Анкета од Софија покажува топење на отпорот на јавното мислење кај источниот сосед во однос на отфрлање на бугарското вето кон нас. Позитивни сигнали и од Минхен за процесот со Бугарија – го носи ли пролетта решението на спорот? Што кажува пораката на Бујар Османи на Фејсбук?
Додека зголемениот интензитет на преговорите меѓу Бугарија и земјава течат а дома кај нас тоа наидува на опструкции кои се најчесто надвор од здравиот разум и со вокабулар кој знае да биде и простачки9, мината недела на цажниот самит во Минхен нашата делегација имаше интензивни средби, поврзани пред се за својот клчучен надворешно политички проблем.
Премиерот Ковачевски, притоа, заедно со претседателот на Владата на Република Бугарија имаше срдечна средба со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Ентони Блинкен за време на обраќањето на Потпретседателката на САД, Камала Харис. Во разговорот државниот секретар Блинкен ја изрази својата целосна поддршка за дијалогот и пријателството меѓу Северна Македонија и Бугарија и ја сподели својата искрена желба да нѐ види заедно во ЕУ. Блинкен истакна дека САД останува наш посветен партнер во надминувањето на предизвиците. На конференцијата во Минхен, премиерот Ковачевски се сретна и со премиерот на Обединетото Кралство, со кој заеднички оценија дека сојузништвото во НАТО е силен влог за безбедноста и стабилноста на Европа.
За време на средбата премиерот Џонсон рече дека како наш стратешки партнер во евроинтеграциските процеси, Обединетото Кралство ќе продолжи со силна меѓународна поддршка и му честиташе на премиерот Ковачевски за сите заложби на Владата на Северна Македонија за спроведување конструктивен дијалог со Софија кој ќе ни овозможи исполнување на нашите стратешки цели за интеграција во ЕУ.
Претседателот на Владата Ковачевски на Минхенската безбедносна конференција се сретна со претставничката на Мичиген во конгресот на САД Елиса Слоткин. Како голем пријател на Северна Македонија, конгресменката Слоткин минатата година со задоволство прифати да се приклучи конгресната група за пријателство со Северна Македонија, кое дојде после нејзината исклучителна активност за членството на нашата земја во НАТО. На средбата со премиерот Ковачевски, Слоткин истакна дека останува силен глас во поддршката за нашата земја во заедничките мисии за мир и безбедност со САД како сојузници во НАТО.
Во фокусот на разговорот беше зајакнувањето на економската соработка со поврзување на стопанските комори и за соработка во други области, како и подготвеноста на Баварија да помогне во реформите на правосудството, борбата против корупцијата и во неопходната помош на нашиот пат кон ЕУ.
Делегациите на Македонија и Бугарија на маргините на Минхенската безбедносна конференција, остварија меѓусебна средба на која беше изразено задоволство од процесот на динамизирање на билатералната соработка преку реализацијата на концептот на работни групи и конкретните активности и предлози кои досега произлегоа од нивната работа, напиша на фејсбук министерот за надворешни работи Бујар Османи, посочувајќи дека на средбата биле дискутирани и разменетите предлози за унапредување на соработката во повеќе области.
– Во однос на пакетот политички прашања беше поздравена работата на експертските групи составени од претставници на министерствата за надворешни работи. Непосредната комуникација и секторската соработка е ефективен метод и како таков ќе продолжи да се користи во контекстот на продлабочување на односите и подигање на нивото на политички дијалог – пишува Османи.
– Беше потенцирано дека трговската размена меѓу двете земји во текот на 2021 година достигна речиси 900 милиони долари и оствари раст од 32 отсто, со што се искачи на ниво повисоко од нивоата на трговска размена од пред појавата на пандемијата – напиша Османи на фејсбук.
Инаку, иако бугарското општество бележеше висока поддршка дури и до 80 отсто за ветото кон Северна Македонија, првото поголемо истражување на јавното мислење по формирањето на новата бугарска влада, открива дека има поместување во ставовите околу новиот пристап во односите меѓу двете земји.
Најавениот нов, пофлексибилен пристап во преговорите на Бугарија со Северна Македонија го подржуваат 31 отсто од испитаниците, 49 отсто го поддржуваат претходниот поцврст став, a 20 oтсто не можеле да проценат. Ова се резултатите од одговорите на прашањето: Која од двете позиции ја поддржувате – објавениот нов, подијалошки и флексибилен пристап на Бугарија кон Северна Македонија, или претходната потврда позиција? Истражување го спровела „Алфа Рисрч“ од 6-ти до 14-ти февруари на 1.060 полнолетни бугарски граѓани од целата земја, преку директно, стандардизирано интервју.
Според анализата, со исклучок на Демократска Бугарија, поддржувачите на сите други партии во владејачката коалиција, вклучително и подржувачите на „Продолжуваме со промената“, го претпочитале досегашниот (стариот) пристап. Но, според истражувачите од „Алфа рисрч“, тоа не значи дека новиот пристап е осуден на неуспех, туку ја потврдува максимата – не е доволно да кажеш, важно е да убедиш.
Интензивните дипломатски активности на македонската влада и Министерство за надворешни работи, од една страна насочени со ново освежениот процес на преговори со Бугарија, а од друга – кон засилени контакти со западните сојузници, се едниот крупен повод за во јавноста да се појави нова надеж дека е можно решение на спорот и откочување на преговорите на земјава за членство во Европската унија.
Вториот повод за ваква надеж се изјавите од претставниците на нашите власти, во кои провејува оптимизам каков што ретко сме имале можност да слушнеме околу ова прашање.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, кој обично е воздржан и одмерен околу оценките за тековната ситуација со Бугарија, деновиве излезе со оптимистички тонови од Минхен, каде разговараше со бугарските претставници, но и со низа политичари од партнерските и пријателски европски земји.
Османи рече дека смета оти како резултат на политичката волја која постои кај двете влади конечно да го затворат ова прашање, двете земји се поблиску од кога било до изнаоѓање решение. Тој вели дека е внимателен, бидејќи е свесен за контекстот во кој работи и очекува да се соочат со тешкотии, но и дека до решение за спорот со Бугарија мора да се дојде.
„Секако дека сме оптимисти, бидејќи наша задача е да ги оствариме аспирациите на граѓаните кои нè обврзаа да работиме во нивен интерес. Мислам дека има нова динамика. Со формирањето на новите влади, по речиси две години, имаме подобри предуслови за дејствување. Ова го велам затоа што и последната политичка влада во Бугарија беше под голем притисок. Имате предвид дека во тоа време имаше улични протести, беше предизборен период, потоа имаше технички влади, три последователни изборни циклуси… Тоа го отежнуваше просторот да ги надминеме овие разлики. Сега за првпат имаме две влади кои се на почетокот на мандатот како важен предуслов за решение и кои имаат политичка волја да го затворат ова отворено прашање, кое ги држи во заложништво односите меѓу двете земји, но и секоја земја посебно“, изјави Османи за КДП.
Министерот вели дека сега позициите се приближени, откако претходно двете страни поминале низ различни фази, со различни пристапи, со различни перспективи и недоверба.
„Како што се одвиваа разговорите, некои прашања се разјаснија, некои позиции се приближија, некои перспективи се сменија и сега имаме ситуација кога сè е напишано на хартија. Се вели дека ако можеш да напишеш проблем на хартија, имаш половина од него решено. Ова значи дека ако можете правилно да го дефинирате проблемот, тогаш сте на половина пат. Мислам дека успехот на разговорите досега беше дефиниција на спорот, јасно дефинирање на позициите на двете страни. Ова е многу важен предуслов бидејќи, кога немате дефинирани позиции, не можете ниту да се сретнете, ниту да зборувате за разлики.
Мислам дека сега го дефиниравме проблемот. Ќе биде потребна добра волја, мудрост, помалку емоции и секако дипломатска креативност за овој веќе дефиниран проблем да се реши во интерес на двете страни“, заклучува Османи.
И бугарскиот премиер Кирил Петков, но и неговиот македонски колега Димитар Ковачевски, уште по првата средба во Софија јавно предупредија дека и во Бугарија и во С. Македонија има сили кои ќе се обидат на разни начини, со политички блокади и сопки, но и со медиумски спинови и дезинформации, да се обидат да го нарушат процесот на изнаоѓање решение на спорот меѓу двете земји.
Но, се чини дека тешко може да се запре новиот дух во односите меѓу двете земји, на кој со голема симпатија се гледа и во Брисел и во Вашингтон, судејќи според сигналите кои доаѓаат оттаму.
(р.г.)