Вработувањето,дообразувањето и бракот се клучни мотиви за иселување од земјава. Германија , Италија, Швајцарија и САД – најатрактивни дестинации ..
АНЕТА ДОДЕВСКА
Расте бројот на граѓани што мигрираат во рамките на земјава, лани според официјалните податоци од Заводот за статистика, земјава ја напуштиле повеќе од 424 луѓе, најголем дел од нив на возраст од 25 до 39 години, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Повеќе од половината не сакале да наведат причина зошто ја напуштаат Македонија, а од оние кои се изјасниле, клучни мотиви им биле семејните причини, вработување во странство, образование и склучување на брак.
Западниот и источниот дел на Македонија најмногу се соочуваат со иселенички егзодус. Најновото истражување на Заводот за статистика покажува дека според бројот на иселени граѓани во 2017 година, предничат општина Гостивар од каде заминале 39 луѓе, општина Делчево ја напуштиле 23 лица а општина Јегуновце 24 луѓе. Борбата за подобра живеачка е еден од главните мотиви за миграција во странство.
„Трета година по ред работам во Италија, превозник сум, возам камион. И мојот брат работи со мене. Работиме по шест месеци, се враќаме во Македонија обично во летниот период, и повторно заминуваме во Италија. Многу млади од овој регион, со бугарски пасоши се заминати во Европа, најмногу во Италија“ – вели еден млад човек од делчевскиот регион.
Според спроведеното истражување на државната статистика, вработувањето е токму една од поважните причини поради кои луѓето ја напуштаат Македонија. Така, 80 од нив не сакале да одговорат која е причината за миграција во странство, 29 изјавиле дека заминуваат поради семејни причини, 21 поради вработување, 6 поради склучување брак а 5 рекле дека ја напуштаат земјава поради образование.
Статистика објавува дека лани земјава ја напуштиле 424 луѓе, од нив 141 биле граѓани на Македонија а 283 биле странци.
„Мора да направиме разлика меѓу овие бројки што ги објавува државната статистика и вистинската слика со миграцијата. Во земјава не постои вистински податок за опфатот на иселување, односно податок со кој располагаат институциите, ова што сега го објавува Државниот завод за статистика е број на официјално пријавени и одјавени граѓани, но не и оние кои официјално не се пријавиле дека мигрираат, а нивниот борј е далеку поголем од ова што сега го имаме како податок“ – вели статистичарот Дончо Герасимовски, еден од поранешните директори на Заводот за статистика.
Најатрактивни дестинации за граѓаните на Македонија се европските држави и Америка. Така, во Германија мигрирале 40 луѓе, во Америка 42, во Италија и во Австрија заминале по 11 луѓе, во Швајцарија 14.
Германија е една од земјите во која заминува стручен кадар, особено од здравството. Фрапантни беа податоците што ги објави Лекарската комора а според кои само од Тетово, дури 80 лекари побарале потврди за заминување во странство.
„Не можеме да кажеме дека само млади си заминуваат, си заминуваат и искусни специјалисти, луѓе кои долго време допринеле со нивната работа, во здравствениот систем во Македонија“ – изјави доктор Илберт Бесими, потпретседател на Лекарска комора.
Според степенот на обрзование, Македонија ја напуштаат речиси си сите профили, и нисоко и високо обучен кадар. Податоците покажуваат дека лани заминале 19 луѓе со основно и 35 со средно образование, 8 лица биле со висока школа а заминале и доктори на науки. Околу десеттина луѓе што мигрирале во странство биле без образование или со основно образование.
Отсустовото на точни и комплетни податоци за бројот на граѓаните во Македонија, според експертите, значајно влијае врз веродостојноста на сите останатаи показатели, и економски и политички.
„Кај надворешните миграции голем проблем е отсуството на точни податоци за бројот на заминати граѓани а тоа влијае и врз податоците за проценка на население. Така, ако не го знаеме целосниот број на иселени, значи параметрите за останатите движења треба да ги анализираме со резерва. На пример, како пресметуваме БДП по глава на жител, ако не го знаеме точниот број на жители. Од 2002 година немаме направено проценка на население по општини, односно во некои општини населението воопшто не е пребројано , а од друга страна носиме развојни програми на локално ниво – врз основа на кои податоци? ‘ – вели статистичарот Герасимовски и додава:
„Интересно е на пример дека советниците во општините земаат надоместоци врз основа , меѓудругото , и на борјот на жители во општината, а ние, како што кажав, немаме нов проценка за бројот на граѓани по општини. Значи без веродостојни податоци не можеме да зборуваме за веродостојност на останатите параметри“
Но, во Македонија се зголемува и бројот на граѓани кои внатрешно мигрираат. Само лани од еден во друг град , односно меѓуопштински мигрирале 6 704 граѓани а 2 258 во рамките на иста општина, односно град. Во метрополата во 2017 година од други општини се доселиле 2 506 нови жители, а според бројот на новодоселени се и општините Аеродром, Карпош, Гази Баба. Од друга страна, според бројот на граѓани кои ја напуштиле општината и заминале да живеат во друга, освен Скопје, предничат и Битола, од каде заминале 206 жители Гостивар го напуштиле 189 луѓе, Куманово 195, Прилеп 202 а од Тетово 214 жители мигрирале во друга општина, односно град во текот на 2017 година.
Експертите потсетуваат дека ова се податоци за евидентирани граѓани кои мигрирале, без разлика дали заминале во странство или дали се работи за внатрешни миграции и дека состојбата во реалноста, со оглед на неевидентираните лица, е сосема поинаква.
Македонија, како земја членка на Обединетите нации е обврзана да спроведе попис на население. Последен пат операцијата беше направена во 2001 година а во 2011 обидот за попис пропадна и заврши како “случај“ на Специјалното јавно обвинителство.