Поради новиот бран Ковид-19 во Шангај, воведени се строги мерки. Фабриките се повторно отворени, но на работниците не им е дозволено да си одат. Илјадници работници преноќуваат во фабрики. Таму јадат, таму се капат
Малку картон и вреќа за спиење одозгора: ова е креветот на Ли Ге кој работи во Quanta Computer Inc. во Шангај – компанијата добавувач на Apple. Откако избувна бран на коронавирус во метрополата, Ли Ге нема право да ги напушти просториите на крајот на работниот ден. Таму работи, јаде, спие, се капе. Ли Ге нема избор – му требаат пари и мора да оди на работа. Но, тој е далеку од тоа да е единствениот. Околу две илјади други вработени работат и живеат во фабриката повеќе од четири недели.
На почетокот на кризата со Ковид, сообраќајните линии во Шангај престанаа. Меѓутоа, во последните недели се повеќе компании добиваат дозвола од властите да продолжат со работа. Но само под еден услов: откако ќе стапнат на територијата на фабриките, вработените да не ги напуштаат. Сите тие се изолирани од светот. Тие се затворени во еден вид меур.
Шангај е економски центар на Кина – бруто домашниот производ на градот е приближно еднаков на оној на Белгија. Ако тука престане производството, последиците ќе се почувствуваат насекаде низ светот. „Повеќето од околу 4.000 компании на кои им е дозволено повторно да започнат со работа, извршуваат клучни функции или се незаменливи добавувачи во секторите како што се автомобилската, машинската, хемиската или фармацевтската индустрија“, рече Бетина Шон-Беханзин, потпретседател на Европската стопанска комора во Кина. Но, повеќето од нив, додаде таа, сè уште можат да работат со само околу 30% до 50% од нивниот капацитет.
Околу една третина од компаниите кои веќе работат и чии вработени се тотално изолирани од остатокот од светот се странски (). „Според нашите информации, во моментов не е можно персоналот да работи во смени“, вели Бетина Шон-Беханзин, која повеќе од една деценија е затворена во својот стан во Шангај. „Откако ќе влезете во фабриката, останувате таму. Само во случај на болест на луѓето им е дозволено да ја напуштат фабриката. Можете да замислите дека ова, се разбира, е огромен ментален притисок“.
Фабриките кои работат, некои од нивните сали ги претворија во студентски домови. Некои компании поставија огромни шаторски кампови. Сите обезбедија тоалети, сапун, паста за заби. „Имаше натпревар, така да се каже, кој најбрзо ќе купи најмногу вреќи за спиење и кревети“, вели Петер Вилемсен, директор на германската компанија за автомобили и оружје Рајнметал. Кинеската подружница на Рајнметал произведува автоделови.
Погоните на компанијата се расфрлани низ целата земја. Во Шангај моментално работат таму само околу 30 луѓе. „Ги прашуваме сите работници дали сакаат да дојдат или не. Не мора да доаѓаат“, вели Питер Вилемсен. „Има луѓе кои велат: ’Не можам затоа што имам семејство дома за кое морам да се грижам. Ова е нормално и не води до отказ“.
Платите во Кина често се многу ниски. Само по прекувремена работа или добивање бонус, платата станува привлечна. Зошто тогаш некои вработени се подготвени да се вратат во фабриките и да живеат во овој „балон“? Според Вилемсен од Рајнметал, одлучувачки фактор е тоа што работниците се чувствуваат клучен дел од компанијата: „Доаѓаат затоа што си велат: важно е да се работи за да има добра иднина“.
Голем број други германски компании, вклучувајќи ги Volkswagen, Beiersdorf, Henkel, Siemens Healthineers и Bosch, исто така ги блокираа работниците во нивните погони за да продолжат со производството. Сепак, сите тие одбија да коментираат.
Во меѓувреме, протести избија во Quanta Computer Inc., каде што работи Ли Ге. По пет недели работа и живеење во „балонот“, многу млади сакаа да ја напуштат фабриката. Имаше немири и судири. На крајот, на некои им беше дозволено да се вратат дома. А тие што остануваат на монтажна лента земаат три пати поголема плата. Од Quanta Computer Inc. исто така одби да ја коментира ситуацијата.