СБ смета дека регионот е во растечка неизвесност-само Македонија и Косово со позитивен тренд. Дали најавата на избори нема да ги наруши трендовите во нашпата економија?
Светската банка во најновиот регионален извештај за економската состојба за 2019 година констатира дека во Македонија растот се зацврстува и се проектира да достигне 3,1 проценти до крајот на годината под влијание на зголемените инвестиции и на поголемата потрошувачка. Светската организација врз основана податоците контатира и пад на невработеноста на историски најниско ниво, а притисокот на платите продолжува и понатаму што може да влијае врз конкурентноста на економијата поради зголемувањето на единечната цена на трудот. Во 2019 година Светската банка констатира зголемување на јавниот долг и фискалниот дефицит како резултат на порастот на тековните расходи поради зголемувањето на платите, пензиите и на субвенциите и покрај умерениот раст на приходите.
Се препорачува останувањето на курсот на структурните реформи со кои се поттикнува конкурентноста, се подобрува управувањето и успешноста на јавниот сектор ќе помогне да се забрза процесот на приближување на приходите кон оние во ЕУ.
Ова се главните забелешки од Извештајот на Светската банка за Македонија насловен како „Растечка неизвесност“ во кој се констатира фактичката состојба во регионот (Македонија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Србија) и се даваат проекции за периодот што следува.
ПОГОЛЕМ РАСТ Светската банка конатстира дека 2019 година се зацврстува растот. Како што се наведува, тој во првата половина од 2019 година стигнува до ниво од 3,6 проценти што е најбрза стапка од 2016 година наваму.
Најголеми двигатели на растот се трговијата на големо и на мало, потоа земјолството, индустријата, градежништвото. На страната на побарувачката, главни придонесувачи за растот во првата половина од 2019 година се инвестициите и приватната потрошувачка поттикната од зголемувањето на платите, на пензиите и на кредитирањето на домаќинствата.
Светската банка укажува дека нето извозот имал негативен влијаел врз растот второ тромесечје по ред: односно зголемениот извоз не е доволен да го компензира зголемувањето на увозот на капитални добра и стоки за широка потрошувачка. Ова според СБ се очекува да продолжи, бидејќи зголемувањето на извозот нема да биде доволно да го амортизира напливот на увоз, главно на капитални добра и на полупроизводи.
Растот во 2019 година е проектиран на 3,1 проценти што претставува зголемување во однос на 2018 година, кога беше 2,7 проценти.
Светската банка исто така нотира и дека пазарот на трудот продолжува да се подобрува. Врз основа на податоците, вработеноста се зголемила за 5,2 проценти на годишно ниво, а повеќето од новите работни места биле во преработувачката индустрија, транспортот и складирањето, во административните услуги и во забавата. Невработеноста е намалена на 17,7 проценти што според Светската банка претставува историски најниско ниво. Се проценува дека во 2019 година во целина, невработеноста ќе се намали на 19,4 проценти.
РАСТОТ НА ПЛАТИТЕ ДА БИДЕ ПРОСЛЕДЕН СО РАСТ НА ПРОДУКТИВНОСТА До јуни, реалните нето плати се зголемени за над 2 проценти на годишно ниво, делумно како резултат на зголемувањето на минималната плата во јули 2018 така и во април 2019 година како и поради зголемувањето на платите на јавните службеници на почетокот од 2019 година. Најголемо зголемувања на платите има во здравството, образованието и социјалната заштита, во транспортот, градежништвото и во земјоделството.
Но, Светската банка укажува дека континуираниот тренд на зголемување на платите особено во трудово интензивните дејности, заедно со намалувањето на продуктивноста на трудот во повеќето сектори ја загрозува конкурентноста на економијата, бидејќи единечната цена на трудот се зголемува.
ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЈАВНИОТ ДОЛГ И ФИСКАЛНИОТ ДЕФИЦИТ
И покрај зголемувањето на стапките на даноците и на придонесите, во 2019 година е зголемен фискалниот дефицит. Ревидираниот дефицит за 2019 година се проектира на 2,5 проценти од БДП (проценката на Светска банка останува 2,4 проценти), што претставува зголемување во однос на 1,1 проценти во 2018 година. Кога ќе се додаде дефицитот на Јавното претпријатие за државни патишта, вкупниот дефицит се проценува на 2,7 проценти. Со ребалансот на буџетот ќе се доведе до понатамошно зголемување на субвенциите за плаќање на придонесите за социјално осигурување за да се поттикне пријавувањето на платите што се исплаќаат во готово, зголемување на субвенциите за земјоделството и 15 процентен поврат на ДДВ на граѓаните со поднесување на фискалните сметки за да се подигне даночната дисциплина.
Јавниот и јавно гарантираниот долг се очекува да се зголеми од 48,5 проценти во 2018 година на 51 процент како резултат на интензивирањето на задолжувањето на владата за да ги изврши претстојните обврски додека гарантираниот долг се зголемува со забрзувањето на јавните инвестиции во патиштата.
ИЗГЛЕДИ И РИЗИЦИ Изгледите за економијата се умерено позитивни со годишен просечен раст што до 2021 година се предвидува да биде 3,2 проценти. Инвестициите (на пример, јавните инвестиции во автопатите и приватните инвестиции во енергетиката и туризмот) ќе бидат главни двигатели на растот. Тој ќе биде поддржан и од личната потрошувачка како резултат на зголемувањето на вработеноста и на платите, поттикнати од повисоката минимална плата која главно ќе ги погоди вработените во приватниот сектор. Нето извозот се очекува да го намали растот како резултат на одреденото намалување на надворешната побарувачка.
Но Светската банка укажува дека ова тнр. основно сценарио е придружено со сè поголеми ризици, особено надворешни, бидејќи постојат знаци на забавување на економијата на ЕУ и на светската економија под влијание на трговскиот спор помеѓу САД и Кина, неизвесноста околу Брегзит, тензиите помеѓу САД и Иран, кризите во растечките економии како што е Аргентина итн.
Светска банка очекува да продолжи фискалната консолидација иако побавно како резултат на новите програми за трошење. Владата воведе две нови програми за борба со неформалната економија, која се проценува на 30-40 проценти од БДП, а годишниот трошок за тоа се проценува на 0,8 проценти од БДП. Иако овие програми се предвидени во рамките на планираниот дефицит за 2019 година како резултат на пониските капитални расходи, на среден рок тие треба да бидат амортизирани преку други расходи или мерки на страната на приходите за да се избегне зголемувањето на фискалната ранливост.
Иако овие напори се наменети за справување со неформалниот сектор кој е главен кочничар на економијата, тие веројатно нема да бидат успешни освен ако не се проследени со зајакнување на даночната администрација, поголема ефикасност на инспекциите и подобрување на давањето на јавните услуги и на законите што влијаат врз деловното опкружување.
Иако 2019 е предизборна година, Светската банка укажува дека можното отворање на претпристапните преговори за ЕУ бара Северна Македонија да остане на курсот на структурните реформи за да ја поттикне конкурентноста, да го подобри управувањето и да ја подобри успешноста на јавниот сектор, а јакнењето на политиките за конкурентност и рационализирањето на државната помош би ги унапредило растот и фискалната одржливост.
Во најновиот регионален извештај се оценува дека Северна Македонија и Косово се единствените земји во регионот на Западен Балкан во кои има позитивни трендови кај растот за разлика од другите држави во регионот кај кои има забавување.