БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Се плашам дека се ќе звучи премногу поводно односно патетично, но и со тој ризик ќе кажам две работи: Васил е доказ дека и во оваа дебела провинција на умот и на духот, можат да се родат грандиозни фигури и, второ, доказ дека со односот кон таквите фигури, средината никогаш не ја пропушта шансата да ја потврди својата провинцијалност
Љиљана Шаровиќ ме потсети дека вчера се навршија пет години од смртта на Васил Мицковски. Жално и тажно, ама така е! Немам никаков однос кон никакви датуми, што е многу лошо, но кон луѓето имам. Кон Васил посебно. Тој е една од најголемите новинарски и интелектуални фигури што некогаш сме ги имале. Човечиште што сум имал чест да го познавам, да се дружам и да работам со него.
Неговиот медиум беше новинарството, неговата филозофија беше добрината и личната скромност, како да беше роден во Асизи, неговата идеја беше општото добро во паметта, здравиот разум, правото и правдата.
Се плашам дека се ќе звучи премногу поводно односно патетично, но и со тој ризик ќе кажам две работи: Васил е доказ дека и во оваа дебела провинција на умот и на духот, можат да се родат грандиозни фигури и, второ, доказ дека со односот кон таквите фигури, средината никогаш не ја пропушта шансата да ја потврди својата провинцијалност и, на некој начин, примитивност.
Животот и смртта на две други клучни личности од пантеонот на македонското нивинарство и интелектуализам, ги потврдуваат овие тези. Станува збор за Драган Николиќ (2006) и за Небојша Јаконов (2009).
Сите извршни комитети на сите партии, со се нивните млади и женски сили, не можат во однос на овие луѓе, да ја превалат вагата на добрината и умот на страста, на љубопитноста, на посветеноста кон заедничките интереси, на страната на денешните срања.
Датумите им ги забораваме ама нив ги паметиме. За разлика од Македонија, која не памети никого и ништо.
Освен неписмените комити, нивните јагнешки бригади организирани во чети, хахаха, кои навлегуваат (Поповски) па се повлекуваат, оставајки зад себе спржена земја, села и луѓе. И по некој партизан.