БЕСА АРИФИ
Никој не зборува веќе за одговорноста на тие луѓе кои нелегално и со години прислушувале повеќе од 20.000 граѓани на оваа земја. Никој веќе не верува дека некој од нив ќе носи вистинска одговорност. Изгледа и овој пат се спасија, а наместо нив и по своја вина, најверојатно ќе одговара таа што ги гонеше
Пред неколку недели се објави веста дека обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска им испратила смс порака на судиите кои одобриле поранешната специјална обвинителка Катица Јанева да излезе од притвор во куќен притвор во која порака таа рекла дека „од гаќи ќе ги истресе” судиите заради тоа што одобриле таква работа. И оваа вест, со сета нејзина сензационалност, полека застари, и сега се занимаваме со нови вести во кои секој ден гледаме колку многу се мачеле некои маченици што денес ги гледаме како сведоци – жртви во најновиот случај кој го води гореспоменатата обвинителка.
Јасно е дека обвинителката Русковска е навистина зафатена со работа, бидејќи, треба да го реши еден од најкрупните случаи во земјата кој е исто така клучен за воспоставување на правда и кривична одговорност. И навистина е големо разочарување да се гледа некогашната специјална обвинителка сега секој ден да седи во клупата на обвинети, на таа клупа каде таа со месеци ги седнуваше луѓето кои требаше да одговараат за сите скандалозни кривични дела кои ги слушнавме во нелегално снимените разговори, а кои денес се стара вест.
Никој не зборува веќе за одговорноста на тие луѓе кои нелегално и со години прислушувале повеќе од 20.000 граѓани на оваа земја. Никој веќе не верува дека некој од нив ќе носи вистинска одговорност. Изгледа и овој пат се спасија, а наместо нив и по своја вина, најверојатно ќе одговара таа што ги гонеше. Каков тажен крај за надежта дека еден ден навистина ќе има сеопфатна одговорност за најшироко распространетиот скандал во ова земја!
Застаруваат не само кривичните дела, туку и вестите за нив. Така лека-полека се заборава на сите незаконски и противуставни дејствија на поранешниот претседател. Се заборави одбивањето да даде мандат, се заборави одбивањето да потпише укази на закони кога уставот изречно за тоа го задолжува, се заборави и неговата улога во случувањата кои кулминираа на 27 април 2017 година. Сите овие работи станаа стара вест, така како што застари и веста дека Уставниот суд треба да одлучи во врска со иницијативата за оценување на уставноста на членот 11-а на Законот за помилување. Работата стигна до одлуката на Законодавно-правната комисија на Собранието на РСМ според која нема потреба од автентично толкување на членот 11 на Законот за помилување бидејќи тој член не постои.
Пак се вртиме во истиот вициозен круг на недообјаснети и нејасни одлуки. Проблемот на дадените помилувања не се решава преку одбивање да се даде автентично толкување. Знаеме сите дека тој член 11 не постои, меѓутоа, Собранието во таков случај треба да даде автентично толкување на целиот Закон за помилување од 1993 година преку сите измени кои овој закон ги претрпи до 2016 година. Тоа автентично толкување треба јасно и недвосмислено да одреди дека од 2009 година членот 11 на тој закон не постои и заради тоа од таа година натаму претседателот нема право да помилува без претходна постапка, право што тој го имал претходно, додека не стапиле на сила измените од 2009 година. Јасно е дека тоа толкување ќе повлече и потреба да се утврди дека членот 11-а е исто така проблематичен и како таков не може да остане во правна сила бидејќи законски дадено помилување не се повлекува. Никогаш во оваа правна битка целта не беше да се зачува членот 11-а. Секогаш целта беше да се докаже дека тие помилувања дадени во 2016 година од самиот почеток беа противправни и неважечки. Ете тоа треба јасно и недвосмислено да го утврди Собранието преку автентично толкување за да имаме доволно аргументи и кога овие случаи ќе се најдат пред Европскиот суд за човековите права или пред некој друг странски суд кој ќе мора да одлучи во врска со тие помилувања. Ние мораме со правни аргументи да утврдиме дека тие помилувања беа неважечки од самиот почеток и дека правно никогаш не постоеле.
Од друга страна, има уште еден ефикасен начин на кој ова работа може да се заврши многу побрзо и поефикасно отколку преку долгото и комплицирано патување по собраниските кулоари. Тој пат поминува преку Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Во последно време, сите патишта водат кон ова обвинителство. Да се изразам со нејзините зборови, време е обвинителката Вилма Русковска “од гаќи да го истресе” поранешниот претседател Иванов и да започне кривична постапка против него за делото од член 353 на Кривичниот законик „Злоупотреба на службена положба и овластување”. Со самиот факт што собраниската законодавно-правна комисија утврди дека членот 11 на Законот за помилување на постои официјално стана познат и правниот факт дека на 12 април 2016 година Иванов дал помилувања кои според законот не можел да ги даде. Кога некој ја злоупотребува неговата службена положба и преминува преку неговата надлежност со цел да добие корист или да предизвика штета, тогаш тој извршува кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Не се памти поголема штета направена на правниот поредок и владеењето на правото од тие помилувања кои ден денес често пати претставуваат пречка да се воспостави правда и кривична одговорност во ова земја. Ова кривично дело уште не е застарено, меѓутоа времето тече брзо и може да се случи и тоа да застари како и други дела. Затоа ова е вистинското време обвинителката Русковска да започне постапка за ова дело и да бара утврдување на правната работа изведена преку тоа кривично дело за ништовна. На овој начин би можеле да имаме и јасна судска одлука која ќе утврди дека помилувањата на Иванов не се само ништовни, туку и криминални.
Време е Иванов да одговара за целата штета што ја нанесе со неговите противзаконски и противуставни дејствија. Време е одговорноста да започне од највисоките службеници кои не донесоа до овој правен ќорсокак од кој нема друг излез освен храбри одлуки кои еднаш за секогаш ќе го утврдат неправото во кое живеевме со години и за истото ќе воспостават кривична одговорност.