Северна Македонија, чиј стратешки партнер се САД, кон авганистанската ситуација изрази подготвеност да прими 750 цивили-бегалци. Дали аердромот на Кабул ќе се врти како отскочна штица за нов бран на бегалци? – со талибаните преговара
ВЛАДИМИР МИРЧЕВСКИ
Првиот контингент од 149 луѓе пристигнаа пред неколку дена – втората група се уште е во најава.
Во наредните денови се очекува нова група авганистански цивили да пристигнат во земјава, најави шефот на дипломатијата, без да прецизира кога точно се очекува овој втор контингент бегалци. Оваа информација Османи ја обелодени на седницата на Стратешкиот совет на МНР на кој се расправаше за ситуацијата во Авганистан и последиците што би следеле за Европа, Балканот и Северна Македонија.
„Очигледно дека она што се случува во Авганистан покажува дека непредвидливоста останува главна на меѓународниот план, а тоа пак носи кризи – дали хуманитарни, дали бегалски, дали терористички закани, се се тоа потенцијални кризи…“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Затоа, Османи инсистира на проактивниот однос на државата во наредниот период и стратешко предвидување на настаните, а не само на реагирање откако ќе се случат. Она што сега се очекува е голем бран луѓе да го напуштат Авганистан каде контролата ја презеде талибанскиот режим и од каде досега, во организација на САД и на дел од Сојузниците, беа евакуирани повеќе од 120.000 цивили.
„Преку 14 милиони од Авганистанците се под прагот на сиромаштијата, се со уништени посеви, а тоа ќе го зголеми притисокот и желбата на тие луѓе да го напуштат Авганистан.“, оцени Драган Тилев, од Секретаријатот за европски прашања.
Јасно е дека нема да се користат само легални патишта и затоа дел од земјите кои очекуваат наплив на бегалци, како Турција и Грција, почнаа или завршија со изградба на ѕидови долж проблематичните делови од нивните граници.
„Се очекува да нема таков бран како оној во 2015 што ја поремети Европа, а и Балканот.“, вели Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО.
„За мене, доаѓањето на Авганистанците е врвен етички момент, но тоа е дел и од некој договор, партнерство важно со НАТО, а уште поважно со САД. Тоа треба да се почитува. Дали оваа криза треба да се користи како политички лост, како на пример, Турција што тоа го прави. Според мене, тоа Северна Македонија тоа не треба да го прави.“, оценува Гордан Георгиев, аналитичар.
Катар има блиски контакти со Талибанците и одигра значајна улога во американските напори за евакуација на десетици илјади луѓе од Авганистан
Министерот за надворешни работи на Катар во четвртокот рече дека се во тек напори за повторно отворање на аеродромот во главниот град на Авганистан, Кабул, но предупреди дека не е јасно кога ќе продолжат летовите.
“Аријана авган ерлајнс” за Агенцијата Франс прес изјави дека нејзините домашни летови треба да продолжат во петок.
Група техничари од Катар и Турција полетаа во Кабул во средата за да помогнат во повторно отворање на аеродромот, што е витална врска со оние што се’ уште бараат начин како да избегаат од земјата зафатена од војна и да обезбедат хуманитарна помош. Тоа беше првиот странски авион што слета на аеродромот откако беше затворен претходниот ден од неодредени причини.
Жените во западниот авганистански град Херат протестираа во четвртокот против Талибанците, извикувајќи „Не плашете се“. Авганистанките се плашат дека Талибанците повторно ќе воведат ограничувања за жените како да носат бурки кога се во јавност и да не им дозволат да работат или да одат на училиште.
Светската програма за храна на ОН минатиот месец процени дека околу еден од секои тројца Авганистанци имаат итна потреба од помош со храна.
Министерот за надворешни работи, катарскиот шеик Мохамед ја истакна потребата Талибанците да „ја покажат својата посветеност да обезбедат безбеден премин и слобода на движење за луѓето во Авганистан“.
Катар има блиски контакти со Талибанците и одигра значајна улога во американските напори за евакуација на десетици илјади луѓе од Авганистан.
Тој рече дека Катар ги продолжува разговорите со светските сили за продолжување на комерцијалните летови на аеродромот. Останува да видиме дали некои комерцијални авиокомпании ќе бидат подготвени да обезбедат услуги за Кабул кога ќе се отвори аеродромот.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека безбедноста „внатре и надвор“ на аеродромот останува најважниот приоритет.
(voa – Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Агенција Франс прес и Ројтерс).