Третманот на работниците мигранти во Катар беше контроверзна увертира за овогодинешното Светско првенство, бидејќи тие се соочуваат со ниски плати, негостопримливо сместување и долги работни часови на голема топлина
ЛАУРА ВИДОВИЌ
Работниците кои пристигнаа од некои од најсиромашните земји во светот во Катар и помогнаа во изградбата на стадиони вредни повеќе милијарди долари, се принудени да го гледаат Светското првенство далеку од луксузните хотели во Доха и пространите нови стадиони, пишува Асошиетед прес.
Тие се собираат на теренот за крикет на песочните предградија на градот за да уживаат во турнирот што тие главно го создале. За разлика од официјалната фан зона во Доха, нема пива од 14 долари и нема странски туристи. Неколку фудбалски дресови се појавуваат од толпата на работничката класа што го раздвижува Катар, а единствените опции за храна им се пржените индиски закуски.
Третманот на работниците мигранти во Катар беше контроверзна увертира за овогодинешното Светско првенство, бидејќи тие се соочуваат со ниски плати, негостопримливо сместување и долги работни часови на голема топлина. Сепак, во петокот вечерта, додека Холандија играше со Еквадор, трибините на стадионот за крикет беа полни со работници кои уживаа во нивниот единствен слободен ден во неделата.
Најсреќните успеаја да купат мал број влезници за натпреварите кои беа пуштени во продажба за само 40 ријали, дизајнирани како категорија евтини билети за жителите на Катар. За оние кои не можат да си дозволат да одат на светкавите стадиони, големите екрани во областа на работничкиот логор станаа единствената опција за гледање на турнирот.
Кој може да си дозволи да оди? Во џебот имам 400 риали (нешто повеќе од 100 евра), изјави Анмол Синг, кој моментално работи како електричар. Остатокот од платата од 600 евра му го испраќа на семејството во Источна Индија, бидејќи, како што вели работи само да им даде на своите дома се’.
Иако ниски според западните стандарди, платите на работниците кои мигрирале во Катар и богатите шеихдоми во Персискиот Залив често го надминуваат она што можеле да го заработат дома и служат како спас за нивните семејства во Индија, Непал, Пакистан и Шри Ланка.
Каплана Пахади, 21-годишна чистачка од Непал, прошета низ преполниот стадион за крикет облечена во дрес, шал и капа од Катар. Таа се преселила во Доха пред повеќе од четири години за да ги плати медицинските трошоци за нејзината мајка, која добила срцеви проблеми по смртта на нејзиниот татко.
– Секогаш е болна, сакам да и помогнам, рече загрижено.
За време на полувремето, осветлениот стадион се претвори во забава со музика и играње. Многумина ги извадија мобилните телефони за да го снимат ова искуство на еуфорија и вистински одмор од секојдневието.
Тоа се луѓе од компании кои работат напорна работа, но секаков вид на работа е добра, рече Имтиаз Малик од Пакистан и посочи на толпа мажи. Моментално е вработен во ИТ областа, но му недостасува семејството и би сакал почесто да го слуша нивниот глас. И покрај тоа, Катар стана негов дом.
Поради Светското првенство, Катар мораше да го ревидира својот систем на работа, па го укина системот кафала, кој ги поврзуваше работните визи со нивните работни места и постави минимална месечна плата во износ од илјада ријали (околу 250 евра). Сепак, групите за човекови права велат дека треба да се направи повеќе, бидејќи, работниците се соочуваат со одложена плата и акумулирани долгови бидејќи се принудени да плаќаат високи такси за вработување за да се вработат на првото слободно место.
Имран Кан од Калкута, Индија, рече дека многу млади мажи во неговиот роден град сонуваат да работат во Катар. За време на Светското првенство ги остави родителите и браќата за да се вработи во угостителство, но се’ уште не нашол работа.
– Конкуренцијата е жестока и уште потешко е да се најде работа додека турнирот е во тек, објасни тој и додаде дека во меѓувреме деновите ги поминува гледајќи натпревари на големите екрани.
(продолжува)