Без помошта на ФБИ не би дознале за заканата за масовно убиство преку Discord: уапсен 20-годишник од тетовско, пронајдени АК-47 и стотици куршуми

Дваесетгодишен жител на тетовското село Мала Речица е лишен од слобода и против него е поднесена кривична пријава за тероризам, откако преку социјалната мрежа Discord испратил сериозни закани дека ќе изврши масовен напад со автоматско оружје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од МВР, осомничениот К.Х. на крајот на јануари испратил порака во која навел дека е подготвен да изврши напад со автоматска пушка АК-47, позната како „калашников“. Во пораката посочил дека инспирација му бил масакрот од 2012 година во училиште во САД, кога напаѓач уби 26 лица, меѓу кои и 20 деца.
Постапката започнала по добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје, откако Федералното биро за истраги (ФБИ) побарало итно откривање на Discord профил од Македонија од кој биле испратени заканите. По идентификацијата на осомничениот, на 17 февруари 2026 година полициски службеници, во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и со асистенција на специјалната единица „Тигар“, извршиле претрес во дом и други простории во Мала Речица.
При претресот кај осомничениот и членови на неговото семејство биле пронајдени и одземени автоматска пушка АК-47 со две рамки и 40 куршуми, пиштол „М57“ со муниција, пиштол „Cherokee“ со повеќе од 600 куршуми калибар 9 милиметри, како и тактички и борбени елеци, ножеви и електронски уреди.
Во акцијата се лишени од слобода две лица. Против К.Х. е поднесена кривична пријава за кривично дело „тероризам“, додека против 89-годишниот Џ.Х. е поднесена пријава за „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“.
Од МВР информираат дека истрагата продолжува во координација со надлежните обвинителства.




