Најчесто се применува процентуално усогласување според придонеси, инфлација и раст на плати

ВИКТОРИЈА ГAГО
„Пензијата не е милостина – таа е договорена правда“
Во утринската емисија на „Здраво Македонија“, еден соговорник изјави дека пензионерите треба да добиваат линеарно покачување – еднаква сума за сите, затоа што веќе сме пензионери. Како да сме станале еднакви во моментот кога сме престанале да работиме, без оглед на тоа колку сме вложиле, колку сме заработувале, и колку сме придонесувале.
Но пензијата не е милостина. Таа е договорена правда — резултат на децениски труд, одговорност, и вложување во системот. Кога работев, не ми ја даваа платата затоа што сум сакала, туку затоа што сум заслужила. И токму затоа, мојата пензија треба да го одразува тој труд, а не да се изедначи со некој што вложил помалку.
Како се прави покачување на пензии во демократски држави?
Во повеќето демократски земји, пензиите се усогласуваат процентуално – според растот на платите и инфлацијата. На пример:
- Германија: Пензиите се зголемуваат процентуално, врз основа на растот на платите и економските индикатори. Придонесите играат клучна улога.
- Шведска: Има автоматски механизам за усогласување, кој ја зема предвид инфлација и раст на доход.
- САД: Социјалната пензија (Social Security) се усогласува со т.н. Cost-of-Living Adjustment (COLA) – процентуално, според инфлацијата.
- СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: Според актуелниот закон, пензиите се усогласуваат двапати годишно – во март и септември – според растот на платите и животните трошоци.
ЛИНЕАРНОТО ПОКАЧУВАЊЕ – иста сума за сите – се применува само во исклучителни случаи, најчесто како ПОПУЛИСТИЧКА МЕРКА ПРЕД ИЗБОРИ. НО ТОА СОЗДАВА НЕПРАВДА: оние што вложиле повеќе, добиваат исто како оние што вложиле помалку. И не само тоа – идните усогласувања се вршат врз пониска основица, што значи дека штетата е долгорочна.
Зошто процентуалн9ото покачување е поправедно?
- Ги почитува придонесите на секој пензионер.
- Го одразува растот на економијата и платите.
- Се базира на принципот „колку вложиш, толку добиваш“.
ЗАКЛУЧОК:
Пензионерите не се еднакви по вложување, и затоа не треба да бидат еднакви по покачување. Линеарното покачување е понижување на трудот, одговорноста и дисциплината. Пензијата е договорена правда, не милостина. И токму затоа, процентуалното покачување е единствениот начин да се зачува достоинството на пензионерот.
Ако некој сака еднаквост, нека почне од еднакви придонеси. До тогаш – нека не ни ја поничува пензијата.
(Авторката е писателка и судија, по име Климентина Голабоска, а користи уметнички идентитет по името на баба си по татко)




