Амбасадорскиот фонд на САД почнувајќи од 2001 година досега се доделени 12 гранта за зачувување конзервација и реставрација на вредни споменици на културата во Македонија спомнувајќи ги Кокино, Златковата кула во Кратово, црквата Богородица Перивлепта во Охрид, Шарената џамија во Тетово итн. Инаку за Стоби овој Фонд до сега дал три грантови
Летото е време кое археолозите го користат „до даска“. Деновиве дознавме дека се работи „фул“ на локалитетот Стоби. Се работи за крстилницата од Епископската базилика во Стоби и таа треба повторно да го добие оригиналниот изглед од 6 век. Според в.д директорот на Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби, Мишко Тутковски, активностите продолжиле во април годинава
Според официјалните податоци Епископската базилика е најзначајниот христијански објект во Стоби. Се наоѓа западно од театарот и во нејзината егзистенција постојат два посебни периода. Првите ископувања биле во 1918 година, а истражувана е и во 1924 – 25, 1927, 1934, 1970 – 78, во текот на 80 – тите и во 90 – тите.
Првиот период се однесува на Старата Епископска Базилика, изградена во првата половина или средината на IV век, што ја прави најстара црква во Р. Македонија. Можеби ја подигнал епископот Будиос кој учествувал на првиот екуменски собор во Никеја во 325 година.
Таа има трикорабна диспозиција при што средишниот кораб е одвоен со колонади од страничните. Некаде во втората половина на IV век црквата е проширена кон исток, а обновени се и северниот и јужниот ѕид. Подот има три зони на мозаик со геометриски мотиви. Во едно поле стои натпис дека епископот Евстатиј е обновителот. На северниот и јужниот ѕид од базиликата се сочувани фреските од IV век што е единствен случај во Македонија. На нив се забележуваат геометриски мотиви, но има и животински и светителски претстави.
Вториот период започнува во првата половина на V век со изградбата на новата монументална Епископска Базилика. Од еден натпис кој стоел над влезот во наосот на црквата, дознаваме дека ова се случило во времето на епископот Филип. Интересно е тоа што новите градители не ја срушиле комплетно старата црква туку подигнале високи темели и го насипале внатрешниот простор. Така, новата црква е издигната околу 4 метри над нивото од старата базилика со што доминира над околниот простор. Таа има два спрата, a во нејзината архитектура се употребени седишта и столбови од театарот со што максимално е изразена нејзината грандиозност.
Националната установа „Стоби“,е формирана во 2008 година, и покрај истражувањата, големо внимание посветуваат и на заштитата, конзервацијата и презентацијата на мозаиците, но и на другото движно и недвижно културно наследство. Стоби располага со површина од 1.600 метри квадратни во различни градби, додека Епископската базилика претставува голем и комплексен проект и посебно по 20 години мозаикот е вратен на неговото место, бидејќи ретко кој успеал да го види пред да биде изваден, велат надлежноте.
Од улицата Via Sacra најпрвин се влегува во атриумот на базиликата, а оттука пак во нартексот кој е поделен на три дела со два пара на столбови. Подот на нартексот е украсен со мозаик на кој има геометриски мотиви и претстави на животни. На ѕидовите биле изведени фрески со ликови на светители. Нартексот комуницира со наосот и страничните простории на северната и јужната страна. Оттука, преку скалила се стигнувало до крстилницата.
Централниот кораб бил одвоен од страничните со колонади чии столбови носеле прекрасни капители. Столбовите се поставени на стилобат од театарски седишта. Подот во овој кораб бил од мермерни плочи, комбинирани со мозаик и сив шкрилец. Во источната половина се наоѓале проповедалницата и оградениот олтарен простор. Мермерните олтарни плочи од преградата имаат релјефно изведени крстови. Подот и олтарната преграда биле обновени. На источниот крај има двојна апсида при што во внатрешниот дел била сместена крипта, а на надворешниот ѕид имало прозорец со масивни сликани и позлатени капители.
Ѕидовите на северниот и јужниот кораб биле украсени со фрески. Јужниот кораб бил обновуван и има два мозаични пода еден над друг. Во постариот под била вкопана ѕидана гробница во која веројатно е погребан некој епископ. Јужниот ѕид на овој кораб е удвоен и во него, веднаш до крстилницата, има уште една гробница.
Крстилницата се наоѓа јужно од базиликата така што нејзиниот северeн ѕид е залепeн на обновениот ѕид од јужниот кораб. Има четирилистна форма впишана во квадрат и била покриена со купола. На средината има писцина со скали на две страни. Писцината била покриена со балдахин потпрен на мермерни столпчиња. Подот во крстилницата е декориран со мозаици на кој се претставени пауни помеѓу кои има кантарос и елени помеѓу кои има канатарос. Ова е илустрација на Давидовиот псалм 42. Ѕидовите биле украсени со фрески со претставени светители. Од почетокот на VI век покрстувањето не се изведувало со потопување во писцината, туку за таа намена во употреба бил голем мермерен кантарос.
Според наодот на монета од 569 – 70 година под срушените ѕидови на црквата, можеме да констатира дека базиликата го доживеала својот крај некаде после овие години.
Сите мозаички фрагменти, кои што зафаќаат вкупна површина од 150м2, беа детално обработени по што истите беа подготвени за враќање на оригиналната местоположба во базиликата. За таа цел, за прв пат во историјата на конзервацијата и in situ (таму каде што е најден) презентацијата на мозаици, беше изградена слободно стоечка челична конструкција која што ја има улогата на нов носач на мозаикот. Челичната платформа беше изградена со цел да се спречат деструктивните влијанија на атмосферските и на капиларните води врз мозаикот, а воедно и за да не се нарушат постарите архитектонски структури кои што беа откриени под нивото на мозаикот. На овој начин беше обезбедена и целосна реверзибилност на конзерваторско-реставраторските процеси.
По враќањето на мозаичките фрагменти на оригиналната местоположба беше извршено финално спојување и ретуширање на фрагментите со цел да се долови автентичниот изглед на мозаикот. Тоа е последниот процес кој беше изведен во 2014 година, со што, речиси комплетно е завршена конзервацијата, реставрацијата и финалната презентација на најголемиот мозаик кој е откриен на територијата на Република Македонија.
Оваа активност дејност за конзервација на мозаикот и мермерните декоративни елементи на крстилницата на Епископската базилика на локалитетот Стоби.е овозможена со грант од Американската амбасада во Македонија. Американскиот амбасадор Бејли пред две години посочи дека ова е трет грант од Амбасадорскиот фонд на САД наменет за локалитетот Стоби по двата претходни гранта – во 2003 година беше доделен грант од 15.000 долари за археолошки ископувања, а во 2010 година грант од 72.600 долари за заштита на фреските во Епископската базилика.
– Соединетите Американски Држави се горди на партнерството што го имаме во Македонија со Министерството за култура, со музеите, Националната установа Стоби и со други институции во заштитата на вредното културно наследство какво што е ова, истакна Бејли, додавајќи дека ги разбираат приоритетите на Министерството за култура и НУ Стоби и е среќен што со овој грант ќе се придонесе за заштита и адекватна презентација на крстилницата во Епископската базилика.
Притоа тој посочи дека од Амбасадорскиот фонд на САД почнувајќи од 2001 година досега се доделени 12 гранта за зачувување конзервација и реставрација на вредни споменици на културата во Македонија спомнувајќи ги Кокино, Златковата кула во Кратово, црквата Богородица Перивлепта во Охрид, Шарената џамија во Тетово итн.