Иницијатор за оваа истрага е Ирена Јовева, првата Македонска по потекло која има функција во ЕУ. Та на својот Фејсбук профил ги потврдува коментарите кои долго време се вртат кај нас – унгарскиот политички врв (Орбан) преку една банка и виа Словенија го финансирал антивладиниот медиумски пул во нашата земја
Унгарските финансиски операции во словенечките и македонските медиуми ќе се најдат на дневен ред пред европските пратеници на пленарна седница. Европскиот Парламент ќе дебатира за „унгарското мешање“ во медиуми во Словенија и во Северна Македонија, потврди словенечката европратеничка, Ирена Јовева, на својот Твитер. Во писмен одговор на прашањата на дописничката на МИА од Брисел, Јовева објаснува дека сознанијата од словенечкиот веб портал „necenzurirano.si“ навеле повеќе европратеници да побараат од одговори од Европската Комисија.
„Според документите објавени на порталот, во изминатите години унгарскиот политички врв, преку една од своите банки и помагачи во Словенија водел голема меѓународна политичко-медиумска операција во С. Македонија со цел да се сруши тамошната влада, како и договорот за зачленување на земјата во НАТО. Во оваа операција, наводно, клучна улога имале унгарските сопственици на медиумите блиски до словенечката партија СДС, кои во тоа време беа финансирани од тие фирми блиски до Виктор Орбан“, објаснува Јовева.
Според објавените информации, станува збор за пренесени четири милиони евра во Словенија преку тие фирми, од кои 1,5 милиони останале во Словенија, а 2,5 милиони се наменети за Северна Македонија.
„Од Европската Комисија бараме одговор да каже како ќе се осигури дека земјите членки на ЕУ не се мешаат во демократските процеси на други земји членки или земји кандидатки за членство“, вели европратеничката од Словенија со македонско потекло.
Иако таа повеќе ја следи ситуацијата во Словенија, отколку во Северна Македонија, вели дека е уверена оти е еднакво лоша за двете земји во овој поглед, со тоа што Северна Македонија се наоѓа во дополнително почувствителен период со оглед на претстојната одлука на Советот за почеток на преговори како и претстојните парламентарни избори.
„Секако, тие што се чувствуваат нападнати ќе речат дека финансирањето од странство е легално, но овие текови се невообичаени, да не речам спорни. Како поранешна новинарка, многу добро знам колку е важна слободата на медиумите и многу добро знам дека тие што се чувствуваат нападнати ќе одговорат со напади, можеби и на лично ниво“, вели Јовева.
Спорните медиуми за кои станува збор во Словенија, се „токму такви“, додава европратеничката.
„Точно тоа е проблемот со овие медиуми за кои ќе разговараме во среда, како „Нова24ТВ“ на пример. Пропаганда на дезинформации, говор на омраза, лаги, јас не можам да го прифатам тоа како нешто нормално, на таков начин, по секоја цена, да се искажува лојалност кон „десната политика“, заклучува Ирена Јовева во своите одговори.
Партијата СДС во Словенија пред неколку дена ја доби премиерската фотелја, откако Марјан Шарец даде оставка, во фотелјата седна дологодишниот сојузник на Виктор Орбан и Никола Груевски, Јанез Јанша. Македонските медиуми во кои најверојатно се истурале овие пари се исто така блиски до Груевски, како „ТВ Алфа“, „Курир“, „Република“, „Нетпрес“.
Но, која е Ирена Јовева?
Да се потсетиме дека таа е првата Македонка која седнува во пратеничкото столче на Европарламентот, иако родната држава на нејзината мајка се уште е далеку од можноста да има свој претставник во Европскиот Парламент. Јовева стана европски политичар откако ги освои симпатиите на Словенците и ја претставува Словенија, како дел од групата пратеници на листата на сега веќе екс-премиерот Марјан Шарец.
Јовева вели дека е горда на своето етничко потекло, но и горда на државата каде денес живее.
-Горда и на мајка ми и на татко ми, бидејќи никогаш не се срамувале да кажат кои сме и што сме, а воедно горда и затоа што секогаш ме учеле да ја почитувам и сакам и државата во која јас сум родена. Тука е мојот дом, во ЕУ ја претставувам Словенија и горда сум на тоа. Но, Македонија секако ќе ја има мојата поддршка кога ќе проценам дека тоа ќе и помогне на државата за нејзиниот пат кон ЕУ, рече еднаш, доста порано порано Ирена Јовева во ексклузивно интервју за Прес24.
Таа во последниот вит спомена дека е поранешна новинарка. Ова вројатно ипо,могнало во кариерата – таа е ослободена од предрасуди, за Европска Унија, размислува во некаква развојна преобразба.
– Сакам реформирана ЕУ, која ќе ги стави луѓето во својот фокус. Сакам политика која нема да гледа на своите интереси и која нема да ветува невозможно, но да има планови и да работи. Време е за нови генерации, кои ќе ја создадеме ЕУ со голем број на заеднички политики, а исто така ЕУ која ќе ги поврзува и одразува националните идентитети на земјите и народите на ЕУ, вели таа во споменатото во интервју.
Кога се говори за Јовева како за Македонка треба да се каже дека со земјава е врзана преку мајка си која е од селото Сакулица (Кратовско), а татко и е од Босилиград, но уште како мал со фамилијата се одселил во Зрновци. Нејзината мајка е денес почината.