ВО Југослација имаше конфузен однос кон настаните во Букурешт и Темишвар. Од една страна постоеше можност тие слики да добијат домашна „реприза“, да го истераат ѓаволот од дупката.Од друга страна со поддржување на народот во соседството се добиваше впечаток дека ние „не сме како Чаушеску“
Првите денови на бурните настани во Романија веројатно предизвикаа непријатност во тогашна Југославија. Односите со режимот на Чаушеску беа добри заради повеќе причини, па од стартот не беше добро да се навива за бунтовниците, за она што подоцна во СФРЈ ќе се нарече „случување на народот“. Снимките за насилството на унгарското малцинство на северот на Романија беа особено впечатливи, бидејќи го покажаа суровото лице на нешто што се нарекуваше контрареволуција. Тоа беше и своевидно оправдување за излегување на полицијата и војската на улиците – гледавме како унгарските нционалисти на улиците на градовите убиваат сограѓани – Романци по род со навистина брутални средства.
Во мигот кога полицијата и војската се завртеа против Чаушеску ЈРТ се вклучи директно во пренос кој одеше нон-стоп од она што значеше борба меѓу војската и тајната полиција и нивните снајперисти го бранеа одредени институции во главниот град. Од аспект на внатрешната безбедност ова беше ризичен потег на власта.
Но, како и зошто падна Николае Чаушеску? Прашањето е сега актуелно, поради фактот што од погубувањето на романскиот диктатор се одбележуваат 25 години, а во меѓувреме во јавноста излегоа некои работи што долго време „почиваа“ во архивите.
Во Романија заминаа и многу новинари. Меѓу нив беше и Слободан Трајковски. Актуелниот амбасадор на Србија во Москва (од неодамна) и новинар на „Политика“, претходно на загрепски „Старт“ – новинарот Мирослав Лазански е последниот новинар што го има интервјуирано Чаушеску, а во своја колумна тој се сеќава на настанот:
„Јас бев последниот странски новинар кој разговараше со претседателот на Романија Николае Чаушеску. Во август 1989 година, јас патував од Белград во Букурешт.. На аеродромот „Отопени” ме пречека црн службен „Мерцедес”. Пасош? Каков пасош, никој не ми побара такво нешто. Ме сместија во хотел каде што отседнуваат највисоките партиски и државни функционери од Романија, па ме однесоа на вечера во хотелот „Палас Атена” каде што беше, како што подоцна се испостави, тајното седиште на тајната служба „Секуритате”. Следното утро ме однесоа во летната резиденција на Чаушеску, 70 км северно од Букурешт. Во 16 часот почна моето интервју, коешто траеше 160 минути. Сешто го прашував. Од тоа зошто сопругата и семејството ги експонира во политичкиот живот, зошто држи политички затвореници, па се до тоа како со маршалот Тито застрелале дива коза во лов. На сите прашања ми одговараше. За сопругата рече дека се веќе 50 години заедно, дека се запознале во партијата и дека таа е исто политички активна и исто мисли.
Изнесуваше податоци за романската економија без да гледа во тефтер. После интервјуто следуваше ручек. Тогаш го прашав како Михаил Горбачов има резервиран став кон Романија. Му ветив дека тоа нема да го објавам, туку сакам да знам заради моја лична информираност. Чаушеску се загледа во мене, малку се двоумеше, а потоа почна:
„Знаете, јас знам дека мене Горбачов веќе ме отпиша, ме пушти низ вода во договор со Американците.“
– Каков договор?
„На состанок меѓу Буш и него, двајцата се договорија за мојата, но и за судбината на Варшавскиот пакт и Советскиот сојуз.“
– Па ако тоа го знаете, зошто не го објавите, сите медиуми се ваши?
„Прво, јас сум комунист, а некои нешта, валкани алишта никогаш, никогаш не се изнесуваат пред јавноста. Ние се уште сме семејство, барем формално. И второ, мислам дека е премногу доцна, нека си оди историјата по својот тек“.
Се изненадив од неговите зборови. За време на интервјуто беше енергичен, а на ручекот веќе беше друг човек, уморен старец помирен со судбината.
Синот на Николае и Елена Чаушеску – Валентин (71), физичар со углдно реноме во науката и воедно долгогодишен претседател на водечкиот фудбалски клуб на Романија – Стеауа, денес мисли дека „советниците на татко ми ја криеја вистината од него!“
„Последниот комунистички диктатор Николае Чаушеску беше лажен од неговите советници и се уште силно веруваше дека граѓаните на Романија се уште го обожаваат дури и само неколку часови пред неговиот пад”, вели неговиот единствен жив син Валентин Чаушеску.
Во едно од ретките интервјуа што го има дадено во неговиот живот, Валентин за Асошиетед прес вели дека советниците на неговиот татко го држеле во темнина и со тоа придонеле тој погрешно да го процени бесот кај граѓаните за неговото владеење.
„Тој не беше информиран за големината на незадоволството“, вели Валентин за Асошиетед прес. „Од него се чуваа сите информации кои се сметаа дека нема да му се допаднат“.
Во интервјуто Валентин вели дека повеќе би сакал да го види својот татко убиен веднаш оти стотици невини лица што загинaле во меѓувреме.
Инаку Валентин, две децении работел како нуклеарен физичар на Институтот за нуклеарна Физика во околината на Букурешт. Тој вели дека го следел судењето на неговите родители преку телевизија додека бил во притвор, уапсен поради поткопување на државната економија.
„Го гледав тоа и се чувствував посрамено што сум од Романија. Не чувствував дека тоа се моите родители. Едноставно требаше да ги убијат“, откако беа заробени на 22 декември, вели тој.
За тоа што се случуваше подоцна, откако неговите родители беа симнати од власт, Валентин вели дека „тоа не беше револуција во нормална смисла. Беше нередие“.
За моменталната состојба во која се наоѓа Романија, Валентин вели: „луѓето се надеваа за нешто подобро после револуцијата, но всушност не го добија. Гледам многу лица кои живеат во илузија и тоа не ги прави среќни“.
(продолжува)