Уште од 1970 година Чаушеску ја устрои својата земја според севернокорејскиот модел. Сите клучни позиции во комунистичката партија и во државниот апарат им припаѓаа на членови на неговото семејство или на лојални „другари“ од неговото непосредно опкружување. Неговата сопруга Елена беше шефица на владата, а синот Нику требаше да го наследи „тронот“
ЕКИПА НА ГЛОБУС
Во фељтон за падот на диктатурите во Источна Европа, чин од кого не делат три децении, ја изоставивме – Романија. Ова следува од фактот што таму расплетот беше најкрвав а останаа и многу детали и до денес нерасчистени. На пример, самоубиството на судијата кој ги осуди Елена и Николае Чаушеску на смрт, исчезнувањето на многу високи функционери кои го преживеаа „превратот“, улогата на тајната полиција на непријателски настроената Унгарија… Има многу такви моменти
ПОЗИТИВНО И НЕГАТИВНО Романија беше пријателска земја на поранешна Југославија. Задолжените за политичка настава во ЈНА обично велеа – „земја која води позитивна надворешна политика а негативна внатрешна“. Оттаму дилема беше како да се известува за настаните во оваа земја со оглед дека Чаушеску имаше лојални сили во стартот. Потоа тука беше и југословенската криза која на моменти изгледаше како „случување на народот“, па асоцијациите не беа најпријатни.
И така, додека во текот на 1989 година, една по друга паѓаа комунистичките диктатури низ источна и средна Европа, еден властодржец и натаму се однесуваше како да ќе владее вечно: романскиот партиски и државен лидер Николае Чаушеску.
На опстанокот тој мислел како и сите властодршци од тој тип, само што неговиот модел немаше добри асоцијации и во лагерот во кој тој влегуваше. Двојката Николае и Елена го копираа севернокорејскиот модел!
МОДЕЛ Тој модел почнува да се креира во 1970 година. Сите клучни позиции во комунистичката партија и во државниот апарат им припаѓаа на членови на неговото семејство или на лојални „другари“ од неговото непосредно опкружување. Дали ова не ви буди некои домашни асоцијации?
Неговата сопруга Елена беше шефица на владата, а синот Нику требаше да го наследи „тронот“. Тајната полиција Секуритате делуваше семоќно, а Романија беше атворена од сите страни.
Еден од ретките во земјата кој имаше храброст да го критикува Чаушеску беше свештеникот Ласло Текеш од западнороманскиот град Темишвар. Како припадник на унгарското малцинство во земјата, тој во своите проповеди ја критикуваше ткн. „систематизација“ на земјата која ја подготвуваше државното раководство. Чаушеску планираше да сруши 7.000 села и на нивно место да изгради огромни земјоделски центри. Селаните требаше да се преселат во големи станбени блокови, а материјалната и културната основа на нивниот селски живот, практично да биде уништена. Токеш забележува дека овие мерки го загрозуваат опстанокот на унгарското малцинство и честопати го критикува проектот во своите проповеди. Неговото незадоволство ќе го искаже и во едно интервју кое во најголема тајност со него го водат двајца канадски новинари во летото 1989 година, а кое потоа ќе биде објавено на унгарската телевизија.
БУНТОТ ВО ТЕМИШВАР Интервјуто предизвика бес во врвот на романската држава. И онака тензичките односи меѓу двете соседни земји- Унгарија и Романија, дополнително се влошуваат. Чаушеску смета дека критиките биле оркестрирани од Будимпешта и наредува Токеш да биде уапсен. Но, на 15 декември, пред куќата на свештеникот се собираат стотици луѓе, со цел да го одбранат од Секуритате. Солидарноста се шири низ целиот град, а подоцна води и кон избувнување на бунт низ целата држава против диктаторот.
„Еден религиозно мотивиран револт води кон избувнување на политички, а едно унгарско прашање се претвора во сероманско“, вели Раду Преда, професор по теологија и раководител на романскиот Институт за истражување на комунизмот.
Има и детализа самото интервју. Тоа го организирал унгарско-канадскиот новинар и писател Арпад Шаци. Во неговата книга „Темишвар- Вистинската приказна зад романската револуција“ го опишува токму овие настани. Книгата, која за првпат беше преведена на романски 25 години по настаните од 1989 година, предизвика контроверзи во земјата. По долгогодишно истражување во архивите на ромаснката и унгарската служба, авторот пронашол интересни информации кои за првпат се објавуваат во јавноста.
РАКЕТИ Најинтересниот податок е дека Чаушеску, веднаш по скандалот, и наредил на армијата во западна Романија да насочи ракети кон Унгарија.
„Овие информации за ракетите ги добив од еден агент на унгарската тајна служба, а ми беа потврдени и од тогашниот унгарски премиер Миклош Немет“, вели Шаци. Целта на ракетите, вкупно седум на број, била унгарската атомска централа Пакс. Немет потврдува дека стравот бил голем оти евентуален напад би предизвикал катастрофа поголема и од онаа во Чернобил. Немет, во разговор со новинарот Шечи, потврдува дека разговарал со советското и со полското раководство за отстранување на Чаушеску од функцијата, а стапил во контакт и со романскиот генерал Виктор Станчулеску, кој требало да игра клучна улога во уривањето на диктаторот.
Истражувањата на авторот откриле и други детали, кои му биле потврдени од Немет. Па така, се открива дека унгарската тајна служба на почетокот на 1989 година испратила десетици свои агенти во Романија, кои требало да го заштитат свештеникот Текеш. Романското издание на својата книга, Шечи ќе го промовира во Темишвар на 19 декември 2014 година, во градот во кој, пред 25 години започна крвавата револуција против комунистичкиот диктатор. Само во овој град во судирите со Сикуритате животите ги загубија десетици луѓе, а низ целата држава повеќе од илјада. На 22 декември 1989 година, Николае Чаушеску и неговата сопруга Елена побегнаа од Букурешт со хеликоптер. Но, веќе истиот ден беа откриени и притворени од револуционерите. На 25 декември, по кусо судење, беа прогласени за виновни за велепредавство и егзекутирани.
(продолжува)