски јазик го подразбира македонскиот јазик во согласност со Уставот на Република Северна Македонија“. Германското претседателство ќе побара од Советот на ЕУ да ја земе в предвид бугарската позиција. Македонија е подготвена официјално да соопшти дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година.
– повеќе на темата: Скопје и Софија се приближуваат до договор
Во останатите точки, двете земји изјавуваат подготвеност да ги засилат билатералната соработка врз база на Договорот за пријателство, со особен фокус на работата на Мешовитата историска комисија. Германија изразила подготвеност да ја помогне работата на оваа Комисија, чија работа во иднина треба да биде засилена и потранспарентна.
Следната точка од Нон-пејперот уште еднаш го потврдува Членот 11 од Договорот за добрососедство. На тој начин Бугарија уште еднаш добива потврда од македонска страна во однос на барањата за признавање на македонско малцинство на нејзина територија.
Понатаму, двете држави се обврзуваат да продолжат да работат на развој на Коридорот 8 како приоритет, да започнат заедничка иницијатива за млади луѓе, медиумски проекти и збратимување на градови.
Во последната точка се изјавува загриженост поради пандемијата на коронавирусот и се акцентира потребата од блиска соседска соработка и соработка со ЕУ на ова поле.
Иако договорот бил постигнат во Берлин, веднаш по враќањето во Софија, бугарската министерка за надворешни работи Захариева одржа прес-конференција на која де-факто го отфрли компромисот.
Инаку, меѓу Скопје, Софија и Берлин со денови е во тек жешка телефонска линија за надминување на спорот. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска порача дека спорот треба да се реши билатерално меѓу двете држави.
Прашањето е дали Бугарија ќе може да го прифати решението постигнато во Берлин поради несогласувања во владејачката коалиција, но и отпорот од претседателот Румен Радев и опозициските социјалисти?!.
Дипломатските напори за надминување на спорните прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија и потоа со серија телефонски разговори во кои е вклучена и Германија, како актуелен претседавач со ЕУ. Владата соопшти дека премиерот Заев разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел, но без никакви детали за можен исход на спорот со Бугарија.
„Во телефонскиот разговор меѓу канцеларката Меркел и премиерот Заев беше споделен заедничкиот интерес и истата цел на двете земји за време на германското претседателство со ЕУ, да се одржи првата меѓувладина конференција во декември како почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ“, соопшти Владата. Претходно Меркел на истата тема разговараше и со бугарскиот премиер Бојко Борисов, но и од Софија можеше да се дознае само дека „има шанси да се надмине спорот“.
Претходно и македонскиот претседател Стево Пендаровски телефонски разговараше со бугарскиот колега Румен Радев за позициите на двете држави во однос на условите за започнување преговори на Северна Македонија за членство во Европската Унија. Како што се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет, двајцата соговорници размениле мислења за „можноста да се постигне одржливо решение за европскиот развој на регионот и, особено, за интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија“.
Радев разговарал и со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер кој потоа му телефонираше со Пендаровски. По разговорот, од кабинетот на Радев соопштија дека тој очекува надминување на спорот преку вклучување на целата Декларација на бугарскиот парламент во Поглавјето 35 од преговарачката рамка за Северна Македонија со ЕУ, „со јасни критериуми и временски рокови, кои треба да се почитуваат во текот на преговарачкиот процес“.
Бугарија, вели Радев, очекува “јасни законски гаранции“ за заштита на единството на бугарската нација и нејзиното културно и историско наследство
„Ако таква одлука е невозможна, нашата земја ќе работи на постигнување билатерален договор со Република Северна Македонија, со кој билатералните прашања би се решавале во духот на пријателството и добрососедските односи“, порачал Радев.