ЕЛЕНА МИХАЈЛОВА СТАТИЛАТИ
Популизмот стана речиси убедлива ознака за нарушувачката политика на нашето време. Вообичаено и пејоративно дефиниран да имплицира нативизам, анти-алиберализам и анти-плурализам, неговото значење има тенденција да го повикува „народниот“ елемент како ирационална сила ослободена врз инаку функционалните либерални демократии. Ваквата оска помеѓу популизмот и анти-популизмот се појавува како доминантен расцеп, идеолошка руптура која го организира политичкото значење и на нашата сегашна состојба
Популизмот стана речиси убедлива ознака за нарушувачката политика на нашето време. Вообичаено и пејоративно дефиниран да имплицира нативизам, анти-алиберализам и анти-плурализам, неговото значење има тенденција да го повикува „народниот“ елемент како ирационална сила ослободена врз инаку функционалните либерални демократии. Ваквата оска помеѓу популизмот и анти-популизмот се појавува како доминантен расцеп, идеолошка руптура која го организира политичкото значење и на нашата сегашна состојба.
Повеќе од една деценија македонското општество беше заробено во режим чиј препознатлив карактер беше непријателството кон либералните начела и принципи на уставната демократија. Авторитарниот популизам или Груевизам се манифестираше низ своите ксенофобични агенди, вклучувајќи опозиција кон меѓународната интеграција, имиграцијата и ресентимент кон „елитите“. Па така, последните неколку години сведочат напори за превоспоставување на македонската демократија преку излез од популистичките анти-либерални политики и воспоставување на владеењето на правото.
Како и да е, бранителите на либералната демократска политика прикажуваат погрешен избор помеѓу реставрирањето или обновувањето на демократската политика и популистичкото лизгање во авторитаризам и ксенофобија. Како и во Македонија, така и надвор од неа, „популистичките“ антилиберални влади дојдоа на власт во рамките на ограничувањата на постоечките либерални демократии. Ова е она што повеќе може да се нарече „политички инжењеринг“ (способноста да се изградат победнички политички коалиции со користење на воспоставената демократска машинерија низ обраќање на народното незадоволство причинето или неадресирано од владеачкиот политички естаблишмент), отколку револт на масите. Изборот на изминатата авторитарна влада не се случи преку спонтан народен бунт или масовна мобилизација. Напротив, беше употребена стандардната демократска машинерија. Немаше уставен куп со поддршка на масите (иако откако овој режим ја доби власта се ангажираше во опасни напори за вградување на себе си со уставни и други структурални политички промени).
Анти-популистите се пребрзи да го обвинат „народниот“ или „демократскиот“ елемент за заканите по судовите или владеењето на правото. Можеби наместо приказната за масите мобилизирани да го бранат народниот суверенитет против судството и владеењето на правото, треба да почне да се раскажува приказната за корупцијата и некомпетентноста на судските елити. Не смее да се потценува опсегот до кој демократијата (во смисла на народот) е фактички неопходна за одбрана и зачувување на правните институции, наместо закана по нив. Без широкораспространета јавна поддршка, како судството навистина ќе ги држи под контрола не-либералните тенденции во извршните, финансиските или безбедносните служби, или на пример, ќе ги спречи нелегитимните помилувања на Хорхе?
Точно е дека ние го добивме најверниот пример на ова разбирање на елементот на „народ“: разјарени толпи во поход да ги уништат Институциите (упадот во Собранието од 27ми април). Но зошто да се етикетираат тие како „популисти“, наместо илјадниците кои се ангажираа на државни протести против нападите на судството и другите независни институции, против амнестиите на Претседателот и ….илјадниците кои маршираа за правда? Навистина, популизмот може да означи било каков вид на нарушување на елитно насочуваната политика во (зрелите) либерални демократии. Зошто да не бидат подеднакво признати како популизам (лев популизам на пример) оние напори против естаблишментот или елитната политика кои се конзистентни со заштита на малцинските права, уставната демократија и плурализмот?
Нема ништо суштински реакционерно или прогресивно во самиот популистички елемент или во политиката која се обраќа до „народот“. А до кого друг носителите на промената би се обратиле? (Во модерноста, народот е единствениот извор на политички легитимитет до кој некој може да апелира против естаблишментот, дури и ако естаблиштментот го должи неговото место во дел на демократските институции).
Пренасочувањето на заканата за слободата кон игнорантните и полни со предрасуди маси (кои точно, минатиот авторитарен режим ги изнедри во мера досега непозната за нас), служи за ослободување на длабоката држава од одговорност. Елитите не се помалку мотивирани од страст и себе-интерес. Ако им се допушти да ја доминираат политиката со исклучување на другите граѓани, веројатно е дека ќе го ограничат за себе си уживањето на либералните права, како и пристапот до економските ресурси.
Во оваа смисла поедноставеното прикажување на нашите моментални прилики како борба за ослободување од остатоците на еден авторитарен ксенофобичен режим кој се има длабоко вкоренето (институционално и ментално) е точно. Меѓутоа, внесена во погорната дихотомија на популизам и анти-популизам, таа борба има тенденција да прикрие многу од она што е навистина исклучително или нарушувачко во сегашниот политички момент. Постои една важна агенда на демократска реформа која мора да се случи и која е различна од моменталната либерална демократска политика која би се свела на анти-популизам.
Вистинските прашања не се однесуваат само на тоа дали либералната политика е ненативистичка и нексенофобична. Покрај ова, таа мора да биде и репрезентативна. Тоа значи дека не е доволно само мнозинските институции да не ги опресираат малцинствата, повеќе, институциите мора да функционираат позитивно за да осигураат дека сите граѓани и релевнатни групи се способни да се видат себе си рефлектирани во политиките и нивните одлуки/исходи, дека никој не е исклучен или заборавен.
Неспособноста на граѓаните да се спротистават на моќта и привилегиите на богатите поставува сериозна закана за квалитетот на политичката репрезентација денес, и сурово ги ослабува условите на слобода и еднаквост во рамките на нашето општество. Ова исклучување го дели народот порадикално од секој етнички или идентитетски конфликт.
Нашата социјално ориентирана лева влада изгледа намалено вешта во спречување на најбогатите членови на општеството да користат прекумерно влијание во правењето на законите и политиките. Иронично, заедно со нашите елитистички либерални демократи дури и покажуваат самозадоволство за олигархиската тенденција во нашата демократија. Во дел затоа што тие (секако наивно) ги разбираат денешните олигарси како во голема мера бенигни; не како експлоататори и безмилосни трагачи по профит (и избегнувачи на данок), туку како визионери. Така, „успешниот бизнисмен“, оној кој е способен „да подели плата“, станува новиот рол модел на македонската младина.
Како и да е, бизнисот е активност со која се занимаваме да постигнеме други добра. Крајот на земјоделството е производство на здрава храна; крајот на производството на автомобили е производство на превоз; крајот на медицината е здравјето. Во пазарната економија тие треба да останат одржливи, но фармите и автомобилските компании не постојат пред се за збогатување на акционерите, туку за производство на вредност за нашето општество. Креаторите на нашите економии мора да бидат едуцирани и способни да размислуваат за тие добра длабоко и критички, особено затоа што пазарите се културни институции, обликувани според она што го цениме.
Ова е и една од главните причини зошто се се погласни ставовите на академијата низ светот дека нема оправданост за бизнис специјализирање во рамките на високото образование. Самото постоење на бизнис предметите ги учи студентите дека крајот на бизнисот е бизнис. Во оваа смисла универзитетските бизнис насоки и предмети се антиинтелектуални програми во институција чија цел е интелектуална. Тие нужно не водат до повисоки плати; тие произведуваат пониски исходи од учењето и, конечно, тие се во тензија со етичките и интелектуалните цели на унверзитетското образование. И додека академијата во светот се погласно ги идентификува бизнис дипломите како дипломи за студенти кои сакаат факултетско образование без високо образование, нашата влада ги става како врв на нечие CV, гаранција дека успешно ќе се води економијата на државата.
Дополнително, бизнис, политичките и другите сегменти од општеството имаат посебни култури. Постојат различни видови на чест или признавање и луѓето на политичкото делување може да ги најдат постигнувањата на бизнисмените за вулгарни, исто онака како што луѓето на книжевноста и уметностите може да ги најдат за такви политичките или партиските издигнувања. Спротивно на ова, нашите либерални демократи и нашата социјална или лево ориентирана влада храни единствена „бизнис култура“ која станува екстремно агресивна и чиј наратив го доминира политичкиот и општествениот дискурс.
Имено, во случаите кога прогресивните движења (јасно) не можат да бидат обвинети како нативистички или анти-либерални (да се стават во истиот куп со вмровските ксенофоби, апостоли на толпата), нашите олигарси во политиката наместо тоа ги напаѓаат како наивни или ги дискредитираат како оние на кои им недостига експертиза и соодветно искуство. На пример, крајно едуцираните економски аналитичари кои бараат правична економска дистрибуција редовно се обвинуваат како нереални и индиферентни кон „фактите“, желни да ги заменат комплексните економски анализи за едноставните морални извесности. Екологистите се редовно прикажани како наивни, несвесни за тоа како светот функционира. Конечно, ниту една количина на компетенција или техничко знаење, дури и вклучени несебично, не може да оправда господарење со луѓето какво што носи олигархиски управуваната политика.
Политичката еднаквост на граѓаните не е доволна. Нашите граѓански и политички права тука не ни служат многу. Ако ние едноставно се преправаме дека суштинската нееднаквост на актерите во политичката област не постои (бидејќи владата навистина е отворена за граѓаните, респонзивна за медиумите, ја почитува културната различност, итн), последицата ќе биде дека оние кои се општествено помоќни ќе станат политички повлијателни, во смисла на нивниот капацитет политички да ги артикулираат сопствените интереси; нивниот капацитет да ги претстават тие интереси како порелевнатни од интересите на послабите и, конечно, во смисла на нивниот капацитет да влезат во директна комуникација со владата.
Многу е важно да се има на ум дека владата во нејзиниот капацитет за носење на одлуки има моќ да одлучи кои прашања (од кои области и кои актери во политичката арена) ќе бидат ставени на нејзината агенда. Ако изборот на тоа што и кој е релевантен, со други зборови, што и кој заслужува владино разгледување е оставено на владата, предмет само на условот на формална еднаквост на политичките актери и на процедурите кои се потпираат ексклузивно на ваквата формална еднаквост, владата, на крајот, има слобода да ги избере проблемите и актерите кои ги смета за релевантни. Граѓаните, од нивна страна, стануваат поделени на оние кои имаат ефективен пристап до фазата на носење на одллуки и оние кои немаат. Некои луѓе, групи и организации избрани од владата – по покана – навистина влегуваат во владиниот апаратус, според тоа кршејќи ја линијата која ги дели оние кои управуваат и народот (и тука всушност највеќе се доближуваме до идеалот „народот да владее“).
Но, тие „некои луѓе“ е веројатно да бидат од посебен вид: политичко-економски организирани работодавачи, индустријата на марихуана, лекови, тешката индустрија, (или мафијата како во некои од пост-комунистичките земји). Овој вид на „владеење од народот“ води директно до воспоставување на „двојна држава“. „Корпоративната држава“ составена од претставници на економските моќни интереси од една страна и државниот апаратус од друга страна, аминуваат многу важни одлуки, стоејќи во сенката на „официјалната“ уставна влада. И формално еднаквите граѓани, опремени со механизмите на политичка контрола да ја набљудуваат „официјалната држава“, се оставени на милост на невидливата.
Според тоа, со цел да се овозможи политичките права да функционираат како гаранции за еднаквоста на граѓаните во јавната сфера, барем два дополнителни ограничувачки суштествени барања треба да бидат уставно формулирани: владата не треба да ги фаворизира интересите на било која индивидуа, група или организација на основа на нивната сила или наводна посебна релевантност за конкретен случај или област од општествениот живот или за политичката заедница во целина; и на владата не треба да и биде дозволено да го тврди императивот на „ефикасност“ како независен критериум за оправдување на нејзините акции. Во спротивно и најдобрите програми за социјална помош не можат да компензираат за вака генерираната нееднаквост. Социјална влада во која дел од министрите креираат ранлива популација, само за доволно потоа, другиот дел од нив да развиваат социјални политики за најранливите.
Не е да се каже дека на сите ќе им беше полошо ако не се продолжат бизнисите и инвестициите и ако не се работи на програми на социјална помош, пензии и плати, од друга страна. Тоа е точно. Но општеството не е баланс на хартија. Луѓето го толкуваат светот во морални термини. Тие имаат наративи. Јавноста забележа дека оваа влада не успеа да избутка ниту една кривична осуда за она што е најголемата финансиска кражба во македонската историја. И дека богатите одговараат поинаку од народот.
Како и да е, нашата демократија можеби дава диспропорционално влијание на олигарсите, но исто така го дава потребното влијание и на оние кои имаат експертиза, знаење и техничка компетенција. И тука лежи втората втората закана за репрезентативната демократија. Имајќи ја на ум потребата за експертска анализа во модерното управување, како улогата на нашите „експерти“ може да биде помирена со силниот идеал на народното самоуправување? Која е правната основа за тоа дека политичките професионалци и експерти треба да играат поголема улога во нашиот политички живот?
Ние ја разбираме улогата на професионалната граѓанска служба („јавната администрација“) во репрезентативната демократија. Точно е дека професионалната јавна администрација може да дегенерира во „бирократија“ (педантократија која нема капацитетот за критикување или доведување во прашање на добро износените догми, за поимагинативно и неконвенционално мислење за политиките). Но кога таа функционира добро, има компатибилност со демократијата. Во оваа смисла професионалната јавна администрација е тело од интелектуални работници (високо квалификувани во нивната специјалност низ долги години на подготвителен тренинг и развиена смисла за професионална чест) филтрирано низ формална транспарентна структура на хиерархија и одговорност, чија независност е зајакната низ многу конкретни канали на отчетност преку кои минува експертизата – низ министерствата или агенциите на централната влада.
Но, советниците и конфидентите кои се толку проминентни денес, излегуваат (заедно со своите хонорари) надвор од овие механизми на одговорност и етички контроли. Имејлови испратени на приватните сервери од кабинетски службеници на лични советници без фиксен ранг во граѓанската служба, никогаш непотврдени и не-ветирани од Парламентот или собраниските комисии. Таквите луѓе можат да бидат претставени на медиумите и на јавноста како експерти или професионалци, имајќи легитимно барање за влијание врз политиките засновано на знаење и професионална дистинкција, додека фактички тие ги должат своите позиции едноставно на тоа дека се лични конфиденти на министерот или премиерот. Ние не сакаме да се ослободиме од умните, но сакаме да ги држиме за одговорни за информирана дебата и одлука, без да можат да се наметнуваат над другите гласови со своето тврдење за супериорност заснована на специјализирано знаење.
И тука треба да бидат насочени напорите за засилување на репрезентативноста и директната партиципација – наместо држење на администрацијата таква каква што е, да лебди над нас како перманентна закана од страшна корупција и базичен материјализам; нефункционална и некомпетента, за која потоа ќе се надокнадува со надворешни експерти кои не се соодветно отчетни/одговорни и врзани за јавниот интерес спротивно на нивната персонална и економска амбиција.
Дополнително, апелирањето до општествените науки или нивната практика во професионалната јавна политика, како еден вид неутрален повисок авторитет за проверка на народните предрасуди или нерепрезентативноста на либералната демократија, стана неоправдано од повеќе причини.
Нашата академија во најголемиот дел катастрофално го потцени и погрешно го прочита Груевизмот (минатиот авторитарен режим), а добар дел од неа играше голема улога во неговото зацрврстување. Дополнително, постои оправдан сомнеж дека злоупотребата на моќта од елитите е помалку чуствувана од интелектуалците, научниците и политичките технократи кои себе си се идентификуваат со елитите на најразлични начини. Додека се грижат непрестано за заканата од популизмот, нашите елитистичките либерални демократи не ги гледаат големите концентрации на приватна моќ како закана по слободата или како стеснување или дури манипулирање со човечките избори. Платформите на бизнисмените стануваат проблем само кога се видени дека им помагаат на популистите.
Тешко дека нашата академија може да биде штит на ваквите процеси. Личните врски помеѓу академијата и бизнисмените, „експертите“ и политичарите, ѝ го прикажуваат на јавноста спектаклот на единечна класа на слава, луѓе што ја користат моќта сите меѓусебно поврзани и сите зголемувајќи ја меѓусебната престиж и релевантност едни на други. Денес академијата желно ги брка проектите и нивните медиумски присуства станаа елемент на признавање или професионален статус за некои. Оддалеченоста од трендовското и непосредното; „неблескавото“; она што е втемелено; што може да ја поправи светската страст и предрасусите и самозадоволството на „практичните“ луѓе, се жртвуваат за шанса во славата на медиумите или шанса за социјално дружење со „големите“ (богатите).
Повторно, етикетата на популизмот не смее да се претвори во форма на “Оthering”, нашето сегашно креирање на Другоста која исклучува сериозно ангажирање со оние кои се подготвени да ги нарушат политичките класи во име на вредности кои се подпретставени или непретставени. Постои важна агенда на демократска реформа и анти-популизмот не е автентичен одговор. Тој ја носи опасноста народот секогаш да остане она што не може да биде вклучено во групата чиј дел е, и не може да припаѓа на групата во која е веќе постојано вклучен.