Во теоријата на новинарските жанрови, нема посебен вид на новинарско изрaзување наречен продолжена колумна, но овој текст околу елаборирањето на листите на кандидатите на албанска опозициска коалиција ВРЕДИ – е токму тоа.
Напишав за кандидатите на ДУИ дека „Во листите за кандидати на партиите на Албанците има само проверени кандидати од партиските кланови или анонимуси“.
Слично е и со кандидатските листи на партиите на коалицијата ВРЕДИ. „Вечните во политиката“ кои се проверени во смисла на лојалност кон лидерот (лидерите) не се синдром само на ДУИ.
Носител во изборната единица број еден е Изет Меџити, пратеник од 2017 година во два мандати, градоначалник на Чаир во три мандати. Од 2005 година константно е еден од четворицата потпретседатели на ДУИ, беше предводник на Огнената група, а сега е лидер на „Демократско движење“. Според мое видување е еден од тие кој е заслужен за формирањето и функционирањето на „коктел“ коалицијата ВРЕДИ, заради коалицискиот капацитет кој го демонстрирал.
По него како пандан на поранешниот заменик министер за здравство од ДУИ, Илир Хасани, се нуди поранешниот министер за здравство, Беким Сали, потпретседател на Алтернатива. Третата кандидатка е Фериде Хаџиу, непозната за јавноста, а исто така непозната и во партискиот живот на Албанците.
Во втората изборна единица, носител е Африм Гаши, лидер на Алтернатива, два пати пратеник во Собранието, еднаш на БЕСА, еднаш на својата партија. По него на листа е Ријад Шаќири! Во медиумите главна точка за идентификација на овој иден пратеник е податокот дека е син на поранешниот пратеник на ДПА, а потоа на ДУИ, Хисни Шаќири, кој во 2001 година го напушти Собранието и се приклучи во редовите на ОНА. Наследството станува дел од политиката или по таа основа сеуште се добиваат политичките функции! Антиполитички, секако. Трета е Мерита Коџаџику, актуелна пратеничка, која била доста пасивна во собраниските клупи.
Во петтата изборна единица носител е Салим Сулејмани, поранешен муфтија на Исламската заедница во Струга, кандидатура која зборува само по себе дека и религиозните клерици се употребуваат за изборни цели. По него се Валбона Адили- Емини и Абдула Бајрамоски, непознати во јавноста.
Во шестата изборна единица, листата на коалицијата Вреди ја предводи Билал Касами, лидер на партијата БЕСА и градоначалник на Тетово. По него е Беким Ќоку, советник на премиерот на Косово, Албин Курти, а во мандатот од 2011 до 2014 година беше пратеник на ДПА. Ќоку конкурира како претставник на партијата Самоопределување, иако таа не е регистрирана легално во земјата. Како што поминува изборната кампања влијанието на Курти во изборниот процес не е баш со некој голем интензитет.
Трета на листа е Мимоза Муса, анонимна, дури и за самите партиски активисти на ВРЕДИ. Четврт е актуелниот пратеник, Халил Снопче, прилично активен со своите настапи во Собранието. Петтиот на листата е Фатмир Лимани, кадар на БЕСА, поранешен заменикдиректор на ЕСМ, кога директор бил Христијан Мицкоски, со кого како што потврдил лидерот на ВМРО ДПМНЕ е во пријателски релации. Шеста е Саранда Имери, чија единствена заслуга е давањето оставка од позицијата секретар за еднакви можности во ДУИ и приклучување кон партијата на Меџити, Демократско движење. Листата продолжува со Садик Сулејмани и Имерлие Салиу- Фетаи, недоволно познати за јавноста, а потоа е партискиот кадар на БЕСА, Аднан Азизи, за кого се тврди дека е еден од битните партиски „играчи“, со големо влијание врз Касами.
И така, понудата на Вреди која ветува промени, не е различна од тоа што сме го имале во минатото. Кандидати стануваат исклучиво високи партиски лидери и „фактори“ до нив или анонимни, за жал повеќе кога се работи за припадничките на недоволно застапениот пол, што докажува дека на листите се заради квотите, а не заради меритократијата.
(Проф. д-р Сефер Тахири е универзитетски професор – пренесено од civilmedia.mk)