Во мигот, според новинарските извештаи таа тренира пливајќи во студените води на Охридското езеро
Со интензивен тренинг што опфаќа трчање, јога, вежби, како и пливање во студените води на Охридското Езеро, алпинистката Илина Арсова се подготвува за скорешната тешка мисија, јавва деновиве „Гласот на Америка“. Со тоа алпинистката Илина Арсова ги прави последните подготовки пред заминувањето во декември за Антарктикот, каде во декември како дел од тричлена меѓународна експедиција, ќе се обиде да го искачи највисокиот врв таму – Винсон. Со ова таа ќе ја оствари својата цел, да го реализира проектот седум врвови на седум континенти.
Арсова досега се искачила на највисокиот врв во Јужна Америка, Аконкагва, 6.962 метри во 2011 година, во 2012 година на Килиманџаро во Африка со 5.895 метри, 2013 година на Монт Еверест во Азија со 8.848 метри, Елбрус во Европа, 5.642 метри, во 2014 година, Денали во Северна Америка, со 6.195 метри височина во 2016 година и во 2019 година на Карстните пирамиди во Австралија со 4.884 метри надморска височина.
„Мислам дека сум подготвена. Ќе ја крунисаме заедно оваа моја мисија и ќе донесам еден нов спортски резултат со кој ќе се гордее нашата држава“, вели Арсова за репортерот на ВОА. „Еден од тренинзите кои оваа година го практикувам за Антарктик е пливање во студените води на Охридското езеро. Оваа година си поставував нови предизвици и пливав и по повеќе километри“.
Иако, Винсон со 4.882 метри е најнизок во однос на останатите шест врвови, вели дека станува збор за една од технички најтешките експедиции, не само поради суровите услови туку и поради немањето многу начини да се стигне до таму.
„Може да се очекува температури и до минус 50 степени, иако сега во декември кога е планирано заминувањето, се претпоставува дека таму е лето. Планината е глечер. Глечерот има пукнатини, треба да се внимава како се оди во глечерот. Има и стрмни делови каде се обезбедуваме со јаже“, објаснува алпинистката.
Само 416 луѓе од цел свет, од кои шеесет жени досега го направиле овој подвиг.
Сето ова што го прави вели e со мисија за промовирање и на родовата еднаквост во спортот и зајакнување на жените во спортот, што било дел и од глобалната светска менторска програма на Стејт Департментот на САД, каде била алумни во 2012 година.
„Од тогаш посветено работам, да ги поттикнам жените и да ги активирам жените повеќе да се вклучуваат во спорт. Посебно во нашите спортови, постои голема родова нееднаквост. Само 10% од искачувањата на високите врвови се направени од жени“, вели Арсова.
Илина на Винсон ќе биде дел од тричлена интернационална експедиција.
Многу емотивно ја доживеав вчерашната манифестација на доделувањето спортски оскар и едноставно морав да изреагирам, а пишувањето статус на ’Фејсбук’ ми се виде како адекватен начин на искажување на мислите. Не сметав дека тој ќе предизвика толку големо внимание во јавноста, но од друга страна мило ми е што е така“, ни изјави Арсова.
Првата Македонка на Еверест е разочарана од исходот на синоќешната манифестација „Спортски оскар на годината“ во организација на Агенцијата за млади и спорт (АМС), но не толку од фактот што не го доби признанието за спортистка на годината, што според многумина неминовно требаше да заврши во нејзини раце, туку од тоа што ѝ беше деградиран успехот при воведната најава. Наградата, пак, заврши во рацете на ракометарката Билјана Црвенковска.
Имено, таа во конкуренција за престижната награда била пријавена како „Илина Арсова – прва Македонка на Еверест“ и тоа од страна на Федерацијата за планински спортови, но на вчерашната прослава беше претставена само како „член на експедицијата што го искачила Еверест“.
„Не ме повреди што не добив награда туку што максимално ме омаловажија при претставувањето на кандидатките за оскарот. Луѓето од АМС самите го направиле тоа, од кои причини навистина не знам, бидејќи од мојата матична федерација бев кандидирана како што треба и како што заслужувам. Не ми е јасно зашто го деградираа мојот успех. Како може преку ноќ од првата жена од нашата држава на Монт Еверест да станам само дел од некоја експедиција“, со видна лутина во гласот го продолжи својот монолог храбрата планинарка.
Арсова по херојскиот успех во мај годинава, од македонската спортска јавност беше доживеана како национален херој, но од државата не и беше дадена ниту една конкретна награда или парична помош. Таа дури не доби државна пензија, каква што своевремено добиваа пливачите што го препливуваа каналот Ла Манш и тоа само поради фактот што категоризацијата на спортистите кај нас е преземена од држави со голема традиција на искачувања на Монт Еверест поради што во неа се вметнати услови што македонските планинари тешко може да ги исполнат.
„Државата преку АМС имаше удел во спонзорирањето на мојот потфат, но за да си го исполнам сонот морав и самата да се финансирам. Пред заминувањето во Непал продадов речиси се што имав материјално и откако се вратив дома се соочив со сериозен проблем околу обезбедување основна егзистенција. И тогаш ми беше кажано дека не можам да бидам носител на државна пензија, бидејќи таа следувала само за искачувања без кислород и по првенствена насока, што значи искачување до врвот по уникатна патека по која никој претходно не минувал. Но, и тоа не ме погоди толку колку вчерашното деградирање на мојот успех“, го заврши разговорот првата Македонка што се искачила на „Покривот на светот“.
Колку за илустрација, минатата година на Монт Еверест за првпат се искачиле и една Португалка, Пакистанка и Арапка, кои веднаш по враќањето во своите држави биле пречекани со највисоки почести и со многу државни награди, како компензација за вложениот труд, но и за промоцијата на своите нации.