ЈАСМИН РЕЏЕПИ
Поголем срам е кога чекаш на ред за влез во ЕУ држава заедно со граѓани од држави од други континенти, а доаѓаш од земја која е во срцето на Европа, или пак се одвојуваш од твојот пријател и поминуваш побрзо поради бугарскиот пасош или лична карта.
Бев роден во С.Р. Македонија, под сенката на СФРЈ. Децата мои се родени во Р. Македонија, под сенката на FYROM. Сега предлог е Р.С. Македонија, под сенката на EU и NATO. Заедничко за сите периоди е дека секогаш опстанало, како што се надевам дека и тогаш кога ќе нè нема, ќе опстане името Македонија, како и идентитетот и јазикот македонски кои се негувале и претходно.
Ова го пишувам како граѓанин на Македонија, разбирајќи ги дилемите и чувствата на етничките Македонци со кои живеам, меѓу кои сум пораснал, на чиј јазик сум образуван. Без разлика на моите корени, јас сум роден во оваа земја и друга алтернатива немам. Сè што правам и работам, е во интерес на оваа земја и во странство со својот тим најдобро ја преставуваме само оваа земја, без разлика на нашиот етнички, политички или конфесионален диверзитет. Горд сум што никогаш не сум дозволил на ниту една конференција, семинар, работилница или какво било излагање во странство, до моето име да пишува FYROM. Ниту пак би се сложил со придавки од типот Вардарска, Нова, Горна или во заграда Скопје.
Но, Северна е решението за кое и претходно пишував дека е најповолно, кога веќе мора. Зошто најповолно и зошто мора? Прво, затоа што сум ја учел истата историја, како и вие останатите. Убеден сум дека овој преостанат суверен дел од некогашната географска и етничка Македонија е северен и дека укажува на тоа дека е дел од поголема целина поделена во Балканските војни. Второ, не сум убеден во античкиот идентитет кој беше наметнат и кој додатно ја успори евро-атлантската интеграција на земјава. Едноставно, не сум учел од тие книги, како никој од мојата генерација. Трето, ова име нема да го загрози идентитетот и јазикот на етничките Македонци, а тоа е најбитно да се разбере.
Зошто мора да се реши проблемот? Доколку погледнеме од страна, ние сме мала и слаба земја која во изминативе 27 години била мета на различни дестабилизации, а воедно не сме успеале да се издигнеме на такво интегративно ниво за да бидеме неутрални или економски моќни, па затоа членувањето во ЕУ и НАТО ни е единствениот гарант за стабилност, безбедност и економски просперитет. Без членството во нив, само ќе се зголемува бројот на македонски граѓани со бугарски пасоши и такви кои како економски мигранти ќе работат црно во земјите на ЕУ.
Граѓаните ја прават државата, па ако заминат сите млади, чуму е тогаш името? Сте се запрашале колку илјади млади гордо поседуваат пасоши од други земји членки на ЕУ? А тоа е, драги мои, поголемо понижување отколку фактот дека Македонија е географски и историски северна, па и уставно запишано нема да засрами никого и нема да смени ништо на полошо.
Поголем срам е кога чекаш на ред за влез во ЕУ држава заедно со граѓани од држави од други континенти, а доаѓаш од земја која е во срцето на Европа, или пак се одвојуваш од твојот пријател и поминуваш побрзо поради бугарскиот пасош или лична карта.
Македонија изгуби многу млади кадри низ Европа, бавејќи се со историјата, наместо да ги задржи и да просперира пружајќи им европска иднина во своето огниште. И Ким Јонг Ун, кој за малку не го запали светот со нуклеарки, сфати дека не може под санкции, блокади и изолации, па ете му подаде рака на Трамп, а не пак ние кои не можеме без бреговите и водите на Егејот да не сфатиме дека не е страшно да се подаде рака на Грција, кога веќе толку евра ѝ подаваме секое лето.
Затоа и Заев со еден потег го пресече Гордиевиот јазол, кога му подаде рака на Ципрас за разрешување на прашањето на името. За разлика од Александар со Азија, Заев со овој потег ни ја отвори портата кон Европа. Време е рационално да размислиме и да ја сведеме математиката за тоа колку малку губиме, а колку многу добиваме со решавањето на спорот со името, без партиски влијанија и притисоци. Одлучен сум уште од претходно, а потврдувам и сега, дека за добробит на своите деца и на идните генерации, ќе гласам за Македонија во Европа, за Македонија како дел од ЕУ, а никако за античка Македонија чии деца се расеани како економски мигранти/печалбари низ ЕУ.
(Преземено од Цивил медија)