Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ВРЕДЕШЕ ЛИ ГОСПОДИНЕ ПОПОВСКИ?

May 28, 2018 Filed Under: Колумни

БЕСА АРИФИ

Реформата на јавната администрација не се спроведува со семинари на покренување на свеста. Се спроведува со вакви казни кога работите се потполно извадени од контрола како во нашиот случај.

Никола Груевски, поранешниот премиер на ова држава, пред некој ден беше осуден на две години затвор во случајот „Тенк“, покренат од СЈО, а во врска со незаконското набавување на Мерцедесот вреден 600.000 евра.

Како што сега веќе се тврди со пресудата во прв степен (за која допрва ќе има жалба до Апелационен суд) Груевски ги потцени и омаловажи граѓаните на ова земја, дел од кои го избраа него за водач, со тоа што на криминален начин набави скапо возило кое го криеше од очите на јавноста, пред кои се возеше со стари коли, а всушност, возилото на сметка на МВР беше набавено токму заради негов личен каприц, да се вози во скапа кола, со екрани во предните седишта. Ова му го овозможија неговите соработници, поранешната министерка Јанкуловска и поранешниот помошник министер Поповски.

Поповски веќе доби шест години затвор за ова дело, додека пак на поранешната министерка ќе и се суди на посебна постапка заради нејзината ризична бременост. Поповски ден порано доби уште 9 години затвор во предметот „Триста“, како и парична казна од 450.000 евра.

Додека Груесвки се брани од слобода и се жали до Апелациониот суд, каде за краткотрајна затворска казна од две години може да добие условна осуда, а пак Јанкуловска ја следи својата ризична бременост, Поповски отиде во притвор во Шутка, бидејќи се соочува со вкупна казна затвор од 15 години, па оттука и грижата дека може да побегне. Од таму ќе ја тера жалбената постапка.

Груевски се соочува со казна затвор до 20 години доколку биде осуден за сите други дела кои му се ставаат на товар, меѓутоа, за ова во „Тенк“ може да добие условна осуда. За Груевски и неговите две години затвор за корупциски скандал зборуваа сите светски медиуми, а за Поповски немаше никакви помпезни светски вести. Поранешен помошник министер на МВР кој верно служел на поранешниот премиер не е вест на денот во светските медиуми, иако добил сериозна казна затвор за своите дела.

Затоа, моето прашање е следното: вредеше ли господине Поповски? Вредеше ли целава работа за која вие добивте толкава казна а никој не ве знае? Вашиот случај ќе го паметат единствено студентите по кривично право кои некогаш ќе се сретнат со вашиот предмет и ќе дознаваат како се врши стек на кривични дела и како се одмерува казната за нив. Се надевам дека вашиот случај ќе го памтат и тие кои извршуваат слични функции како што беше вашата.

Не вредеше, да ви кажам право господин Поповски, не вредеше заради неколку причини.

Прво, вие ќе ја издржите казната во КПД „Идризово” или „Штип”. Режимот на издржување на долги казни затвор е многу построг од тој на издржување на краткотрајните казни, за кои ете, може и условен отпуст да се добие. Така, Груевски и да оди во затвор за ова дело нема тоа да биде казнено-поправен дом, туку обичен затвор, а разликата може да ви ја каже секој студент кој ги посетил тие установи.

Второ, не вредеше, бидејќи вие отидовте директно во притвор, додека пак вашиот голем шеф се брани од слобода, а пак вашата претпоставена ќе се суди во друга постапка, различно од вас. На крајот на денот вие ги носите најтешките последици од делото кое според судската пресуда заедно го извршивте. Разликата е во тоа што тие ви наредија, а вие ја извршивте наредбата. Слепо, бескомпромисно, без никакво противење кое било регистрирано некаде, вие му овозможивте на вашиот голем шеф, со наши заеднички пари, да се поигра со сите нас, и да исполни свои нездрави каприци да се вози со скапо возило, со екрани на предните седишта.

За тоа, и за другото дело на проневера повторно на граѓански пари при купување на 300 автомобили за МВР, кои пари сега вие треба да ги вратите, одите на издржување на казна затвор од 15 години. Не е фер, нели? Не помисливте никогаш на оставка? Не помисливте дека има живот и без такви шефови?

Меѓутоа, треба нешто да истакнеме. Да не бевте вие, господине Поповски, да не се согласивте така на поданички начин да ги исполните каприците на вашите претпоставени, овие дела или ќе ги немаше, или пак вие немаше да бидете осуден. Реформата на јавната администрација не се спроведува со семинари на покренување на свеста. Се спроведува со вакви казни кога работите се потполно извадени од контрола како во нашиот случај.

Се додека имаме носители на јавни функции кои не велат „не” на каприците на своите шефови, се додека таквите службеници и функционери се сложуваат да ја стават својата слобода во ризик и се соочуваат со 15-годишни казни затвор, наспроти симболичните казни на нивните претпоставени, реформирањето на јавната администрација ќе биде само сон.

Затоа, се надевам дека секој вработен во државната администрација, како и секој сегашен или иден функционер, ќе ги чита внимателно зборовите на судијката во образложението на пресудата за случајот Тенк: „Чест е да се биде носител на јавна функција во Република Македонија, особено е чест да се биде премиер. Затоа истиот треба да се грижи за интересите на грѓаните, не само тој туку секој носител на јавна функција треба да знае дека еден од основните принципи е принципот на отчетност. Граѓаните на Република Македонија мора да знаат како се трошат нивните пари. Никој, најмалку носителот на јавна функција, тука секако пред се премиерот, не смее да ги потценува и омаловажува граѓаните како што тоа го сторил обвинетиот Никола Груевски.”

Не вредеше, господин Поповски. Криминалот никогаш не вреди, особено не за 15 години затвор издржани во условите на нашите казнено-поправни институции

 

Filed Under: Колумни

ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС
ПРЕВИРАЊА ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА: СОЈУЗНИКОТ НА ТРАМП ВО ПОЛИТИЧКИ ПОДЕМ
ТАНЦОТ ЗБОРУВА КОГА ЗБОРОВИТЕ МОЛЧАТ – ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ГО ОТВОРИ СВОЕТО 21. ИЗДАНИЕ

Најново

  • ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
  • ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
  • ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet