По долга пауза продолжи судењето на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност
По повеќегодишни влечења на процесот против Лидија Димова околу наводно нелегално користење на европски пари во земјава, истиот е продолжен деновиве. Последнотооторање на процесот беше во знакот на сослушување на второобвинетиот Александар Гочев, благајник во Агенцијата.
За опремување на новиот простор, за гориво и организирање три настани биле потрошени 15 илјади евра од благајната кога со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност раководеше Лидија Димова. Александар Гочев, кој веќе призна вина и е осуден, минатата недеола се појави како сведок во судскиот процес кој за злоупотребите кои се правеле во Националната агенција пред пет години.
Тој пред судот тврдеше дека не постоел план како да се вратат потрошените пари од благајната, а Димова под присила го натерала да потпише изјава во која стоело дека таа не знаела што се правело во Агенцијата.
„Од аспект на буџетски средства имаше предвидено, меѓутоа во процесот на формирање на јавната набавка, дел од работите кои се изведуваа не беа предвидени. Дел од средствата од благајната што недостасуваа се употребени за реновирање на зградата“, рече Гочев.
Дури 8 илјади евра од благајната се потрошиле за гориво за 4 –те возила кои што ги набавила Агенција во 2018 година, тврди поранешниот вработен, а се користеле и за притватни цели.
„Со оглед дека износот обезбеден не беше доволен за сите четири возила, горива за тие возила се дополнуваше со средствата кои беа во благајна, за кои можам да кажам дека до последен ден имало уредно, фискални сметки, кога и колку е наточено. Во моментот кога возилата од моја страна се предадени, километражата vs искниженото гориво – има енормна разлика од тоа колку е платено…и таа разлика е платена од овие средства…“.рекол Гочев.
Во судницата Димова му поставувала прашања на Гочев, кој пак упорно наведуваше на тоа дека таа знаела за незаконското работење.
Димова по судењето не одговори на прашањата како се местеле тендери во Агенцијата со која таа раководела.
Обвинителката е убедена дека ексдиректорката постапувала спротивно од законите.
„Да, убедена сум дека ќе докажам (вина на обвинетата) со оглед на тоа дека не се исполнети условите кои што законите за јавни набавки кои што законот, баш јасно ги предвидува “ вели обвинителката од ОЈОГОКК, Сузана Мирческа Кузмановска.
Лидија Димова се гони направена штета од 20 милиони денари со злоупотреби на средства на европската заедница. Второобвинет беше Александар Гочев за подигнување на авансни пари од Агенцијата без соодветна документација за што призна вина и благајничката Ана Павлиду која му ги давала парите, а не смеела.
Лидија Димова е обвинета дека како директорка на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, заедно со уште две лица злоупотребила 320.000 евра пари од европски фондови, соопшти денеска Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен акт.
Првообвинетата во периодот од 2018 до 2020 година, како одговорно лице – директор на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, со намера за друг да прибави значителна имотна корист, ја злоупотребила својата службена положба и овластување и постапила спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки, Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Непочитувајќи ги начелата на законитост, еднаквост и јавност, без да објави јавен конкурс, не постапила совесно, стручно и непристрасно и ги дискриминирала потенцијалните кандидати, овозможувајќи повластување на повеќе надворешни лица со кои склучила поединечни договори и ги ангажирала како соработници, експерти, обучувачи и др.
Воедно, не практикувајќи ги Анексот II од Водичот на Европската комисија и Планот за јавни набавки на Националната агенција за европски и образовни програми и мобилност за 2018 година во пет наврати постапила спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на парични средства сопственост на Буџетот на РСМ или средства со кои управува Европската заедница или се управува во нивно име, не објавила оглас за јавни набавки, не ги почитувала општите правила и не спровела постапки за јавни набавки од делокругот на тековното работење на Агенцијата, туку склучувајќи договори со четири правни лица им овозможила на истите да се стекнат со имотна корист, соопшти Обвинителството.
Во исто време, првообвинетата постапила спротивно и на Уредбата за изменување на Уредбата за издатоци за службени патувања и селидби во странство и спротивно на одредбите од подзаконските акти со кои е прецизирано работењето на Националната агенција за европски образовни програми и мобилности.
Второобвинетиот, според обвинението, времено ангажиран како надворешен соработник, заедно и по претходен договор со првообвинетата, во временскиот период од почеток на 2019 година до месец април 2020 година употребувајќи факсимил што му го дала првообвинетата изготвил десет обрасци за „каса исплати“ и прикажал невистинити податоци дека наведениот износ на парични средства претставува аванс за негово службено патување, без притоа да приложи соодветна документација пропишана во подзаконските акти. Врз основа на овие обрасци од страна на третообвинетата – благајник во Националната агенција за европски и образовни програми и мобилност му биле исплатени парични средства во вкупен износ од 943.757 денари.
Третообвинетата, како службено лице, благајник во Националната агенцијаза европски и образовни програми и мобилност пропуштила должен надзор и несовесно постапила при вршење на своите овластувања и должности и со тоа за друг прибавила поголема имотна корист. Таа, обрасците со невистинита содржина ги примила од второобвинетиот, иако немале оригинален потпис на првообвинетата, ниту пропратна документација и спротивно на работните обврски на нејзиното работно место не изготвила благајнички дневник и касов извештај од благајната и на второобвинетиот му ги исплатила паричните средства за наводните службени патувања, се наведува во обвинението.
Со опишаните дејствија обвинетите предизвикале штета на други средства на државата – средства со кои управува Европската заедница или се управува во нивно име во вкупен износ од 19.945.731 денари или околу 320.000 евра, при што првообвинетата сторила две кривични дела и тоа кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст.5 в.в ст.3 в.в ст.1 в.в чл.45 од Кривичен законик и кривично дело Измама на штета на средства на Европската заедница од член 249-а ст.2 в.в ст.1 в.в чл.22 од Кривичен законик; второобвинетиот сторил кривично дело Измама на штета на средства на Европската заедница од член 249-а ст.2 в.в ст.1 в.в чл.22 од Кривичен законик и третообвинетата сторила кривично дело Несовесно работење во службата од член 353-в ст.2 в.в ст.1 од Кривичен законик, се додава во обвинението.
Димова, влезе е во фокусот на вниманието откако порталот „А1он“ објави новинарско истражување во кое беше посочено дека 270.000 евра европски пари преку грантови во изминативе три години му биле доделени на еден фризерски салон од програмата „Еразмус 2“. Станува збор за грантови кои се доделуваат на фирми што не им е едукацијата примерна дејност. Во продолжение на истражувањето беше објавено дека сомнежите за незаконско работење поврзани со првиот проект за кој „В.Е.З. Трејд“ со основна дејсност фризерски услуги чиј сопственик, според податоците од Централен регистар е Зоран Златковски, добитник на грант од Еразмус + насловен како „Едукација за медиумска писменост во дигитално опкружување“. Дополнително во истражувањето се наведува дека до Димова биле испратени дописи во кои учесници од грантот се пожалиле дека откако добиле пари на сметка им било побарано да ги вратат во кеш.
Димова преку сопштение објавено на нејзиниот Фејсбук профил ги демантира наводите кои ги оцени како „организиран напад “ и дека клеветите за тоа како финансирала фризерница ќе ги докажува на суд.
„Националната агенција не финансираше фризерница, иако и тоа е дозволено и се правело во минатото, туку го финансираше претријатието „Вредност на европско знаење“, чиј што скратен назив е В.Е.З. Трејд и исто така постои во Централниот регистар. Седиштето на оваа фирма е токму на адресата која ја посочува, каде по некоја случајност во овој момент се обавува фризерска дејност, бидејќи лицето кое го користи тој локал ја обавуваа таа дејност. Но, фризерот кој ја обавува таа дејност ниту е Зоран Златковски, ниту тоа лице има каква било поврзаност со грантовите на Еразмус + програмата“, вели Димова.
Таа истакна дека тврдењата изнесени за овој грант доделуван во рок од три години доаѓале во моментот кога таа како директорка ги истражувала наводните криминали од претходното раководство на Агенцијата. Соопштението објавено на нејзиниот профил, но и на интернет страната на Агенцијата е пишуван во нејзино име, но воедно е потпишано и во име на Зоран Златковски како управител на „В.Е.З. Трејд“.
Во тоа соопштение не е наведено какви навистина биле тие обуки што ги извршувал Златковски, туку генерално ја објаснува процедурата на добивањето на грантот и најавува дека ќе го тужи медиумот за објавените „невистини и клевети“.
Претходно, пак, на веб страницата на Националната агенција за европски програми денот кога се објави првиот дел од истражувањето побараа од јавноста трпеливост на патот до правдата.
„Националната агенција во изминатиот период изврши истраги и има отворено повеќе постапки за злоупотреба на средства. Поради тој факт, од тие засегнати страни периодов се соочува со неосновани напади кон угледот на институцијата, корисниците и соработниците. Ве молиме за трпеливост на патот до правдата и вистината на сајтот на Националната агенција“, се вели во писменото соопштение.
Освен грантовите за фризерницата, на социјалните мрежи се појавија и информации за финансирање на проекти како финансирање тренирање хрватско магаре и хрватски липицанер за што средно земјоделско шумарско училиште во Кавадарци добило 83 илјади евра.