Од изнесените бројки може да се незадоволни оние кои имаат априорни очекувања – смета директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски. За 20 години не има 9 отсто помалку како жители на земјава
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски оцени денес дека успешно и професионално е спроведен пописот во 2021 година и дека податоците се објавуваат во рекорден рок. Според него вкупниот број на жители е 2.097.319 лица, од кои резидентни 1.836.713 лица. Вкупно нерезиденти се 260.606 лица. Од резидентните лица 58,44 се изјасниле како Македонци, а 24,3 како Албанци, додека 3,86 се изјасниле како Турци, 2,53 како Роми, 0,94 отсто се Власи, а 0,87 отсто Бошњаци.
За споредба во 2002 година во Македонија имало вкупно 2.022.547 жители, од кои 1.297.981 Македонци (64,17 отсто) и 509.083 Албанци (25,17 отсто). Како што соопшти Симовски, вкупниот број на резидентни жители се намалил за околу 185.000 или 9,2 отсто.
„Податоците исто така покажуваат дека од вкупно попишаните лица, резидентни и нерезидентни, 54,25 отсто се Македонци, 29,52 отсто се Албанци, 3,98 Турци, 1,18 се изјасниле како Срби, 0,87 се Бошњаци, а 0,34 отсто се Власи, информираше директорот на Државниот завод за статистика“, Апостол Симовски.
Од нерезидентното население, пак, што значи македонски граѓани кои надвор од државата повеќе од 12 месеци и странци кои се во земјава помалку од 12 месеци, 24,45 отсто рекле дека се Македонци, а 66,36 Албанци, 4,79 се изјасниле како Турци, 1,02 Роми 0,19 Власи, а 0,35 Срби. Симовски на прес конференцијата не објави податоци за бројот на Бугарите во државата.
Од другите податоци Симовски објави дека од вкупниот број на населението 50.4 % се жени, а 49.6 % се мажи. Според возрасната структура, најголем процент од населението 7 % – се во возрасната група од 40-44 години. Куриозитет е што во Северна Македонија е попишанo 51 лицe на возраст над 100 години.
Според религиската припадност 46.14 % се изјасниле како православни, 32.17 % како муслимани (ислам), 0.37 % како католици, а во овој попис се појавија и други религиски заедници кои ги немаше во претходните пописи, а тоа се: евангелско протестантски христијани, агностици, будисти и други.
Вкупно 61.38 % од попишаното население се изјасниле дека мајчин јазик им е македонскиот, 24.34 % албански мајчин јазик,3.41 % турски, 1.73 % ромски, 0.17 %, влашки, 0.61 % српски и 0.85 % босански јазик. Бројот на домаќинства изнесува 598 632, а просечниот број на членови на домаќинствата изнесува 3.06.
Куриозитет е исто така дека во Скопје се регистрирани дури 526.502 жители, а вториот најголем град во државата, Куманово, има само 98.104 жители.
Последниот попис во Македонија се одржа пред цели две децении, во 2002 година. Пописот во 2011 година беше прекинат поради политички несогласувања. Во јавноста остана впечатокот дека со прекинот на пописот било избегнато нереално „штелување“ на етнички проценти.
Податоците беа објавени во салата на македонската Филхармонија, пред претставници на државни институции, на Евростат, на дипломатскиот кор, на заводите за статистика од земјите од регионот, Грција, Словенија, Хрватска, Чешка и други, откако претходно им беа доделени благодарници на институциите кои придонеле за успешното спроведување на статистичката операција.
Пописот уште пред неговиот почеток беше предмет на бројни критики – дали е статистичка или политичка операција, дали е според стандардите на Евростат, дали утврдената методологија тоа го гарантира? Пред неговото одржување се организираа политички кампањи за да биде бојкотиран, па и имаше јавни повици од Левица граѓаните да не отвораат врата на попишувачите, наводно бидејќи власта подготвувала фалсификат на податоците.
Во Македонија има околу 3.500 Бугари
Во Македонија има околу 3.500 Бугари, соопшти Симовски.
Во врска со бојкотот, тој рече дека бојкотот не е фактор за пребројувањето на бројот на жители. Според Симовски, повеќе влијаело тоа што во тој период траеја годишните одмори, кои се пролонгираа заради пандемијата.
– Имавме ковид, мнгоу луѓе беа исплашени и не отвораа врата, рече Симовски. Затоа биле отворени специјални пунктови.
– Полни беа плажите во тој период. Да бидеме реални, вели Симовски, оценувајќи дека бројката жители кои не се попишале е мала и покрај тоа што имало јавен и таен бојкот.
Од самиот почеток политиката била да не се казнуваат лушето за бојкот на пописот, иако законите тоа го дозволуваа. Порача дека и покрај тоа што иамше луѓе кои сакаа да го уништат пописот – не успеале.
– Ние имаме конечни резултати, а Бугарија и Хрватска кои го спороведоа пописот во ист период немаат – рече Симовски коментирајќи некои обвинувања дека се доцни со податоците.
Тој, пред извессно време во интервју рече дека знае оти ќе биде државен непријател кога ќе се објават податоците, но еве денеска сѐ е во ред, по што се извини на јавноста за таа оценка, иако бил погрешно разбран.
– Ако некој има одредени очекувања и не му се исполниле со објавување на податоците може да не напаѓа – рече Симовски.
Со пописот на терен не биле опфатени 123.000 луѓе, но податоците за нив се црпат од другите извори, односно податоците кои ги имаат институциите.